Едно е да зборуваме лошо за нашите ближни, а друго е да ги осудуваме!  (авва Доротеј)

Едно е да зборуваме лошо за нашите ближни, а друго е да ги осудуваме! (авва Доротеј)

Подвижнички поуки на свети авва Доротеј

34. Јас секогаш ви велам, дека од најмалите попуштања на себеси доаѓаме до големите гревови. Има ли потежок грев од осудувањето на ближниот?

Што друго Бог мрази толку и од што толку многу се одвратува? Сепак до ова големо зло човекот доаѓа од навидум ништожни причини и од тоа што си дозволува извесна мала непристојност спрема ближниот.

Зашто кога тој си дозволува да ги занемарува своите гревови, тогаш почнува да ги забележува гревовите на својот ближен. А од создавањето на оваа навика произлегуваат озборувањата, прекорувањата и лошите зборови и, најпосле, погубното осудување. Но ништо повеќе не Го прогневува Бога и ништо толку не го лишува човекот од Божјата благодат, како лошите зборови и осудувањето на нашите ближни.

35. Едно е да зборуваме лошо за нашите ближни, а друго е да ги осудуваме. Да кажеме нешто лошо за нашите ближни значи да речеме за некого: тој излагал, направил блуд или направил некој друг грев.

Тој рекол нешто страсно за гревовите на својот грев. А да го осудиме ближниот значи да речеме: тој е лажец, блудник и гневлив, зашто таквиот ја осудил самата расположба на неговата душа, велејќи за него дека е таков и таков, а ова е многу потежок грев.

36. Фарисејот, молејќи се и благодарејќи Му на Бога за своите добродетели, не лажел, туку ја кажувал вистината, и не бил осуден за тоа, зашто сме должни да Му благодариме на Бога кога сме удостоени да направиме некое добро, затоа што Он ни помогнал и ни содејствувал во него.

Па затоа не бил тој осуден за тоа и не за тоа што рекол:

„Што не сум како другите луѓе“ (Лука 18, 17), туку затоа, што свртувајќи се кон митарот рекол: „Како овој митар“ (Лука 18, 11).

Тогаш потпаднал под осуда – затоа што го осудил ближниот, зашто го осудил самиот човек, неговата човечка личност и расположението на нејзината душа – целиот нејзин живот. Затоа митарот излегол пооправдан од него (сп. Лука 18, 14).

37. Само на Бога Му припаѓа правото да оправдува и да осудува, затоа што Он ја знае и душевната расположба на секого, и неговата сила, и стремежот, и дарбата, и неговата телесна градба и способностите, па сообразно со тоа, Он секого го оправдува или осудува. Зашто кој друг може да го знае сето ова, освен Него, Кој создал сѐ и знае сѐ.

38. Некогаш ние не само што го осудуваме, туку го и понижуваме нашиот ближен, едно е осудувањето, а друго е понижувањето. Понижувањето е не само кога осудуваме некого, туку и кога го презираме, кога се гнасиме од него, како од нешто што е одвратно. Затоа е ова полошо од осудувањето и многу погубно.

39. Оние што сакаат да се спасат не го свртуваат своето внимание на недостатоците на своите ближни, туку секогаш ги гледаат своите слабости и преуспеваат. Таков бил и оној, кој, откако видел дека неговиот брат згрешил, воздивнал и рекол:

„Тешко ми мене, како што тој згреши денес, така јас ќе згрешам утре!“

Гледаш ли каква е мудра оваа расположба на душата? Како тој веднаш нашол начин да го избегне осудувањето на својот брат?

Зашто рекол: „Така и јас ќе згрешам утре“, со тоа си внушил страв на себеси и грижа да се пази, за и тој да не згреши во блиска иднина, – и на тој начин го одбегнал осудувањето на ближниот.

Но при тоа, тој не се задоволил само со тоа, туку и самиот паднал под неговите нозе и рекол: „Овој ќе се покае за своите гревови, а јас нема да се покајам како што треба, не ќе имам сили да се покајам“.

Гледаш ли каква е просветата на божествената душа?

40. Се случува отровот на осудувањето, кога ќе ја преполни нашата душа, бара да се излие и во душите на другите. И, ете, ние, кога ќе сретнеме некого од браќата, кој е потполно мирен и спокоен, брзаме да му се пофалиме што сме виделе и чуле, сѐ што се случило, и на тој начин му причинуваме штета, внесувајќи го и во неговата душа гревот на осудувањето.

Со ова покажуваме дека не се плашиме од Оној Кој рекол:

„Тешко му на оној што го пои ближниот свој со пијалок измешан со злобата своја“ (Авак. 2, 15) и извршуваме демонско дело.

Зашто да се спречува работата на ближниот и да му се нанесува штета, тоа е демонска работа. И, ете, ние им стануваме помошници на демоните за пропаста на нашиот ближен.

Зошто го правиме ова? Затоа што немаме вистинска христијанска љубов. Светиот апостол Петар вели: „Љубовта покрива многу гревови“ (1. Петр. 4, 8).

41. Светиите не го осудуваат оној што греши и не се одвраќаат од него, туку му сочувствуваат, тажат за него, го вразумуваат, го тешат, духовно го лекуваат, како болен член на телото Христово и прават сѐ друго, за да го спасат.

– Што направил свети Амон кога дошле браќата и му рекле:

„Оче, појди да видиш, кај тој и тој брат има жена во ќелијата“.

А каква милосрдност покажал тој? Откако се досетил дека тој монах ја скрил под кацичката, тој отишол во ќелијата и седнал врз кацичката, и им рекол на браќата да ја бараат жената по целата ќелија.

А кога не ја нашле, им рекол: „Бог да ви прости!“ Така ги посрамил и ги научил да не веруваат во обвинувањето на ближниот, а на тој брат не само што му помогнал, го оправдал, заради Бога, пред браќата, туку и го вразумил, кога нашол за тоа погодно време.

Кога ги испратил сите да си отидат, го фатил тој брат за рака и му рекол:

„Брате, помисли за твојата душа!“

– И овој брат веднаш се покајал, заплакал поради својот грев и престанал да греши. Ете, така благотворно влијаеле човекољубието и сочувството на старецот.

Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ, Том II.

Подготви Светланка Трајчева