Недела по Рождество Христово

9-d181d0b2d18fd182d18bd0b5-d0bcd183d187d0b5d0bdd0b8d0bad0b8-14000-d0bcd0bbd0b0d0b4d0b5d0bdd186d0b5d0b2-d0bed182-d0b8d180d0bed0b4d0b0-d0b2.jpe

9 Святые мученики 14000 младенцев от Ирода в Вифлееме избиенныеНЕДЕЛА ПО РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО

(Недела на Светите Богоотци)

„Ирод, кога виде дека мудреците го измамија, се разгневи многу и прати, та ги уби сите младенци во Витлеем и по целата негова околина од две години и помали“

(Матеј 2: 16)

ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!

Веста за раѓањето на Спасителот на светот набргу се раширила по сите страни на Јудејската земја, и минувајќи ги нејзините граници, таа стигнала и во далечните многубожечки краеви, на Исток. Таа стигнала и до ушите на господарот на земјата, царот Ирод, кој за неа разбрал од мудреците, кои дошле од Исток во Ерусалим, за да се поклонат на новородениот Цар и Спасител на светот. Излегувајќи пред Ирод, тие го прашале: „Каде е новородениот Цар Јудејски?“, од кои зборови Ирод се запрепастил, бидејќи се исплашил дека новородениот Цар ќе му ја преземе круната и престолот. Затоа веднаш скроил план како ќе се ослободи од својот ривал, кој сеуште не го познавал. Па така намислил да Го убие веднаш, штом ќе го пронајде.

Карактеристична црта на човечката злоба е таа што, кога човекот е заразен од неа, не расудува и не ги исчекува настаните да се случат до крај. Што го поттикнало Ирод да Го гони Христа? Нормално, веста од непознатите лица дека ќе се роди јудејскиот цар. Потоа мудреците заминале и повеќе не се вратиле. Ако Ирод спокојно размислувал за веста која ја разбрал, тој ќе сфател дека новиот Цар дури и да е таков, каков што тој мислел дека е, нема да се бори со него за власт, зашто, додека порасни, Ирод повеќе нема да биде жив. А, пак, кој ќе биде наследник на Иродовиот престол, тоа апсолутно не зависело од него и од јудејците, туку директно од римскиот цар. Ако не беше заразен од злобата, Ирод самиот ќе земеше да ги прочита пророштвата од Стариот Завет и да види дека новиот Цар ќе биде Божји Син и нема да чезнее за Иродовиот престол, ниту, пак, некоја земна власт ќе може да го попречи во делото, кое Он треба да го изврши.

Какви мерки превзел Ирод за да Го погуби младенецот Христос? Тој измислил еден неверојатен план, зашто уште во свое време Ирод бил познат по својата жестокост и свирепост. Тој свирепо ги убил своите родени браќа и нивните семејства, ја убил дури и својата мајка, а со смртна казна ги казнувал сите оние кои ги сметал за свои противници. Убиството на 14- те илјади невини дечиња било само едно од неговите безбројни престапи. Овој престап е толку многу тежок, зашто убиените не биле ни престапници, ниту, пак, некои кои може­ле да му наштетат на Ирод, но, сепак, тој дал наредба тие да бидат убиени.

Христовата Црква го почитува споменот на уби­ените младенци и ги смета за маченици, иако тие пострадале многу време пред првиот маченик, архиѓаконот Стефан. А, пак, името на Ирод и меѓу христи­ја­ните и меѓу нехристијаните станало синоним на човек – злосторник. И ако не знаевме ништо за неговите останати престапи, доволно ќе беше од Евангелието да знаеме за неговата желба да Го убие невиниот Младенец, како и убиството на невините деца, па да имаме претстава за каква личност станува збор.

А како што спомнавме во почетокот, Ирод не е сам во светот, туку, напротив, Иродовци има многу. Најпрво оние, кои и во денешно време преземаат гонења против Христа и Неговата Црква, а потоа и оние кои ги убиваат телата и душите на невините младенци. Зарем историјата не е сведок за убиствата на илјадници и илјадници христијани почнувајќи од времето на Ирод, Нерон, па сè до гонењата од наше време низ разни земји под притисокот на разните политички убедувања и владеачки системи. Сите тие гонења имаа една цел: да го исфрлат Христовото име од сознанието на луѓето. Но сето тоа беше напразна борба! Како што Ирод во својата безумна жестокост не можел да Го убие младенецот Христос, така и денешните гонители на Христа и на Црквата побргу самите себе ќе се погубат, но Христос ќе пребива во векови.

