ЧУДОТВОРНИ ИСЦЕЛЕНИЈА – СВЕТИ НИФОНТ

ЧУДОТВОРНИ ИСЦЕЛЕНИЈА – СВЕТИ НИФОНТ

ЧУДОТВОРНИ ИСЦЕЛЕНИЈА – СВЕТИ НИФОНТ

Еден ден дојде некој и му рече на преподобниот отец:

– Дали слушна, оче? Некое девојче посвоено од жената на Саватиј, онаа која те одгледа, лежи тешко болно. Ако можеш, трчај да го помилуваш, бидејќи е при крај…

– Што зборуваш, дете мое? – се побуни светителот. – јас да го помилувам?

Не е тоа мое. Само Бог има милост. Може ли слепец слепец да води?

Не ќе паднат ли обајцата во јама?

Сепак… ќе појдеме, за да не ги слушнеме од Бога зборовите болен бев и не Ме посетивте.

Кога се најде покрај она што умираше, преподобниот отец почна во себе да се моли, не можејќи да ги задржи солзите…

Одеднаш, додека се молеше, девојчето, како што лежеше ги подигна рацете кон небото, како да го моли Бога.

Луѓето што беа собрани се збунија и веднаш почнаа да повторуваат незапирливо:

– Господи помилуј! Господи помилуј!

И тогаш! Со Божја помош, болното девојче си дојде на себе и престана да се разделува од душата.

Се подигна, погледна околу себе, се прекрсти, славејќи Го Себлагиот. Со страв и восхитување, сите што беа присутни Му заблагодарија на Бога.

Заминувајќи оттаму, Нифонт отиде да види една друга сестра која многу ја почитуваше и често и служеше. И таа беше тешко болна и го молеше Бога да ја исцели по молитвите на светителот.

Кога се сретнаа, блажениот и` рече:

– Наместо да бараш исцеление, подобро заблагодари Му на Бога, ќерко моја, зашто кого Господ го сака, него и го кара, како и таткото синот свој, што го љуби.

Но бидејќи толку многу сакаш исцеление, еве, утре ќе ти биде добро и ќе станеш.

И благодари Му само на големиот лекар, Господ Исус Христос Кој ти направи добро.

Откако го кажа тоа, преподобниот веднаш замина.

Навистина, следното утро, девојката по Божјата благодат беше совршено здрава и Го славеше својот избавител и доброчинител, вистинскиот Бог.

БОЛЕСТ ЗА СПАСЕНИЕ

Кога Нифонт се врати во својата ќелија, му чукна на вратата некој човек по име Никон.

Несреќникот беше многу болен и речиси раслабен (парализиран).

– Види каков сум – му рече тој со болка на преподобниот. – Урнатина од човек. Рацете ми треперат. Се` што имав дадов по лекари, но не видов добро. Те молам, помоли се да оздравам, за да се утеши мојата душа…

Но светителот, просветлен од Бога, му откри:

– Тоа, дете мое, ти го донесе твојот јазик и твоите лоши помисли! Бидејќи си лукав и груб… и дали само тоа?

Уште си склон и на пиење, осудување и клеветење.

Покрај тоа, одамна си му ветил на Бога дека ќе станеш монах, а не си го одржал ветувањето.

Постави почеток, но се врати назад. Нели е така?

Значи, поради сето тоа човекољубивиот Бог ти ја испрати болеста како воспитна казна.

Ако ја поднесеш без роптање, со покајание и исповед, благодарејќи на Бога и славејќи Го, ќе бидеш помилуван во денот на Судот од праведниот Судија.

Не ти е од полза, дете мое, овде да се излечиш, бидејќи тогаш постои опасност дека ќе гориш таму, во геената огнена.

Еве, гледам на главата ти е напишана невидлива реченица: „Брза смрт, помагај, Господи!”

– А зошто пишува, оче, „помагај, Господи” – запраша вознемирено болниот.

– Помагај, за да не ти загине душата – му објасни преподобниот.

– Бидејќи ако не се покаеш и не ги исповедаш своите гревови, не се сомневам во тоа дека ќе загинеш, кога се` уште им робуваш на истите страсти…

Немој да се озлобиш, дете мое, поради тоа што ти го зборувам. Тоа ти го велам бидејќи го сакам твоето исправување и спасение.

– Во право си за се`, оче – му призна тој. Но не знам што да правам. Како што гледаш, потребна е голема сила сето тоа да прекине. А јас сум слаб и со телото и со душата.

– Добро, не знаеш ли дека Царството Небесно на сила се зема и силните го грабат?

Поради тоа престани да се самооправдуваш и прифати го постот и молитвите. Бидејќи страстите навистина се демонски.

А, како што рече Бог: Тој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.Со тоа вооружи се и ти против нив и ќе ги победиш.

Слушај… ќе ти кажам отворено. Уште малку ти остана. Ти се приближува смртта. Но ја познавам бескрајната милост Божја и затоа се надевам дека ќе имаш добар крај…

Со тие зборови преподобниот го испрати болниот. А тој, со благодатта Божја, направи се` што Неговиот слуга го посоветува.

Навистина, по неколку дена, покаен и спокоен, тој замина на небото…