Свети Јован Златоуст во IV век посакувал да има некакво средство со кое, целиот свет би можел да ги слуша неговите проповеди. Не за да се фали, туку сиот народ да чуе за Господ, за Евангелието на спасението. Во денешно време тоа е можно преку радио, телевизија, интернет и многу Помесни цркви ги користат тие благодети на современите средства за информирање и комуницирање. Па така од било кој крај на светот може да следиме богослужби од Света Гора, од Светата Земја, од многу цркви и манастири, во кои можеби никогаш нема да имаме можност да отидеме.

За мене интернетот е добро средство за комуницирање и информирање. Како и сѐ друго, и тој може да биде злоупотребен, но сепак, како православен христијанин, јас го гледам како средство со добри можности. На пример, свештеникот може да каже една добра проповед во црква пред 20 верници. Дел од нив нема да слушаат, дел нема да разберат, а останатите ќе ја заборават уште во првиот час откако ќе си заминат дома. Истата таа проповед, доколку свештеникот ја објави и на интернет (блог, веб-страна, фб-страна) тогаш, не само 20, туку 200 а можеби и 2000 луѓе ќе ја прочитаат, ќе ја зачуваат, и во било кое време ќе им биде достапна. Меѓу оние кои ќе ја читаат ќе има и такви кои ќе ја копираат проповедта, ќе го избришат името на авторот, и ќе го стават своето име, и така ќе ја споделуваат. (Нели имаше Божја заповед „не кради“?).

Фејсбукот, и покрај многуте негови слабости и аномалии, сепак има и полезни работи. Преку него многу луѓе се запознаваат, се зближуваат, а некои го наоѓаат и патот до Господ, токму на фејсбук. Луѓето кои го бараат Бога од наивност и неискуство често налетуваат на квази-религиозност или псевдо-православие. Голем дел од вината за ова паѓа и на свештенослужителите, затоа што фб не го користат за проповед. Ако на интернет нема доволно православна литература на македонски јазик, тогаш луѓето ќе налетуваат на секташки страни, или на некоја искривена религиозност. Рамнодушноста на денешниот клир ќе ги покаже своите последици по неколку децении. Додека учевме во Богословија имаше деца кои се трудеа да преведуваат, но од страна на некои професори беа укорувани дека „не се тие компетентни“ за такво нешто. Можеби несвесно, ама многу генерации свештеници беа осакатени од самопрогласените „компетентни“.

Просторот на фб е преполн со сѐ и сешто. Следам многу црковни страни и со помош на тие текстови бирам содржини за блогот и за списанието. Но ме загрижуваат некои појави помеѓу верниците. Имено, многу луѓе немаат никаков критериум за православие. Не можат да препознаат што е православие, а што лажно или секташко христијанство. И црковните луѓе (а често и невнимателни клирици) споделуваат текстови од сомнителни сајтови и фб групи, нанесувајќи им духовна штета на многумина, особено на почетниците.

Најбројни се оние кои имаат некаква нејасна вера, површна религиозност, оние кои и самите не знаат во Кого и како веруваат, но имаат некаква наивна вера и сѐ што им се чини религиозно го прифаќаат и го шират како православие. Најчесто споделуваат икони за здравје, пишуваат „амин“, следат страни за гатање и баење, разни исцелители и бајачки, астрологија, лажно ја почитуваат света Петка, полни се со страв, предрасуди и суеверија. Очигледно е дека овие луѓе немаат никаков контакт со свештениците, а црквата им е само за палење на свеќи. За читање на Свето Писмо или некоја друга православна литература кај нив никогаш не станува збор. Најчесто се соблазнуваат од најповршни работи и без испитување прифаќаат секакви чуда, знаци, исцелители и скандали, и стануваат жртви на разни суеверни и секташки водачи.

Кога некој посериозно ќе зачекори во црковниот живот, почнува да чита црковни книги, оди на Литургија, контактира со свештеници, духовници, монаси, и гледајќи ги нив добива желба да проповеда. Но, поради неискуство, таквите паѓаат во разни замки. Споделуваат разни текстови, особено за крајот на светот, за доаѓањето на антихристот, за бројот 666 – општо текстови кои само им го зголемуваат стравот и паниката. Бегаат од своите лични животни проблеми и се ставаат себеси во улога на проповедници и духовници, често пати критикувајќи и омаловажувајќи ги свештенослужителите. Недоволното знаење, и стравот кој произлегува од него ги води во разни секташки движења во Црквата, кај духовници фракционери или кај лажни жртви и исповедници. Кога слепец слепи води сите ќе паднат во пропаст. Неодамна гледав како некој лик (со лажен профил) постирал видео на грчки јазик, на кое свештениците служеа древен чин на Литургија според Апостолските установи, а тој, сиротиот, панично пишал дека, ете, ја изменија Литургијата, сите се отпадници, еретици, унијати, масони и не знам уште што друго. Такви древни чинови има многу, и сите тие биле служени во Црквата, а денес се служат еднаш годишно, најчесто заради студентите кои учат литургика. Отците на Црквата велат, „незнаењето е неопростлив грев“.