Но и меѓу нас, кои се нарекуваме православни христијани, има многумина кои напразно го носат тоа име, а по своите дела го подражаваат Ирод. И денес безброј невини деца умираат заради нашите гревови. Некои младенци се убиени уште пред нивното раѓање, од жени кои не сакаат да постанат мајки и одат против природата и против Божјиот закон. Други умираат во најмала возраст, зашто нашето себељубие и среброљубие не дозволува да им се помогне на овие невини суштества во борбата против разните болести. Но, најмногу деца не загинуваат телесно, туку духовно, заради недостиг на домашно воспитување и заради нашите непремислени постапки во текот на животот. Со своите неумесни зборови и со својот грешен начин на живот ние постојано ги соблазнуваме малите деца и ги учиме и воведуваме во грешен и порочен живот, и покрај тоа што Спасителот рекол: „Кој соблазни едно од овие мали, за него е подобро да му се обеси воденички камен на вратот и да потоне во морска длабочина“ (Матеј 18: 6). А какви се тие соблазни, за кои што говори Христос? Еве неколку примери:

Се случува некој да тропне на вратата или да заѕвони на домашното ѕвонче, а родителите му велат на детето: „Оди, кажи му на оној човек дека не сме дома“. На таков и на други слични начини детето се учи да лаже, а таа лоша наука ја учи токму од сопствените родители.

Во други, пак, семејства родителите често се караат, таткото постојано пцуе, а мајката колне, па дури се случува пред своите деца и да се степаат. И што ќе научат таквите деца од своите родители? Ќе научат и тие да пцујат, да пре­­зборуваат на постарите, а со текот на времето ќе станат и професионални разбојници.

Постојат и други поспецифични начини на соблазнување. Има и деца кои се добро воспитани и уште од мали научени на Божји страв. Но, кога ќе влезат во пубертетската возраст, кога ќе се стекнат со своите први другарства, во тие години ќе се појави некој нивни нов другар, или, пак, наставник, кој ќе се обиде да ги убедува дека тие досега живееле во заблуда, дека не постои никаков Бог, дека може да живее потполно слободно и независно од никого, и дека може да извршува секакви престапи, само да внимава да не биде фатен.

Сите тие, родители, другари и наставници, кои ги соблазнуваат малите деца, го продолжуваат делото на Ирод. Навистина, тие не го умртвуваат телото на децата, но прават нешто многу пострашно: ги умртвуваат нивните души. Душите на убиените младенци од страна на Ирод ќе отидат право во рајот при Божјите ангели. Но, душите на соблазнетите деца од наша страна, кои ги прифатиле нашите соблазнителни зборови и започнале да живеат грешен начин на живот, по наша кривица, ќе отидат во вечните маки. Затоа, нивната смрт е потрагична, отколку телесната.

Затоа, да внимаваме што правиме и што зборува­ме, особено, ако околу нас има деца. Да ги слушнеме зборовите на светиот апо­стол Павле, кој нè советува: „Гледајте, колку внимателно треба да постапувате: не како неразуми, туку како мудри“ (Ефес. 5: 15). Мудроста, за која овде говори апостолот, не ја означува мудроста во знаење на многу науки, туку, означува дека треба да бидеме внимателни во своите постапки. Истиот апостол додава и советува: „Блудство и секаква нечистота или, пак, користољубивост дури да не се спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на светии, ниту, пак, срамни и празни зборови или смешки, што се неприлични, туку само благодарности“ (Ефес. 5: 3- 4). Овие зборови нека н# поттикнат во понатамошниот живот да си поставиме задача повеќе да не соблазнуваме, туку постојано да ги воспитуваме помалите од нас со убави зборови и дела. Амин!

AdvertisementsOriginal Article

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

scroll to top