13. Недела по Педесетница – евангелие за лошите лозари!

Example Admin User · 3 years ago

    4 minutes, 8 seconds


Свето евангелие според светиот апостол Матеј

Свето евангелие според светиот апостол Матеј

 

21:33-42

  1. Чујте друга парабола! Имаше еден човек домаќин, кој насади лозје, го загради со плот, ископа бунар, направи кула и, откако го предаде на лозарите, си отиде.

  1. И кога наближи времето за берење, тој ги испрати при лозарите своите слуги, за да му ги приберат плодовите.

  1. Но лозарите, кога ги фатија неговите слуги, едниот го претепаа, другиот го убија, а третиот со камења го засипаа.

  1. Тој испрати сега други слуги, повеќе од првите; но и со нив направија исто.

  1. Најпосле го испрати при нив својот син, велејќи: »Ќе се засрамат од сина ми.«

  1. Но лозарите, штом го видоа сина му, си рекоа меѓу себе: »Овој е наследникот; ајде да го убиеме и да го присвоиме наследството негово.«

  1. Па, како го фатија, го изведоа надвор од лозјето и го убија.

  1. А кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие лозари?”

  1. Му одговорија: „Злочинците ќе ги погуби, а лозјето ќе го даде на други лозари, што ќе му ги даваат плодовите навреме.”

  1. А Исус им рече: „Зар не сте читале во Книгите: »Каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот: Тоа е од Господа и чудесно е во очите наши.«

 

Пораката од денешното евангелие (види: Матеј 21, 33–42) најдиректно се однесува на денешните лозари, односно на новозаветното свештенство: епископите, презвитерите и ѓаконите; како и на денешното лозје – новозаветниот народ Божји, Црквата.

Толкувањето, пак, на ова евангелско четиво од аскетско-исихастички аспект ни ги открива причините поради кои се убивани испратените слуги – пророците, и Синот, Христос.

Во врска со тоа се наметнуваат две прашања:
прво, кој или каков плод требаше да Му принесат лозарите (свештенството) на Бог?

И второ, каков плод тие, всушност, произведуваат сакајќи истиот да го задржат за себе, откако веќе го присвоиле лозјето?

Согласно светиот апостол Павле, плодот на Духот што лозарите (свештенството) требаше да Му го принесат на Бог од Неговото лозје (верниот народ Божји) се добродетелите:
„љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста“ (Гал. 5, 22).

За да се постигне оваа црковна цел, свештеникот Божји (епископот, презвитерот) најнапред треба самиот да се очисти од страстите на срцето, да го просветли умот и ако може, да се обожи,
а потоа и доверениот народ Божји да го поведе по тој пат на чистење од страстите, просветлување и обожение.

Самиот смирено да се вгради во единството на Црквата,
а потоа и со своите духовни чеда да го надградува тоа единство.

Страстите се главната причина поради која се нарушуваат, прво, внатрешниот мир и духовниот развој на самите членови на Црквата, а потоа и љубовта и мирот меѓу нив, односно црковното единство.

Еве како светиот апостол Јаков ја опишува борбата што во нас и меѓу нас настанува поради страстите:

„Од каде се војните и расправиите меѓу вас?
Не оттаму ли – од вашите страсти, кои се борат во органите ваши?
Пожелувате и немате; убивате и завидувате, и не можете да добиете; се препирате и војувате, а немате, бидејќи не молите.
Просите, а не добивате, оти зло барате, за да го трошите во вашите страсти“ (Јак. 4, 1–3).

Така, на оние лозари (свештеници) кои се обземени од самољубието не им одговара лозјето (народот Божји) да принесува плодови што Му се угодни на Бог, туку главно плодови што ќе ги хранат нивните страсти.

А многу е очигледно дека сè започнува од страстите славољубие, среброљубие и сластољубие на лозарите:

„Овој е Наследникот! Ајде да Го убиеме и наследството ќе биде наше“ (Марко 12, 7).

Денес, во пракса, повторно можеме да ги забележиме истите три подгрупи на главната страст самољубие што се пројавуваат кај лозарите, т.е. свештенството:

Славољубието ги принудува луѓето да се борат меѓу себе за власт и слава, па дури и на штета на црковното единство и на штета на севкупното сведоштво Христово што Црквата треба да го покаже во овој свет, за негово спасение:

„По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13, 35).

Денес, сите сме сведоци дека наместо љубов и црковно единство, во свештенството се случува борба за црковна превласт, за човечка слава и пофалби, од локално ниво, па до ниво на цела православна екумена.

„Ако живееме со Дух, по Духот сме должни и да постапуваме. Да не бараме лажна слава, еден друг да не предизвикуваме, еден на друг да не завидуваме“ (Гал. 5, 25–26).

Среброљубие – оваа страст ја задоволуваат така што му даваат предност на она служење во Црквата од коешто финансиски се богатат, а служењето што финасиски не ги задоволува, се запоставува.

Сведоци сме сите дека денес се запоставува Светата Тајна Евхаристија, причестувањето со Телото и Крвта Христови, како и Светата Тајна Покајание, исповедување на гревовите и духовното раководство – за кои, фала Му на Бога, не се наплатува.

Сластољубието ги принудува луѓето да ги задоволуваат своите телесни страсти, било да е тоа насладување со храна или насладување со блуд.

Оваа страст се пројавува, на пример, и во тврдењето на некои од свештенството дека секогаш можат да се причестат и без да постат, додека истовремено верниот народ го условуваат и принудуваат да пости и повеќе од она што Светата Црква водена од Светиот Дух го определила.

Можеби сето ова што го говорам не е многу популарно да се каже, но зошто да го премолчуваме она што Светото Евангелие толку јасно ни го предочува?

Говорејќи го ова, не се изземам себеси од оние што сè уште се борат со своите страсти, да не си помисли некој.

Говорам заради оние што немаат ни поим што им се случува, иако е тоа толку очигледно.

Сепак, да се молиме за нашето свештенство, а не да го озборуваме и осудуваме… На тој начин, Божјиот благослов ќе остане со сите нас!

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум  (2017)

Source: https://pokajanie.mk/2020/09/02/22749/

Share:

Example Admin User

All author posts

Related Posts

Image Description
3 years ago

Свети Мало, првиот епископ на Сен-Мало

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ МАЛО, ПРВИОТ ЕПИСКОП НА СЕН-МАЛО И ЕДЕН ОД ЛЕГЕНДАРНИТЕ ОСНОВАЧИ НА БРЕТАНИЈА,[1] ЧИЈ СПОМЕН ЦРКВАТА ГО СЛАВИ НА 15 НОЕМВРИ (487-565; велшки: Mach Lou; бретонски: Malou; латински: Maclovius) Свети Мало е келтски светител, еден од легендарните основачи на Бре...

Image Description
3 years ago

Преподобен Теофил Струмички, моли се за нас оче свети! (23. октомври)

Преподобен Теофил Струмички Блажениот Теофил се родил од побожни родители во близината на градот Тивериопол, денес Струмица, Македонија. Имал добра и кротка природа. А кога наполнил тринаесет години, станал послушник на преподобниот старец Стефан. Старецот три години го поучувал на стравот Божји и г...

Image Description
3 years ago

Свети Кирил Александриски

СВЕТИ КИРИЛ АЛЕКСАНДРИСКИ ЖИВОТОПИС, ТВОРЕШТВО И КАРАКТЕРИСТИКА Многу се светилниците на верата и благочестието, на правомислието и поборништвото во православниот Исток – еден од нив е и свети Кирил, архиепископот Александриски. Животописните податоци за овој столб на православието се многу ограниче...