Гревот на немолитвеноста

Гревот на немолитвеноста

zena na molitvaТоа е посебен случај на нецрковност, грев општораспространет. Говорејќи за оваа најважна страна на духовниот живот, оној кој се исповеда треба да каже на исповед, како се моли, какви се плодовите на неговата молитва, му дава ли молитвата духовна утеха или пак ја прима како некоја непријатна заповед, од која се труди под било кој изговор да ја избегне; користи ли тој православен молитвеник или ги знае молитвите напамет, чита ли тој од Светото Евангелие. Секој побожен човек треба во своите молитви секој ден да ги спомнува своите блиски живи – за здравје, и мртви – за покој на душата, треба да се моли „за оние кои нè мразат и кои нè љубат“, за оние, против кои во него има чувство на непријателство, кој, можеби, несправедливо го замразил. Исто така треба често да одиме во црква на богослуженијата, да одиме во црква секоја недела (на Литургија) и на големите празници, неопходно е да се запазуваат востановените од Црквата пости – не само во смисла на воздржување од храна, туку и во морално-духовна смисла. Должен е да се смирува со оние, со кои имал некаква расправија, да дава милостина, да простува долгови, треба да ги отстранува од себе сите суетни нешта, и да се сконцентрира на вечното.

Горештата молитва е одлика на искрените верници која ги разликува од „топлоладните“. Треба да се стремиме не да го исчитуваме молитвеното правило, не да стоиме на богослужба, туку да стекнуваме дар на молитва од Господа, да ја засакаме молитвата, со нетрпение да го очекуваме часот за молитва. Верникот треба да се стреми да влезе во молитвената стихија, да се научи да ја сака и сфаќа мелодијата на црковните химни, нивнаа неспоредлива убавина и длабочина, изразност и мистична сликовитост на литургиските символи. Дарот на молитва – тоа е умешност за владеење со себе, со своето внимание, да ги повторуваме зборовите на молитвата не само со усните и јазикот, но и со сето срце и со сите мисли да учествуваме во молитвеното делање. Неопходно е да се навикнеме на Исусовата молитва: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот/грешната“, и таа молитва да ја произнесуваме за себе секогаш и насекаде, особено во тешките моменти, при засилени духовни напади, во искушенија, таги.

И така, брате/сестро, размисли внимателно, во што од избројаните овде неопходни правила, поредоци, обврски христијански ти грешиш против нашата вера, против светите црковни правила, и не заборавај да се покаеш за тоа!

Превод од руски јазик:

Свештеник Јани Мулев

Изворник:

Архимандрит Лазарь (Абашидзе),

Грех и покаяние последних времен, 1997.