Десетте плодови на горделивоста!

Десетте плодови на горделивоста!

СВЕТИТЕ ОТЦИ ЗА ГОРДЕЛИВОСТА

(Извадок од книгата „Христијанско живеење“ од Свети Тихон Задонски)

Горделивоста е најстрашниот грев, малкумина се оние што ја познаваат неговата страотија, зашто овој грев е скриен длабоко во човечкото срце и останува невидлив за оние што го имаат.

Како дрвото што се познава по своите плодови, така и горделивиот човек се распознава по своите дела. Горчливото семе на горделивоста ги раѓа овие горчливи плодови.

Првиот плод на горделивоста е: безобзирното копнеење по славата, честа и пофалбите. Тој секогаш се истакнува над другите, им заповеда и им дава совети и кога никој не ги бара од него.

Страшно им се лути на оние што не се согласуваат со неговото мислење и не ги исполнуваат неговите желби.

Вториот плод на горделивоста е: лутењето и мрморењето против се` и секого. Ова особено се забележува кога ќе бидат горделивите лишени од власт и кога ќе ја загубат честа што ја имале кај луѓето.

Тој човек тогаш непрестајно се прашува дали неговите „преголеми“ дела заслужиле такво непризнавање.

Многу често се случува горделивите луѓе да си го одземат животот кога луѓето ќе ги откријат нивните горделиви особености.

Третиот плод на горделивоста е: преземање големи и преголеми задачи, кои се далеку над нивните сили и можности.

Четвртиот плод на горделивоста е: мешањето во туѓите работи. Горделивиот човек се наоѓа секаде и секаде се покажува како советодавец, иако и тој самиот не знае што да прави. Горделивоста е причина за ваквото духовно слепило.

Петтиот плод на горделивоста е: самопофалбата и издигнувањето на себеси над другите. Горделивите секогаш говорат за своите големи дела и за своите големи заслуги за општеството.

Шестиот плод на горделивоста е: презирот и омаловажувањето на другите луѓе.

Горделивиот човек сите луѓе ги подведува под неколку видови:

едни за него се подлеци,

вторите се груби и простаци,

третите се нечесни.

Тој измислува и други слични видови и подвидови во кои ги става сите луѓе што ги познава.

Седмиот плод на горделивоста е: непокорноста. Горделивците се тврдоглави, непопустливи, инсистираат својата волја да им ја наложат на другите луѓе.

Тие никогаш не сакаат да отстапат од своето убедување, дури и тогаш кога ќе увидат дека не се во право.

Осмиот плод на горделивоста е: Припишувањето заслуги за сите успеси само за себеси.

Ако таквиот човек забележи кај себеси некоја добра особеност, тој веднаш ја припишува само на својот труд и на својот разум, а не и на Бога и на неговата благодатна помош.

Деветиот плод на горделивоста е: нестрпливоста спрема унижувањата и советите што ги даваат другите. Горделивецот смета дека е потполно чист.

Десетиот плод на горделивоста е: нетрпеливоста спрема презирот, тешкотиите, маките и несреќите.

Кога горделивиот човек ќе западне во некакви животни незгоди, тој ужасно се лути, постојано мрмори и хули на Бога и на луѓето…~!

(Извадок од книгата „Христијанско живеење“ од Свети Тихон Задонски)

Подготви Мина Д.