„…Да не само лажно се нарекуваме браќа и сестри по име, да не само се поздравуваме со Христовиот целив „Христос помеѓу нас – Е, и ќе биде“, туку тоа вистински да го покажуваме и на дело. Да покажеме дека Христос е помеѓу нас, да покажеме вистински дека сме Христови ученици со тоа што ќе покажеме вистинска Христова љубов помеѓу нас.

Да не ги лажеме само луѓето во светот дека сме Христови, дека постиме и се молиме, дека се каеме и дека се исповедуваме, бидејќи Старец Порфириј вели дека е тоа „само двојка на нашиот пат кон Царството Небесно“. Тоа е само малку повеќе од доволно.

Треба да се трудиме и да ги стекнуваме сите Евангелски добродетели, да стекнуваме милостиво срце, да стекнуваме и кротост и трпеливост кон нашите ближни и кон нашите браќа и сестри, да се потрудиме да ги покриваме нивните гревови и нивните слабости.

Ние денес имаме многу четива и многу книги од свети старци и Свети Отци, ги читаме постојано, но малку од тоа исполнуваме. Таму, кога ќе читаме во Житијата на Светиите и во поуките на Светите Отци, гледаме дека светителите и преподобните велат дека кога братот твој греши смртно пред тебе и кога и со твоите телесни очи го гледаш неговиот грев, треба да го покриеш со својата љубов, со својата кротост и молитва.

Да се молиме за братот кој паднал, бидејќи и ние утре може да паднеме. Ако Бог ја тргне раката од нас, и ние ќе паднеме уште пострашно и уште подлабоко од братот којшто го осудуваме, затоа да внимаваме особено кога приоѓаме кон Телото и Крвта Христови, да не дозволиме нашата совест да нѐ изобличува за ништо, за никаков грев, за никаква гневна, злобна или осудувачка помисла кон нашиот ближен.

Ако имаме макар само една помисла на нетрпеливост или злоба кон нашите ближни, а сме се осмелиме да пријдеме кон чашата Христова, тогаш таа ќе биде не благодат која ќе нѐ очисти, освети и обожи, туку ќе биде оган кој ќе нѐ спали и ќе навлече на нас уште поголема осуда Божја, уште поголем гнев Божји и отстапување на Благодатта Божја од нас.

Архимандрит Пајсиј Хилендарец кажува еден пример за еден голем светогорски старец, кој на своите ученици им дозволувал да се причестат дури и ако поради телесна слабост го прекршувале постот со млечни производи и во среда и во петок, но никако не им дозволувал да се причестат доколку имале гнев кон некој од браќата.
Истото тоа го поучува и старец Порфириј, па едно момче кога го прашало:

„Старче, дали може да се причестам?

– Тој му рекол: „Дали имаш гнев или нетрпеливост кон некого?“

– момчето му рекло: „Не“,

– „Тогаш може“.

Не го прашал ниту дали постел, ниту дали се молел, ниту дали се трудел во некоја друга добродетел, туку го прашал дали срцето и умот му се смирени кон неговите ближни.

Затоа да внимаваме, денес да се потрудиме, не само како лани да одиме на ручек кај нашите ближни, баби и свекрви, роднини и пријатели, и само формално да си кажеме „прости, прости“ и да си ги целиваме рацете, така празно и без чувства, туку да се сетиме на сите оние со кои што сме имале немир, кавга, расправија или нетрпеливост.

Најпрвин ние во срцето да им простиме и да се помолиме Бог да ни даде милостиво срце, да ни даде познание на сопствените прегрешенија, па да појдеме и вистински од срце длабоко да побараме прошка без да се оправдуваме себеси, без да се вадиме на околностите, ситуациите и луѓето, кои што наводно привидно предизвикале немир и нѐ извадиле од кожа, бидејќи тогаш тоа ќе е само лицемерно покајание пред Бога.

Немаме оправдување за гневот, немаме оправдување за злопамтењето на злобата од нашите ближни, апсолутно за ништо.

Колку и да ни грешат нашите ближни, колку и да нѐ навредуваат, оговораат, осудуваат, распнуваат, измачуваат, озборуваат и клеветат, во никаков случај не смееме да се гневиме на нив, сфаќајќи и познавајќи дека сѐ доаѓа од раката Божја. Ако Бог тоа го допуштил, го допуштил поради нашите гревови, поради нашата гордост и самољубие, за ние да се смириме, за ние да се поправиме, да согледаме кај себе од што ние страдаме и да се исцелиме.

Бидејќи ако не сме му направиле никакво зло на тој ближен којшто во моментот ни прави на нас зло, тогаш сме му направиле на некој друг, па Божјата правда допуштила сега преку него тој да нѐ потсети на некој наш грев или на некоја пакост којашто ние во минатото сме ја направиле кон некој наш ближен или пријател…“

Извор:

Публикувахте от МАНАСТИР СВ.ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ в 7 март 2018 г.