Светиот апостол Павле му ги дошепнува толкувањата на неговите посланија, а свети Јован Златоуст ги запишува
Светиот апостол Павле му ги дошепнува толкувањата на неговите посланија, а свети Јован Златоуст ги запишува

Не треба просто според мерата на гревовите да се дава епитимија, туку да се мисли и на расположението на грешниците, та да не се случи, сакајќи да го закрпиш скинатото, да го направиш процепот уште полош; и трудејќи се да го исправиш паднатото, да направиш уште поголем пад. Бидејќи слабите и меките и оние кои во голема мера се врзани за светското уживање, и уште оние кои високо мислат за (своето) потекло и власт, лесно и постепено враќани од она во што грешат, да можат, иако не совршено, но делумно, да се избават од злата во кои се држени. Ако, пак, некој брзо нанесе казна, ќе ги лиши од поголемо поправање. Зашто душата, кога е присилена да поцрвени (=да се засрами), паѓа во безнадежност, па ниту веќе ги следи погодните зборови (=причини), ниту се покорува на заканите, ниту се поттикнува од сторени добрини, туку станува многу полоша од оној град, когошто навредувајќи го Пророкот вели: „Но ти имаше лице на блудница, – не сакаше да се засрамиш“ (Јер. 3, 3). Затоа на пастирот му е потребно многу разумност за да може од сите страни да ја согледа навиката на душата. Зашто, како што многумина паѓаат во безумство, и впаѓаат во очајание за своето спасение, поради тоа што не можат да ги поднесат горчливите лекови, така постојат некои кои, кога не им се дава казна соодветна на гревовите, паѓаат во мрзливост и стануваат полоши од многумина, и се поттикнуваат на поголемо грешење. Затоа не треба да се остави ништо од тоа неиспитано, туку, откако сè точно ќе испита, свештеникот треба од себе да применува соодветни лекови, за да не му биде грижата напразно.

/Од: Толкувањето на Посланието до Ефесјаните/

Гледам многумина кои се причестуваат со телото Христово (=во Литургијата) дека просто и како било и следејќи го повеќе обичајот и законот, отколку чистата мисла (=совест) и разумот, се причестуваат (со Светите Тајни). Ако, вели, настапи времето на Светата Четириесетница и Пасха, било каков да е некој, тој се причестува со Тајните. Но, не треба да се гледа на празниците, туку да се чисти совеста и тогаш да се причестуваме. Бидејќи нечистиот и недостојниот не е праведен ни за да се причестува на празник со Светото и страшно Тело (Христово). Бидејќи, помисли дека учесниците на старата (=старозаветна) жртва стекнувале голема внимателност и се осветувале и од секоја страна се очистувале. А ти, пристапувајќи кон Жртвата од која и Ангелите треперат, тоа го одредуваш според временските периоди, и со валкани раце и усни се осмелуваш (да ги допреш) Телото и Крвта Христови? И царот не би прифатил да го целиваш ако ти смрди устата, Царот Небесен го целиваш со душа која смрди? Тоа е навреда. Значи, ако не си достоен за Причест, тогаш не си ни за молитви ни за стоење (на Литургија) со достојните. Зашто, чуј што вели и Самиот Господ (на Литургија): „Вие кои сте во покајание, пристапете!“ А оние кои не се причестуваат, не се во покајание.

/Од: Толкувањето на Посланието до Евреите/

Многумина од оваа Жртва (=Евхаристијата) се причестуваат еднаш во годината, други двапати, а други многу пати. До сите нив е (упатено) моето слово, не само до овие овде, туку и до оние кои пребиваат во пустината (=анахорети), бидејќи тие го прават тоа еднаш годишно. Кои треба да ги пофалиме: оние што еднаш, оние што многу пати, или оние што малку пати (се причестуваат)? Ни оние еднаш, ни оние многу пати, ни оние малку пати, туку оние со чиста совест, оние со неизвалкан живот. Таквите секогаш нека пристапуваат (кон светата Причест), а оние кои не се такви – ниту еднаш. Значи, зошто? Зашто на себе си земаат суд, и осуда, и мака, и казна. И немој да се чудиш. Зашто, како што храната, хранлива по природа, ако премине во зла течност, сè упропастува и расипува, и станува повод за болест. Така е околу Светите Тајни. Се насладуваш со Духовната Трпеза, и повторно со нечистотија ја расипуваш својата уста? Со (свето) Миро се помазуваш, и повторно се исполнуваш со смрдеа, причестувајќи се по една година? Четириесет дена не ти се доволни за очистување од сите гревови (кои си ги правел во текот) на цела година, и повторно, кога ќе помине седмица (од денови), себеси се предаваш на поранешните (гревови)? А кажи ми, ако оздравиш по четириесет денови од долга болест, и пак се предаваш на храната која предизвикува болест, зарем и претходниот труд не си го изгубил и себеси повеќе си наштетил? Зашто, ако природните нешта се менуваат, колку ли повеќе оние (нешта) на слободната волја? Четириесет дена доделуваш на здравјето на душата, а можеби ни четириесет, и очекуваш да Го умилостивиш Бога? Зарем си играш? – Кажи ми. Поради тоа и ѓаконот (на Литургија) извикува, говорејќи: Светињата е за светиите! Т.е.: кој не е свет, нека не пристапува. Не вели просто: чист од гревот, туку – свет!

Извадок од: „Свештени канони на Светата Православна Црква“.