Христијански идентитет (18.08.2018 16:10)

Што значи тоа – да си мудар како змија и незлоблив како гулаб?

Не знам дали сте го имале тоа искуство, но ако сретнете змија и ако ја закачнете со стап, таа веднаш целото свое тело го изложува на удар, криејќи ја својата глава под него. Повредите на телото можат да се исцелат, ама ударот во глава инстинктивно го избегнува, затоа што може да биде кобен за неа.

Така и Светите Отци на Црквата нѐ советуваат:

Aко се најдете во опасност, изложете сѐ на удар освен својата вера; затоа што сѐ што ќе изгубите можете да повратите, но ако ја изгубите својата вера, конечно сѐ ќе изгубите. Со други зборови, ако ја сочуваме нашата Православна вера, и она што ни значи – вистински ќе го зачуваме.

Честопати, и од аспект на временото, се случува да го повратиме тоа што сме го изгубиле и уште повеќе од тоа да добиеме. Сетете се само на праведниот и многустрадален Јов.

Тоа е патот на светите Апостоли, тоа е патот на светите Маченици, тоа е патот на Преподобните отци и тоа е патот на сите Свети.

Секако, тоа е и патот кон Преображението.

Маченичкиот етос е суштината на православниот духовен живот и на православната вера.

Што погоренапишаното значи во пракса, можеме да прочитаме во житијата на светителите. Некои од нив го изгубија својот живот, своето здравје, своето семејство, својата татковина и што ли ти не, само да ја сочуваат вистинската вера во Воскреснатиот Богочовек Исус Христос, како и својот христијански идентитет.

Истото и денес се случува, и ќе се случува сѐ до крајот на овој век и овој свет.

И денес гледаме христијани, кои за да го сочуваат својот христијански идентитет, преку пастирски пристап кон семејството, кон ближните, кон нацијата и кон државата ја привлекуваат Божјата благодат – врз сето она што го љубат; и му овозможуваат напредок.

Но, гледаме и само на име христијани, кои го изгубиле својот христијански идентитет, преку поистоветување со овоземните интереси на семејството, на луѓето околу нив, на нацијата, на државата итн., и го рушат сето тоа.

А, за незлобливи како гулаби, нема што да се објаснува. Убаво рекол Богочовекот Христос: љубете ги непријателите свои, немојте да враќате на злото со зло, беспари добивте – беспари давајте, и уште многу друго слично.

За номиналните христијани, овие и слични Христови зборови се несфатливи, чудни, смешни, соблазнителни или безумни, додека за вистинските христијани тие се Божја сила и Божја премудрост, со кои ги разбиваме илузиите од овој свет и век.

Митрополит Струмички Наум

&