Духовно сиромашен, а со високо мислење за себе?!

Pokajanie

Pokajanie / Pokajanie 10 Views

Како е можно некој да се чувствува духовно сиромашен, особено тогаш кога и самиот знае дека е изменет, дека напреднал, дека дошол до знаење и разбирања, какви што пред тоа немал?

Додека човек не ги придобие овие работи, тој не се смета сиромав духовно, туку има многу високо мислење за себеси.

A кога дојде до ова разбирање и до ваков успех, тогаш самата благодат го учи да биде смирен – духовно сиромашен, иако е тогаш праведник и Божји избраник.

Тој тогаш смета дека е никој и ништо; мисли дека неговата душа е грешна и уништена; мисли дека ништо не знае и дека нема ништо, иако многу знае и многу има.

Ваквата мисла станува како вродена и длабоко вкоренета во неговиот ум. He слушаш ли како праотецот Авраам, кој бил Божји избраник, се нарекувал земја и пепел (1. Мој. 18, 27)? И Давид, кој бил помазан за цар Го имал Бога пред себеси и велел:

“Јас сум црв, а не човек, потсмев за луѓето и презир во народот” (Псал. 21, 6).

Затоа, оние што сакаат да бидат нивни сонаследници, сожители во небесниот град и да се прослават заедно co нив, и тие треба да имаат такво смирение и да немаат високо мислење за себеси, туку треба да имаат скрушено и смирено срце.

Оној што ја примил благодатта, тој се смета поголем од сите грешници. Оваа мисла е всадена во него како да му е природна.

И колку повеќе и подлабоко навлегува во познавањето на Бога, толку повеќе мисли дека ништо не знае.

И колку повеќе учи, сѐ повеќе е уверен дека ништо не знае.

Оваа мисла ја потпомага и крепи Божјата благодат во душата како да е нешто природно.

Оние што се опитни пред Бога се сметаат за сосем мали и неопитни. Оваа мисла е всадена во нив како да им е природна.

За нив е сосема природно и неопходно да се сметаат сосема ништожни и незнатни.

Зар тие не знаат што им е дадено?

Зар не знаат дека немале ништо и дека добиле нешто што е необично за нивната природа?

Ви велам, тие не се свесни за тоа дека се опитни и дека напреднале духовно;

не знаат што немале и што добиле. Благодатта Божја, Koja им се дава на таквите луѓе, ги учи да мислат дека не напреднале, да не мислат високо за себеси, па затоа и сметале дека се ништожни.

Иако се скапоцени пред Бога, тие не мислат така за себеси; иако напреднале духовно, иако имаат совршено Богопознание, тие сметаат дека ништо не знаат; оние што се навистина богати пред Бога тие самите себеси се сметаат за сиромаси.

Пренесено од книгата “Добротољубие” Том II (Свети Макариј Велики)

Подготви М. Даниловска