Бракот и девственоста

Бракот и девственоста

Бракот и девственоста

roschenya150313БРАКОТ И ДЕВСТВЕНОСТА

Бракот е тајна, во која мажот и жената, при нивно слободно ветување за взаемна сопружничка вредност, пред свештеникот и Црквата, се благословуваат за брачна врска, како праслика на духовниот сојуз меѓу Христос и Црквата. Со благословот, од Господа се проси и благодат за чисто еднодушие кон благословено раѓање и христијанско воспитување на децата.

Бракот е востановен од Самиот Бог во рајот. И рече Господ: „Не е добро за човекот да биде сам; да му создадеме помошник, сличен на него!… И Господ Бог создаде жена од реброто, што го зеде од човекот, и ја доведе кај човекот“ (1. Мој. 2: 18, 22).

На создавњето на жената му претходи Божјиот Совет, исто како и за создавањето на мажот, но не толку торжествено. Првото создавање на мажот е торжествено, зашто во него се содржи сеопштото суштествено определување на човекот, а второто е делумно, односно, само надополнување на првото. Не било убаво за Адам да биде сам, најверојатно, затоа што, откако го видел целиот создаден жив свет, тој веќе почувствувал потреба за помошник, подобен на него (1. Мој. 2: 20).

Како последица на прегледот и нареченијата на животните, се заклучило дека за човекот не се нашол помошник, подобен на него. „Не се нашол“, е многу поверодостоен израз, отколку „не било“ или „немало“. Првиот израз претполага да се сфати како барање или посакување на одреден предмет. Според тоа, очигледно е дека, разгледувањето на животните, кои биле создадени по парови, го довело човекот до размислување за сопствениот пар. Се случило ли тоа како последица на Божјата намера, да го приведе човекот кон таа помисла, или човекот дошол до таква идеја, следејќи ги само инстнктите на чувствителниот свет, на ова прашање Мојсеј не одговара. На крајот, Бог го оправдува создавањето на помошничката, со фактот што човекот сам го побарал тоа.

„Законот на бракот“ се содржи во следниве зборови: „Затоа ќе го остави човекот таткото свој и мајката своја и ќе се прилепи кон жената своја; и обата ќе бидат едно тело“ (1. Мој. 2: 24). Овој закон го произнесе Адам во истиот момент по создавањето на жената, сигурно, не без волјата на Светиот Дух, зашто токму на овој закон, како на темел за формирање на бракот, укажува и Самиот Спасител (Матеј 19: 5). Во цитираните зборови, својството на брачниот сојуз се објаснува со споредба со природниот сојуз меѓу родителите и децата и покажува дека првиот е нераскинлив, во однос на вториот. Впрочем, напуштањето на таткото и мајката и прилепувањето до жената се однесува на заедничкиот живот, а тоа не значи дека прекинува природната љубов и благодарност на децата кон родителите. Одделувањето од таткото и мајката му се припишува на мажот, затоа што мажот, а не жената, основа дом и семејство, кое е одделено од родителскиот дом.

Тесниот сојуз на брачната врска, манифестиран е со уште поголема сила, преку изразот „една плот“: создадената жена се соединува со мажот во таква врска, во која двајцата постануваат една плот. Точниот разум на овој првоначален и сеопшт закон за сопружништвото е таков, така што апсолутно се исклучува многуженството и своеволното раскинување на бракот, но не и девството и целомудреноста.

„Ламех зеде две жени: на едната ѝ беше името Ада, а на другата Села“ (1. Мој. 4: 19). Ете го почетокот на многуженството. Постапката на Ламех е осудена не само од првоначалниот закон за бракот и високото Евангелско учење, туку и од Мојсеевиот закон за бракот (3. Мој. 18: 18). Навистина, несовршенството на бракот се сретнувало и кај патријарсите во Стариот Завет, но само тогаш, кога човечкиот живот бил скусен, а верата на патријарсите и самата Божја промисла имале потреба од брзо размножување на избраното племе. Но, на Ламеховото многуженство, при кое не гледаме такви услови, поинаку не можеме да гледаме, освен како на самоволно дејство или задоволување на страстите. За оправдување на Авраамовото двоженство (1. Мој. 16: 1-4), потребно е да се забележи: прво, тоа му било предложено од законитата сопруга, па со самото тоа било оддалечено од секаков вид на невоздржливост; второ, неплодството на Сара му давало на Авраам право на втора сопруга, исто како што и Сара, од истата причина, можела да ѝ го соопшти на Агара своето право, одлучувајќи самата истото да не го користи; трето, нивните постапки се осветени со намерата да го стекнат ветеното семејство; четврто, доколку слабостите на смртниците се покриени со милосрдноста на Бог, тогаш, залудно ги осудуваме оние луѓе, заради една нивна слабост.

