Бисери од мудроста на свети Јован Златоуст

Бисери од мудроста на свети Јован Златоуст

Бисери од мудроста на свети Јован Златоуст

Кога има корумпирани (во духовно распаѓање) владетели, советници, судии, свештеници, тогаш ништо веќе не може да го спречи народот од расипување.

Пилињата имаат крилја за да ги избегнат замките, а луѓето имаат разум за да ги избегнат гревовите.

Не ќе имаше потреба од зборови, ако блескаше нашиот живот. Не ќе имаше потреба од учители, ако покажевме дела. Никој немаше да остане неверник, ако ние христијаните бевме навистина христијани.

Да се почитуваме еден со друг, за да научиме да го почитуваме и Бога. Оној кој е дрзок пред луѓето, дрзок е и пред Бога.

Не ми го покажувај атлетот во моментот на вежбање, туку во моментот на борба. Не ми ја покажувај твојата побожност додека слушаш свештени зборови, туку во моментот на практична примена.

Во ниеден грев ѓаволот не ги приковува со толку клинци душите, како во среброљубието.

Навистина богат е оној кој нема потреба од ништо. Значи скромниот.

Ако сакаш да им оставиш богатство на твоите деца, остави ги на промислата Божја. Он, кога ќе види дека Му покажуваш толкава доверба и го признаваш за сонаследник, како да не им го обезбеди секое добро?

(Светителите) ги презираат парите, ја избегнуваа славата, беа слободни од животни грижи. Бидејќи ако не беа такви, туку да беа робови на страстите, дури и да воскреснуваа милиони мртви, не само што не ќе имаа воопшто полза, туку би можело да се сметаат и за измамници.

Такви луѓе (кои веруваат поради чуда) постојат и денес многумина, кои имаат име на верници, но се колебливи кон верата и нестабилни. Затоа ниту денес Христос не се доверува себеси, туку повеќе се крие…

Немој да бараш чуда, туку барај здравје на душата… Не барај да видиш слепец да се исцели, туку внимавај на сите кои ја гледаат сега најубавата и најполезна глетка и научи се и ти да гледаш со целомудреност и обиди се да го поправиш твоето око.

Не нè понижува фактот што не чудотвориме доколку се грижиме главно за добродетелта. Бидејќи преку чудата самите сме полезни, но преку нашиот живот и дела сме му полезни на Бога.

Погледни (го Павле) како дејствува, и никаде не чудотвори без причина, туку од потреба; бидејќи и во текот на невремето пророкуваше бидејќи имаше потреба, а не без причина…

Никој да не ги возвеличува чудата. Бидејќи демонот страда кога е истеруван од телото на човекот, а уште повеќе, кога ја гледа душата ослободена од гревот… Ако го отфрлиш гревот… ќе покажеш чудо, поголемо од сите други чудеса.

Црквата беше основана од Бога и беше утврдена со крвта на мачениците. Но пак многумина ја напаѓаат и ја клеветат, без да учат од историјата, дека сите кои се бореа против неа – исчезнаа, додека напротив, таа се возвеличи дури до небото. Бидејќи Црквата кога е напаѓана – победува; кога зборуваат против неа лошо, таа се прочистува, кога ја навредуваат, таа станува уште посветла. Често пати прима напади, но не е победена никогаш, се разнишува, без да потоне, поднесува различни зла, но никогаш не претрпува бродолом. Се бори, без никогаш да поразува.

За сфаќањето и смислата на љубовта ја озакони Бог милостината. И без милостината Бог беше во позиција да ги сочува сиромашните. Но ја пренесува грижата на нас, за развој на меѓусебните ни врски на љубовта и нашите топли односи.

Поради која причина апостолот Павле, смртта Христова ја нарече смрт, а нашата, пак, ја нарече заспивање? Не само тоа. Од една страна ја нарече смрт за да се потврди Неговото страдање, а за нас смрт ја нарече, за да ја утеши нашата болка, бидејќи оној кој спие задолжително ќе стане, и смртта не е ништо друго освен продолжен сон.

Црквата е кораб на спасението, многу повозвишена од кивотот на Ное. Овде, – вели светиот Златоуст, – Црквата „ги прима животните и ги претвора (преобразува)… влегува петел, а излегува гулаб. Влегува волк, а излегува овца. Влегува змија, а излегува јагне, не ја претвора природата, туку злобата која ги води“.

Немаше да има ниту еден идолопоклоник, ако бевме навистина христијани: ако ги пазевме заповедите Христови, кога нè онеправдуваат и кога го грабаа нашето; ако ги благословувавме кога нè навредуваа; ако им правевме добро кога нè повредуваа. Ниту еден не ќе беше толку голем ѕвер, та да не трча по благочестивоста, ако сите ние ја запазувавме оваа тактика.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Πνευματικά Ορθόδοξα Μηνύματα Σωτήριου Οικοδομής
Εκδόσεις Ορθόδοξος Κυψέλη
Θεσσαλονίκη