Дали треба да одиме по бајачи и гатачи?

Дали треба да одиме по бајачи и гатачи?

Дали треба да одиме по бајачи и гатачи?

За жал денес сѐ повеќе е присутна појавата кај нашиот народ, којшто е православен традиционално, а не суштински, односно кај народот којшто е крстен, а не се црквува, да оди и да бара помош за своите проблеми, болести и страданија кај бајачите и гатачите. Денес и медиумите преку рекламирање на бајачите, преку покана да гостуваат во нивните емисии, се разбира поради заедничкиот профит, доведуваат до тоа многу луѓе да бидат заблудени. Барањето на магиско инстант решение за проблемите кои во животот нѐ оптеретуваат, не е во согласност со православното предание. Сите проблеми кои во животот ни се даваат, се своевиден благословен од Бога, крст преку којшто се спасуваме. Како што вели преподобниот Серафим Роуз: „ Животот сите ги распнува на крст, наше е дали ќе бидеме како благоразумниот разбојник на крстот, или како оној неразумниот„.Желбата проблемите да се надминат на брз магиски начин е неблагословена.



Наместо тоа потребно е да го согледаме целиот наш живот, да ги видиме причините за нашите болести и страдања, честопати, иако не секогаш, кога ќе се отстранат причините престанува и страдањето. Црквата Христова ги има сите спасителни Свети Тајни, и средства кој ни се потребни не само за спасение, туку и средства којшто даваат одговор на сите поставени прашања. Затоа кога човекот спасението од своите душевни и телесни страдања, го бара надвор од Црквата, кај бајчите и гатачите, тој ја негира Црквата, односно испраќа порака дека за проблемите во неговиот живот Црквата, православното учење и предание немаат соодветен одговор.



Но кои се всушност бајачите и гатачите?



Голем дел од бајачите се изманинци. Еден дел од нив, се случува навистина да им „помогнат„ на луѓето. Тоа се случува поради тоа што тие ја користат демонската енергија, а демоните со оглед на тоа што се паднати ангели и со оглед на тоа што се духовни битија, се многу интелигентни, па се случува да ги предвидат работите, или болеста којашто тие ја предизвикале во човекот преку нивното присуство во него ја повлекуваат. Но тоа го прават не поради добрина, туку да го заблудат човекот и да го одалечат од Бога. Во една прилика кога старецот Пајсиј го запрашале дали маѓепсник може да излекува човек тој одговорил: ,, Некој којшто е потресуван од демонот, може да го направи да се чувствува добро, со тоа што демонот ќе го испрати кај друг. Затоа што маѓепсникот и ѓаволот се колеги, та му вели на ѓаволот: „Излези од овој, и оди кај оној”. Го вади демонот од него, и го праќа кај некој роднина или познат којшто му има дадено право на ѓаволот. Всушност, тој што имал демон вели: „Јас страдав, но тој ми направи да бидам добро” и, така маѓепсникот станува популарен. „ Најчесто луѓето кој се исцелени од бајачите и гатачите, забораваат на Бога, нивни бог постанува бајачот кој им дал привремено здравје, односно тие се покоруваат на демонот кој дејствува преку него. Некој ќе се запраша со право од каде ние знаеме и од каде сме сигурни дека тие луѓе дејствуваат со демонската енергија, кога и светителите имале надприродни дарови? Многу светители имале дарови којшто ја надминувале човечката природата, но основна одлика за светителот е смирението, тој ништо не си припишува на себе си, туку сѐ на Бога му припишува, светителите потоа, се молеле, се причестувале, се исповедале, се предавале на крајни подвизи и аскеза, а за добрините кои ги правеле не земале пари, на таквите Бог им дарувал прозорливост, но таквите луѓе е реткост да се сретнат, тие бегаат од светот и славата човечка. Но што е тоа што го гледаме кај бајачите? Гледаме луѓе коишто се горди, коишто своите „услуги„ ги наплаќаат скапо, коишто се фалат и гордеат со себеси, се рекламираат по медиумите, луѓе кои не ги знаат основните вистини на верата,луѓе коишто никогаш во животот не се исповедале, ниту се причестиле. Норамлно, се доаѓа до заклучокот дека Бог не може да дејствува преку таквите луѓе. Еден мал дел од нив привидно, надворешно изгледаат дека се христијани, чуваат икони или стануваат донатори на разни параклиси, но без оглед на тоа и нивниот профил на личност се вклопува во профилот којшто погоре го опишавме. Ѓаволот честопати се преправа, затоа и не случајно нѐ опоменува светиот апостол Павле да бидеме внимателни: „Немојте да се чудите на ова! И самиот сатана може да се преправа во ангел на светлината! Тогаш не е необично ако и неговите слуги се преправаат во службеници на праведноста“ (2 Коринтјаните 11,14-15).



Баењето и гатањето не го осудува само Христовата Црква, истото било осудено уште во Стариот завет„„Да не се најде меѓу вас човек кој го тера синот свој или ќерката своја да помине преку оган, заради исчистување, или да претскажува, да гата, или, пак, маѓесник, бајач, или што повикува духови, ниту, пак, волшебник, ниту таков што разговара со мртви; зашто секој кој го прави тоа, е гнасен пред Господ, и токму поради тие гнасотии Господ, твојот Бог, ги изгонува од пред тебе“ (5 Мојсеева. 18,10-12).



„А на ... на вражачите, и на идолопоклониците и на сите лажливци, нивниот дел им е во езерото, кое гори со оган и сулфур“ (Откровение 21,8).



Но она што е најлошо е големата штета којашто ја претрпуваат оние коишто ги посетуваат. Имено откако човекот ќе им поверува на бајачите, и откако на магиски начин привидно и привремено ќе си реши некој негов животен проблем, тој тогаш сериозно се одалечува од Бога и постанува роб на ѓаволот. „Лекувањето„ на една болест ќе го плати со друга болест. Најчесто голем дел од оние што оделе по бајачи имаат силен неспокој, силен немир, а завршуваат и со душевни болести и самоубиства, по подолг период од посетување на бајачите и гатачите.



Со таквиот чин човекот што ги посетува гатачите се одалечува и од Црквата и од причестувањето со светите Христови Тајни, за што јасно и недвосмислено сведочат светите канони. Светиот Василиј Велики баењето и одењето по бајачи го споредува со убиството и предлага слични епитимии. Значи луѓето што одат по гатачи не треба да се причестуваат додека не се покајат.



Многу од традиционалните христијаните одат по бајачите и гатачите, а истовремено одат и во Црква, и се причестуваат традиционално во постите, со што си нанесуваат уште поголема штета , не може некој да оди по бајачи и да се причестува. Не може Христос да влезе во душа која од себеси направила демонско дувло.



Токму затоа сите кои оделе по маѓепсници, најнапред треба да се исповедаат и да се покајат за тоа, а потоа да почнат да живеат духовен-црковен и литургиски живот. Само така ќе најдат спокој и мир за душите. Проблемите пак и болестите треба да ги лекуваме лечејќи ги гревовите и страстите кои довеле до нив. Бидејќи гревовите доведуваат до болести. Оние болести кои нема да се исцелат и покрај надминување на гревот кој довел до нив, да ги прифатиме со благодарност кон Бога, како дар од Него, преку кој дар на таинствен начин ги спасува нашите души.