Зборовите од книгата Постанок, кои се однесуваат на брачниот сојуз, апостол Павле ги дополнува со следниве зборови: „Оваа тајна е голема. Но, јас ви зборувам за Христа и за Црквата“ (Ефес. 5: 32). Според тоа, на брачниот сојуз потребно е да се гледа не само како на природна врска, туку и како духовна, која има свој висок таинствен образ во врската меѓу Христос и Црквата. А, доколку брачниот христијански сојуз е таинство и образ на сојузот меѓу Христа и Црквата, тогаш совршениот брачен сојуз може да биде само еден, така, како што Христос има само една невеста – Црквата, а и Црквата има само еден Жених – Христос.

Оттука се заклучува мудроста на Православната Црква, зашто таа, за сите христијани, за совршенство признава само еден брак. Вториот брак Црквата го допушта според снисходливоста кон човечките немоќи, а третиот се допушта преку волјата на Црквата, со епитимија, како неослободен од гревот, одвраќајќи со ова несовршено дело поголемо зло, прељуба надвор од бракот. Според тоа, совршено е праведно, свештеникот да има еден брак, кој треба да биде совршен, а не таков, каков што имаат некои мирјани – несовршен (исполнет со кавги, недоразбирања, малтретирања…). Важен е сопружничкиот сојуз: нему му е доверено продолжувањето на постоењето на човечкиот род. Непосредно по создавањето, мажот и жената примаат од Творецот благослов за умножување на својот род, според Неговите намери, поттикнати во чистота и радост кон чедољубие. Со ветувањето за умножување на родот, Бог му дава на човекот сила да произведува подобни на Себе, за што не е потребно да се бара друг извор на човечките души, освен душата на првиот човек. Преку ова ветување, Бог е Творец и на сите други далечни Адамови потомци, подеднакво како и на самиот Адам. И бидејќи секој се раѓа со способност да раѓа, тогаш, нема сомневање, дека во Адам ова благословување го стекнал целиот човечки род. Тоа се сочувало и среде сеопштото проклетство, зашто благословот длабоко е всаден во човечката природа. Ветувањето за многудетство не треба да се сфати како заповед, која налага неопходна задолжителност за раѓање на деца. Подобно благословување им е дадено и на бесловесните (1. Мој. 1: 22), за кои тоа не е заповед. Но, Бог ги искажува Своите ветувања така, како да се заповеди: зашто со власт ги повикува и поставува пред очите на луѓето сите настани.

Затоа Божјото Слово ги признава децата не само како наследство на родителите, туку како и Божја сопственост: „Ете, наследството Господово се синовите, дар од Него е породот“ (Псал. 126: 3). Која мајка би можела било кога да рече: ќе имам плод!? Кој татко би можел да рече: ќе имам син!? Зачнувањето и раѓањето не се извршува без Божја Промисла: и едното, и другото се Божјо дело, Божји дар. И така, за сопружниците е благослов и среќа да го видат породот свој „како новонасадени маслини околу трпезата“ (Псал. 127: 3). Ако заповедта: „Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата“ (1. Мој. 1: 28), Господ им ја доверил на луѓето како продолжување на Своето творечко дејствие, тогаш, според тоа, во учењето на оние, кои сосема го отфрлаат бракот, се дигаат против бракот насилно, а други се против законот на бракот, вооружувајќи се со лажни учења, па дури и со железо, ете, кај нив јасни и очигледни се цртите на духот на прелеста и бесовското учење. Несфталиво е како, таквите наставници, не слушнале и не слушаат, колку страшно одекнуваат апостолските зборови (како громови грмат) над нивните новоизмислени мудрувања и над нивните глави. Преку устата на свети апостол Павле, „Духот јасно зборува дека во последните времиња некои ќе отстапат од верата, слушајќи измамливи духови и ѓаволски учења, преку лицемерството на оние, што зборуваат лага и имаат жигосана совест; кои што забрануваат да се стапува во брак“ (1. Тим. 4: 1-3). Каде водат оние лажни учители, кои немаат дар на девственост, а нè учат на сеопшта безбрачност? Зарем не нè водат до порочна пропаст, а потоа и до пеколната бездна? За безбрачниот живот, Спасителот Христос им рекол на апостолите: „Не сите го примаат овој збор, а само оние, на кои им е дадено“, односно, сите не можат да живеат безбрачно, а само некои, кои имаат дар на постојана девственост: „Кој може да прими, нека прими“ (Матеј 19: 11, 12). Така секој, со мирна совест,  согласно Христовите зборови, може да го избере она, кое може да го смести: или светата девственост, или благословениот брак, не плашејќи се од неблагословените наставници, кои мечтаат со своите лажни заповеди да го разурнат сенародниот благослов Божји врз луѓето: „Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата“ (1. Мој. 1: 28).

Свети Филарет Московски

Advertisements