Јован Кумевски: ЗА  ДУХОВНОТО  СЛЕПИЛО

Јован Кумевски: ЗА ДУХОВНОТО СЛЕПИЛО

 

 

ЗА  ДУХОВНОТО  СЛЕПИЛО

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух,
Драги браќа и сестри,


    Денешново Евангелие ни го опишува излекувањето на слепиот од страна на нашиот Спасител, Господ Исус Христос. ,,Кога се приближуваше кон Ерихон, еден слепец седеше крај патот и просеше.” Христос доаѓа со Своите ученици и со многу народ. Штом слепиот чул дека поминува Христос, извикал : „Исусе, Сине Давидов, помијлуј ме.” Оние што секој ден во храмот го толкувале Законот, не можеле да го видат и препознаат Месијата во Христа, а овој ерихонски слепец, кој ниту можел да го чита Светото писмо, ниту да го толкува, го препознал во Христа спасението на светот. Тој знаел за Него не само според името, туку уште повеќе според делата. ,, Оние што одеа напред го искараа да молчи; но тој уште погласно викаше: ,, Сине Давидов, помилуј ме.” Во толпата, едни оделе пред Христа, други зад Него. На многумина викањето на слепиот им станало здодевно, па затоа го замолчувале, но тој не престанувал да бара спас.Ова како да се повторува и во човечката историја. Многумина, жедни за Христа се исмевани и замолчувани. Многунина од оние што го замолчувале биле вистински духовни слепци, кои не можеле да се излекуваат. Со тоа се исполниле и Христовите зборови: ,, Оние што не гледаат, видоа; а оние што гледаат, останаа слепи.”
    Зошто слепиот му се обраќа на Христа со зборовите: ,, Сине Давидов?” Затоа што тоа е сметано за најголема почит во Израилот. Царот Давид е сметан за најугледен  од сите цареви во Израилот, па како што секој праведник се нарекувал син Авраамов, така и секој праведен благородник бил нарекуван син Давидов. Сиот народ го очекувал Месијата од потомството на царот Давида, па така и слепите, како дел од тој народ.  Слепите луѓе со својот дух Го виделе Христа како син Давидов, демоните во Христа Го познале Синот Божји, само книжинците и фарисеите, кои биле духовно слепи, не можеле да Го познаат.
    На Христовиот повик да го доведат слепиот при Него, тој ја фрлил облеката и дошол кај Христа. Луѓето, пак, треба да го отфрлат секој грев од себе, за да можат да се подигнат и да Му пријдат на Бога. ,, Кога се приближи до него, го праша, велејќи: Што сакаќ да ти направам? Тој рече: Да прогледам, Господи!” Христос однапред ја знаел желбата на слепиот, но го прашал заради присутниот народ. До тој час слепиот викал:  ,, Смилувај се!” Тоа го барал и од сите други луѓе, но тие не можеле да го излекуваат, освен да му дадат милостиња во грошеви. Слепиот Христа Го нарекува Господ, кога се доближил до Него. Така е и со сите нас. Оддалеку Христос ни изгледа само како човек, но кога ќе се доближиме до Него и кога ќе ја почувствуваме Неговата моќ, дознаваме дека Тој е од небеско потекло, дека доаѓа од вечноста во посета на времените патници, дека е навистина Господ.
    ,,Тогаш Исус му рече: Прогледај! Верата твоја те спаси. И одеднаш прогледа и тргна по Него, славејќи Го Бога.” Христовиот збор е дејствителен, исто како и при создавањето на светот. ,, Рече Бог: Нека биде светлина, и би светлина!” Давањето вид на слепиот е дело на Христовата моќ, но Господ сака тоа дело да го препише и на верата на слепиот, кога му вели: ,, Верата твоја те спаси!” Со тоа сака и нас да нî научи на смирение и кротост.
    Откако од Ерихон Христос дојде во Ерусалим, беше убиен од духовните слепци: Ирод, Пилат и Кајафа. Но гробот одвај Го држеше три дена, и мораше да го пушти. Тој можел да ѝ нареди на земјата да Го пушти од гробот, како што му наредил на слепилото да исчезне од очите на слепиот. Господ е невидлив за телесните, но видлив за духовните очи на луѓето, оди по прашливиот пат на овој свет и очекува некој слеп да Го викне на помош:   ,, Господи, Исусе Христе, помилуј ме!” Исус е подготвен да помилува секого, само ако моли со вера и од срце, исто онака како што го помилувал слепиот. Секој кој од Него ќе добие духовне вид, ќе појде по Него, и ќе Го прослави Бога. Затоа, да ја отфлиме од нашето срце гревовната напластеност, сета духовна нечистотија, а од нашите очи духовниот мрак, за да можеме да Го видиме и да Го прославиме Бога, сега и секогаш, и во вечни векови. Амин.

Скопје, храм на св. пророк Илија

На празникот на Полагањето на ризата на Пресвета Богородица
во Влахернската црква во Цариград

 

 

 

На 15.07.2018 година, кога Светата Христова Црква молитвено го слави споменот на Полагањето на ризата на Пресвета Богородица
во Влахернската црква во Цариград
,во храмот на св.пророк Илија, во скопската населба Аеродром, проф.- протопрезвитер Јован Кумевски  во сослужение на ѓаконот Димко Симевски отслужи   Божествена  Литургија. Бројниот верен народ се причести со Светите Христови Тајни.Во текот на  Литургијарта отецот произнесе празнична беседа „ЗА  ДУХОВНОТО  СЛЕПИЛО“.

 

 

 

Преминпортал (к.т.)

Друго: