Недела по Богојавление

1295427860_img_7900.jpg

1295427860_img_7900НЕДЕЛА ПО БОГОЈАВЛЕНИЕ

„Народот, што седеше во мрак, виде голема светлина, и на оние, што седеа во место на сенка смртна, им изгреа светлина“

(Матеј 4: 16)

ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!

Денес го слушнавме евангелското четиво кое е одредено да се чита во Неделата по Богојавление, во кое што ни се раскажува како Спасителот Христос, по крштевањето на реката Јордан и по 40- дневното искушување во Јорданската пустина, тргнал за Галилеја, во земјата на Завулоновото и Нефталимовото колено, за оттаму да замине на проповед. На прв поглед, можеби овој податок за повеќето од нас звучи како недоволно значаен детаљ од Христовиот живот и податок кој може и да се одмине. Меѓутоа, овој податок нè принудува да размислуваме за многуте старозаветни пророштва, кои го прет­скажуваат доаѓањето на Спасителот, а кои пророштва останале незабележани од избраниот еврејски народ, кој не поверувал во нив, ги отфрлил, погазил, а во исто време и не го прифатил Христос за свој Месија.

Имено, за појавата на Спасителот Христос говореле сите старозаветни пророци. Да се потсетиме само за миг на неколку од нив. Пророкот Михеј во својата книга запишал: „И ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу илјадниците Јудејци, од тебе ќе ни излезе Оној, Кој треба да владее во Израилот и чие потекло е од почетокот, од вечноста“ (Мих. 5: 2); праведниот Мојсеј ги запишал Божјите зборови: „Јас ќе им издигнам пророк од браќата нивни, каков што си ти, ќе ги ставам зборовите Мои во устата Негова и Он ќе им каже сè, што Јас ќе му заповедам; а кој не ќе ги послуша зборовите што ќе говори оној Пророк од Мое име, Јас ќе му се одмаздам“ (5. Мој. 18: 18- 19); а, пак, пророкот Малахија наговестил: „А за вас, кои се боите од името Мое, ќе изгрее сонцето на правдата, исцеление ќе има во зраците негови, и вие ќе излезете и ќе се разиграте како нахранети теленца“ (Малах. 4: 2). Но, пророштвото кое денес го слушнавме во евангелското четиво, кое го запишал евангелистот Матеј, а го искажал пророкот Исаиј, точно и прецизно ни ја одредува суштината на денешниот ден и конкретната ситуација која ја затекнал Христос со Своето излегување на проповед. Имено, пророкот Исаиј прорекол дека: „Земјата Заву­ло­нова и земјата Нефталимова, на пат кон морето, отаде Јордан, е незна­бо­жеч­ка Галилеја. Народот, што седеше во мрак, виде голема светлина и на оние, што седеа во место на сенка смртна, им изгреа светлина“ (Матеј 4: 15- 16).

Токму таква била состојбата кога Спасителот се појавил на земјата и ја започнал Својата проповед. Боговдахновениот пророк јасно го видел благодатното дејство на Христовата проповед, од која срцата на сите кои со вера ја прифаќаат се озаруваат со неискажлива благодатна светлина и се прогонува секаква темнина. Земјата Завулонова и земјата Нефталимова, каде што Господ отишол по Своето крштение, биле во соседство на јазичнички земји, па под нивно влијание прифатиле многу јазичнички обичаи и убедувања. Но, со појавата на Спасителот, овој јазичнички мрак бил расеан и народот здогледал голема светлина.

Но, иако од појавата на Спасителот поминаа две илјади години, иако Неговата спасоносна проповед стигна до секое човечко уво, и денес има луѓе коишто и понатаму седат во мрак и сенка смртна. И денес има луѓе кои не сакаат да ги прифатат најосновните спасителни вистини, упорно се предаваат на заблуди и на секакви пороци. Затоа нивниот живот е исполнет со нечесност и беззаконие. И меѓу нас, кои се нарекуваме дури и православни, има луѓе кои упорно живеат во гревовната смртна сенка, обоготворувајќи го секое бездушно нешто, својот ум, своите способности, па и самите себе. Таквите луѓе, кои сè уште живеат во темнина и кои не сакаат да бидат озарени од Христовата светлина, не можат да го сфатат човечкото достоинство, не знаат какво е неговото назначување во сегашниот живот, а какво во идниот, ниту, пак, го знаат патот како да стигнат до вечниот живот.

