Богослужбени одежди: стихар

Богослужбени одежди: стихар

Богослужбени одежди: стихар

rsz_стихари

Ќе се зарадува душата моја во Господа, зашто во риза на спасението ме облече и со одежда на веселие ме промени; како на жених ми стави венец, и како невеста ме украси со убавина.

Ова е молитвата која свештенослужителот ја кажува при облекување на стихарот. Во неа тој се нарекува риза на спасение и одежда на веселие, на радост. Оваа едноставна бела ленена кошула со долги ракави символ е на духовната радост и на спасението во кое се облекува човечката природа која на Бога Му принесува служба. Таа радост му заблеска на човекот преку натварната таворска светлина на славата Божја, таа белина ја приготвил Бог за секој човек кој преку личното преображение ќе влезе во наследство на спасените: „Околу престолот, пак, имаше дваесет и четири престоли; а на престолите видов седнати дваесет и четири Старци, облечени во бели алишта, а на главите имаа златни венци(Откр. 4,4). И понатаму: „Потоа видов, и ете, големо мноштво народ, кое што никој не можеше да го преброи – од сите племиња и колена, народи и јазици; тие стоеја пред престолот и пред Агнецот, облечени во бели облеки и со палмови гранчиња во рацете“ (Откр. 7, 9).

Стстихарихарот (стихарион) своето име го добил од грчкиот збор στιχος што значи ред, стих, потег, линија и ги означува златните линии на везот или панделките сошиени на долниот крај од кошулата. Таа уште се нарекува alba, tunika или camisia според латинскиот назив на долната кошула кај римјаните, која кај елините се нарекувала хитон (hiton). Стихарот е кошула која го покрива телото од вратот до стапалата, затоа уште се нарекува и подир и одговара на Ароновата долга ленена кошула. Бојата обично ѝ е бела дури и ако другите делови од одеждите имаат некоја друга боја. За прв пат ја спомнува тирскиот епископ Павлин, во третиот век, нарекувајќи ја подир, т.е. облека која допира до нозете. Писмен спомен за стихарот имаме и во четвртиот канон на Картагинскиот собор, во 398-ма година, како и кај свети Григориј Богослов во неговата беседа при епископската хиротонија (орат. В. н. 4. Migne, XXXV. 829). Според свети Симеон Солунски (Migne, Patr. Т. 155. п. 251.) стихарот потсетува на блескаво белата облека во која се појавиле ангелите за време на Христовото воскресение и вознесение (Лука 24,4; Дела 1,18). Стихарот е заедничка одежда за сите ерархиски степени на свештенството, но архиерејскиот стихар вообичаено има пантлики, таканаречени реки (potamo) со пурпурна, темно виолетова или црна боја, и го покажуваат правото на поучувањето, т.е. укажуваат на тоа дека епископот е учител par exellance во Црквата, оној кој е на местото Христово и во образот Христов во Црквата. Тие исто така ги символизираат реките на крвта Христова која се пролева за спасение на светот.

Митрополит Методиј (Златанов)