Постои и група на верници кои сакаат да проповедаат, читаат, па и сами пишуваат, но забораваат дека патот до пеколот е поплочен со добри намери. Почнуваат добронамерно, сакајќи да ја шират верата, да ги просветуваат другите, но полека застрануваат. Гледаат дека многу луѓе ги читаат нивните текстови, па почнуваат да крадат текстови, постираат анонимни текстови, за да остават впечаток дека самите тие се автори. Има и такви кои одат во друга крајност па крадат туѓи текстови и ги потпишуваат со свое име и презиме, со цел да привлечат луѓе и да ги насочат кон себе, а не кон Христос. Жално е тоа што во оваа замка паѓаат и многу полуобразовани свештеници, кои забораваат дека водечки теолози на XX век беа токму свештениците, а крадењето на туѓ интелектуален труд е срам за самиот свештеник и за цела Црква.

Во сиот овој хаос од цитатоманија и проповедничка герила среќаваме многу цитати, а голем дел од нив се лажно или искривено цитирани, без автор или изворник. Еднаш објавив една проповед во која искористив еден пример од житието на старец Јаков Цаликис, а по извесно време еден проповедник со лажен профил презел мои зборови од проповедта и ги цитирал како зборови на светиот старец Јаков. Тоа ли му доликува на православен христијанин, да им вметнува на светителите зборови и поуки кои никогаш не ги кажале? Тоа е само еден од многу случаи со злоупотреби и искривување на светителските зборови, токму од страна на „ревносни верници“. Ревносните проповедници паѓаат во искушението „да ја поправаат Црквата“, мислејќи дека прават добро со тоа што критикуваат, фрлаат и дрва и камења по конкретни клирици, а не се свесни дека во списокот од фб пријатели и следбеници имаат многу секташи, безбожници и богоборци на кои им даваат уште повеќе аргументи за напад против Телото Христово – Црквата. Многу верници ќе загинат од ревност. Овој век е обележан со појавата на лажни вести, а тој дух не ја одмина ни Црквата. При спорот меѓу Цариград и Москва, бидејќи знам и грчки и руски јазик, често пати откривав ширење на лажни и клеветнички вести токму на православните портали. Ѓаволот е клеветник и татко на лагата, па да внимаваме со своите зборови и дела да не станеме негови подобија и чеда.

Препорака за верниците

Како препорака за сите верници, би им предложил кога читаат една вест, да проверат од која веб страна е, дали е тоа серозна страна, дали е православна содржината, кој е автор или преведувач. Доколку нема наведен автор, ниту линк, ниту преведувач, кога не е јасно кој раководи со страната, тогаш содржините да ги сметаме за обична помија, без никаква вредност, и да се воздржиме од  споделување на такви несериозни содржини. Православието е болница, духовно здравје и трезвеност, радост, отвореност и љубов, а не надри-духовност, надри-православие. А штом ќе наидете на страни во кои се осудуваат и исмеваат клирот и монаштвото, во кои постојано има критика и осудување, ширење на хистерии за доаѓањето на антихристот и бројот 666, каде што православието е прикажано како заедница од исплашени и параноични човечиња – тоа се секташки страни, без вистински критериум за православие. Ако ги следите имате голема веројатност да застраните во верата. Затоа таквите надри-теолози се кријат зад разни профили со скриени и лажни имиња, под псевдоними, имиња на светители, цркви и манастири. Штом некој се крие, не си го кажува името, или користи лажни имиња, тогаш таквиот нема никаква одговорност за она што го објавува, а штом нема одговорност, треба ли да ги читате и споделувате тие надри-теологии? Свесни ли сте колку луѓе со душевни и духовни болести се кријат зад лажни профили? Кога за нешто не сте сигурни, прашувајте ги вашите духовници, барем на почеток. Потоа, раководејќи се според посочените критериуми, сами ќе почнете да ги препознавате страните со токсично и малигно православие.

Ревноста за проповедање е добра и пофална особина, и добро е да се стимулираат и подготвуваат идните свештеници за оваа дејност, да го умножуваат талентот, а не да го закопуваат. Под надзор на свештениците кои се веќе искусни во оваа дејност треба да се вклучуваат и верниците кои можат и сакаат да се трудат во оваа област. И тогаш ќе имаме добро уредени страни, со одлични и избрани содржини, со мал ризик од застранување. Да бидеме послушни на своите духовници, без нивни благослов и надзор да не стануваме проповедници, да внимаваме што и од каде читаме и што споделуваме. Една споделена лага или клевета не знаеме до каде ќе стигне и какви последици ќе предизвика. Да бидеме внимателни, одговорно, мудри и пред сѐ луѓе, а потоа христијани.

Свештеник Јани Мулев