Не знаејќи го и не гледајќи го сето тоа, кое му е потребно на човекот како за овој, така и за идниот живот, луѓето упорно живеат како да не поседуваат разумна и бесмртна душа, се предаваат на пороците, не живеат благочестиво, па дури започнуваат да ги оправдуваат страстите и пороците и да ги сметаат за нормални појави. И, на крај, таквата човечка состојба навистина претставува темнина и сенка смртна, зашто нашата душа може да се просветува и да живее единствено преку познавањето на вистинскиот Бог и преку приближувањето кон Него со вера, надеж и љубов.

А евангелската проповед, Христовото учење, е вистинска светлина за нашата душа. Оној, кој со вера ја слуша евангелската наука, тој гледа голема светлина, според зборовите на Писмото. Христовата наука ни открива сè што човекот треба да знае за своето спасение. Тоа ни кажува дека човекот е создаден според Божјиот образ, за да му служи на Бога благочестиво и добродетелно, па на таков начин да достигне вечно спасение во небесните височини.

Свештената историја ни сведочи дека првиот човек згрешил, го навлекол врз себе Божјиот гнев и се подложил на вечна осуда, постанувајќи неспособен да го познае Бога и Неговата света волја. Милосрдниот Господ, пак, најпрво ветил, а потоа и го испратил во светот Својот Единороден Син Исус Христос, за да ги научи луѓето на вистинско познавање на Бога и за нивно спасение преку верата во Него, како Искупител и Спасител на светот. А Христос, пак, со Своето страдање и со крсната смрт, ја докажал Божјата правда и нè измирил нас со Отецот Небесен и на тој начин ни го отворил патот во вечниот живот.

Во книгите на Новиот Завет сè е напишано премногу јасно. Оној, кој со вера го прима тоа учење, тој ја гледа благодатната светлина, го спознава Бог Отец и Господ Исус Христос и Светиот Дух, го гледа своето назначување во вечниот живот, а го гледа и патот кој води кон достигнување на таа цел: тој пат е верата во Христа Исуса и исполнувањето на Неговите заповеди. Следејќи го своето назначение, човекот се труди да се оддалечува од пороците и да се усовршува во добродетелите, исполнувајќи ги заповедите. Оној, кој живее така, тој никогаш не паѓа во заблуда, туку, како при дневна светлина, го гледа патот кон Небесната Татковина и оди по него. При светлината на Христовата наука човекот може јасно да ги разликува слепите патишта, кои водат кон погибел и се труди да се оддалечува од нив, постојано цврсто газејќи по патот, по кој одел Самиот Спасител, повикувајќи ги сите да одат по Него: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и да оди по Мене“ (Матеј 16: 24).

Сите ние сме удостоени да бидеме просветени со благодатта и светлината на Христовото учење, но и покрај тоа што ги познаваме правилата и нормите за вистински христијански живот, во својот живот ние не покажуваме доволно дека постапуваме според духот на Христовата наука. Ние сме должни да мислиме, чувствуваме, говориме и постапуваме онака, како што мислел, чувствувал, говорел и постапувал Самиот Господ, онака како што ни заповедал во Своето свето Евангелие, за да не можат неверниците и оние кои сè уште живеат во мрак и сенка смртна да нè укорат дека ние не живееме според сопствената вера. Зашто, верата без дела е мртва (Јаков 2: 20). Освен тоа, подеднакво треба да се трудиме својата вера да ја преточиме во добри дела. Ако кај нас се појавува лагата, клеветата, омразата, злото, крадењето, тогаш нашата вера е лажна. Затоа, постојано својата вера да ја потврдуваме преку добрите дела, па на таков начин да го исполниме вечниот Христов завет: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен“ (Матеј 5: 16). Амин!

Протоереј Златко Ангелески

AdvertisementsOriginal Article

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

scroll to top