Евангелието

Евангелието

DSCN5228ЕВАНГЕЛИЕТО

Јас како светлина дојдов во светот“ (Јован 12: 46) – рекол за Себе Господ. Таа Светлина стоела пред Јудејците облечена во тело; пред нас Он стои облечен во Евангелие.

Големата и сесвета книга – Евангелие! Во неа е претставен новиот, богоподобен човек; а какви особини треба да има новиот човек – покажуваат заповедите Христови. Преку нив Христос ни ги откри Своите особини, Својот начин на размислување и дејствување. Загледувајќи се во Евангелието и набљудувајќи се во тоа огледало, ние можеме, малку по малку да ги согледаме своите недостатоци, малку по малку да ги исфрламе од себе нашите стари особини и сфаќања и да ги заменуваме со евангелските, Христови мисли и особини. Во тоа се состои задачата, лекцијата која христијанинот треба да ја реши и да ја исполни во текот на својот земен живот. Во душата треба да се наслика портретот Христов, треба да ѝ се пренесе сличноста со нејзиниот првообраз. Портретите кои не личат на Христа, ќе бидат отфрлени на сеопштата изложба, на која за секој човек ќе биде испитано во која мерка го сочувал и го обновил во себе образот и подобието на Создателот и својот Бог. Ликовите на кои линиите и боите ќе бидат толку искривени, што ќе се изгуби секаква сличност, ќе слушнат: „Не ве познавам!“ Тие нема да бидат препознаени! Господ ќе се откаже од нив!

Да почнеме со духовно сликање! Да обрнеме внимание на отфрлениот образ Божји, прекриен со нечистотија, гребаници и прашина, кој во нас го нацртал и кој ни го доверил Бог! Сликарот е Христос, а негова четка – Светиот Дух. Да ја подготвиме душата за тој живопис, така што таа, како чисто и ново платно да биде во состојба да ги прими на себе – и најтенките линии и најнежните бои и сенки.

За да ја подготвиме така, потребно е да ја исчистиме со покајание и да ја измиеме со солзи. А за во себе да го поттикнеме покајното чувство, спасоносната тага и плач, неопходно е, покрај воздржувањето од сите страсти, често да се занимаваме со читање на Евангелието и да го споредуваме својот живот со неговите најсвети заповеди, да се присилуваме себеси на извршување на тие заповеди, наспроти стремежите и побудите на гревољубивата волја. Еден свет отец рекол: „Со исполнувањето на Христовите заповеди човек спознава колку е слаб“. Точно: тогаш кога ќе почнеме да се присилуваме себеси на исполнување на евангелските заповеди, ние полека откриваме колку сме слаби и повредени со падот. Од набљудувањето на своите слабости и на својата повреденост природно се раѓа плачот. Плачот е покајно чувство на срцето! Плачот е – срце покајно и смерно, кое толку му е мило на Бог. Кога Господ ќе забележи душа исчистена со покајание, тогаш Он, малку по малку, сходно на нејзината чистота, со Светиот Дух почнува на неа да ги обновува цртите на Својот образ, сенките и боите на Своето подобие. Пред сè ја вообличува со кроткост и со смирение. Научете се од Мене, – вели Он, – бидејќи Јас сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир во вашите души. Свештен мир може да се најде дури тогаш кога мислата во срцето ќе се потопи во смирение Христово и Негова кроткост, откако ќе се научат од Евангелието. Овие две добродетели ги доведуваат во ред цртите на ликот кои беа нескладни заради немирот – неизоставен придружник на секој човек кој им служи на страстите. Показател на тој ред е свештениот мир. Тогаш, на веќе поправените црти се ставаат свети бои, кои претставуваат утеха на духовниот поглед: благост, милосрдие, чистота на умот, на срцето и телото, живата вера која не се грижи за ништо суетно, туку го учи човекот во потполност да Го следи Христа, потоа трпението, кое се издигнува над секое минливо страдание и го сака страданието како учество во страдањата Христови, и љубовта кон Бога и ближните, која тежнее кон тоа да ги исполни сите човекови обврски кон неговиот Создател и кон другите, слични на себе созданија, кои во својот Создател треба да сочинуваат едно.

Нашата судбина и вечноста зависат од начинот на живот, начинот на кој ќе го поминеме времето на нашето кусо живеење на земјата. Сакате ли да бидете храм Божји? Сакате ли вашето срце да биде сад на дарови на Благодат? Ви го давам Евангелието, тоа нека биде правило на вашиот живот. Верувајте во него со вашите дела, со вашиот живот, не само со мислите, со срцето и со устата. Кога ја читате таа Божествена книга, книга на животот, замислете дека пред вас невидливо стои Самиот Христос и дека ви кажува зборови кои се Дух и Живот! Не треба да го замислувате ликот Христов – не; треба само живо и побожно да го почувствувате Неговото сесвето присуство.

На тој Суд од кој зависи нашата вечна судбина, ќе ни се суди според евангелските Заповеди, кои Бог ги востановил за нас, православните христијани. Посебен суд има за секој христијанин веднаш по неговата смрт, а општиот ќе биде за сите луѓе за време на Второто доаѓање на земјата на нашиот Господ Исус Христос. На двата суда е присутен и суди Бог. На посебниот суд Он суди со помош на ангелите на светлината и паднатите ангели; на општиот Суд суди со посредство на очовеченото Слово Божјо (Матеј 25; Јован 5: 22, 27).

Кодекс или збирка на закони врз основа на кој ќе се суди на двата суда е – Евангелието. Господ рекол: „Којшто се откажува од Мене и не ги прима зборовите Мои, има Кој да го суди: Словото што го кажав, тоа ќе го осуди во последниот ден. Зашто Јас Сам од Себе не зборувам; но Отецот, Кој Ме прати, Он ми даде заповед што да кажам и што да зборувам. И знам дека заповедта Негова е живот вечен“ (Јован 12: 48-50). Врз основа на овие Господови зборови јасно е дека ќе ни се суди според Евангелието и дека негрижата околу исполнувањето на евангелските заповеди всушност претставува отфрлање на Господа.

Блажениот отец Серафим Саровски велел: „Треба да се научиме себеси, како умот да плива во Законот Господов, по кој треба да се раководиме при управувањето со својот живот“.

Оној, кој својот живот го втемелил на изучување на Евангелието и исполнување на евангелските Заповеди – го втемелил на најцврст камен. Во каква положба и да го постават животните околности, неговиот подвиг е секогаш со него. Тој постојано дејствува, постојано се подвизува и постојано напредува, иако неговото дело, неговиот подвиг и неговото напредување се незабележителни и несфатливи за другите.

Advertisements