img933КАКО ДА ГО ЧИТАМЕ ЕВАНГЕЛИЕТО

Голема среќа е да се спознава вистината од Евангелието и од Светите Отци и со посредство на читањето да се причестува со Светиот Дух, Кој живее во Евангелието и во Светите Отци.

За време на читањето на Евангелието не барај наслада, не барај занес, не барај блескави мисли: барај непогрешливо да ја видиш светата Вистина.

Не задоволувај се само со бесплодно читање на Евангелието: труди се да ги исполнуваш неговите заповеди, читај го со дела. Тоа е книга на животот и треба да се чита со животот.

Немој да мислиш дека најсветата книга, Четвороевангелието, без причина почнува од Матеј, а завршува со Евангелието според Јован. Матеј повеќе нè учи како да ја исполнуваме волјата Божја, а неговите поуки се особено погодни за оние кои тукушто тргнуваат по патот Божји; Јован пак, го изложува начинот на соединување на Бог со човекот, кој е обновен со заповеди, што им е достапно само на оние кои на патот Божји веќе напреднале.

Отворајќи ја таа света книга, светото Евангелие, за да ја читаш, сети се дека таа ја решава твојата вечна судбина. Според неа ќе ни се суди, и во зависност од тоа какви сме биле овде на земјата во однос на неа, ќе добиеме како удел или вечно блаженство, или вечна казна (Јован 12: 48).

Бог му ја открил Својата волја на ништожно зрнце прашина – на човекот! Книгата во која е изложена таа голема и сесвета волја е во твои раце. Ти можеш и да ја прифатиш и да ја отфрлиш волјата на својот Создател и Спасител, во зависност од тоа како ти е угодно. Твојот вечен живот и вечна смрт се во твои раце: замисли колку внимателен и мудар треба да бидеш. Не играј си со својата вечна судбина!

Со покајно срце моли Му се на Господа да ти ги отвори очите за да ги видиш чудесата скриени во Неговиот закон (Псал. 118: 18) – Евангелието. Очите се отвораат и се гледа чудесното исцеление на душата од гревот, кое го извршува Словото Божјо. Исцелението на телесните болести било само доказ на исцеление на душата, доказ за плотските луѓе, за умови заслепени со сетилност (Лука 5: 24).

Читај го Евангелието со побожност и почит. За ништо во него немој да мислиш дека е помалку важно и дека не заслужува разгледување. Секоја негова буква зрачи со светлина на животот. А занемарувањето на животот е смрт.

Читајќи за лепрозните, раслабените, слепите, сакатите и демонизираните кои Господ ги исцелил, мисли на тоа дека твојата душа, која носи најразлични рани на гревот и се наоѓа во ропство на демонот, е слична со тие болни. Од Евангелието научи се на вера – дека Господ, Кој ги исцелил нив, ќе те исцели и тебе, ако од срце се молиш за своето исцеление.

Стекни такво расположение на душата за да бидеш способен да примаш исцеление. Способни да го добијат, се оние кои се свесни за својата гревовност и решиле да ја остават (Јован 9: 39-41). На гордиот праведник, т.е. грешникот кој не ги гледа своите гревови, Спасителот не Му е потребен и корисен (Матеј 9: 13).

Согледувањето на гревовите, согледувањето на падот во кој се наоѓа човечкиот род, претставува посебен Божји дар. Измоли го за себе тој дар и ќе ти биде јасна книгата на Небесниот Лекар – Евангелието.

Потруди се да го усвоиш Евангелието со умот и со срцето и, така да се каже, да пливаш во него; тогаш и твоето дејствување лесно ќе стане евангелско. Ова може да се постигне со постојано побожно читање и изучување на Евангелието.

Преподобен Пахомие Велики, еден од најзначајните древни отци, го знаел светото Евангелие напамет, и на своите ученици, по Божјо откровение, им давал задолжително да го научат. На тој начин Евангелието ги следело насекаде, постојано раководејќи ги.

…Каква среќа, какво богатство – да се научи Евангелието! Не можат да се предвидат пресвртите и несреќите кои можат да ни се случат во животот. Евангелието кое го имаме во сеќавањето  може да го чита и слепиот, тоа окованиот го следи во темница, разговара со земјоделецот на нивата оросена од неговата пот, го поучува судијата за време на процесот, го раководи трговецот на пазар, го радува болниот во текот на мачна несоница и тешка осаменост.

Не осмелувај се самиот да го толкуваш Евангелието и другите книги на Светото Писмо. Писмото го дале светите пророци и апостоли не по своја волја, туку на поттик од Светиот Дух (2. Пет. 1: 21). И како тогаш не е безумно да се толкува според сопствената волја?

Светиот Дух, Кој преку пророците и апостолите го соопштил Словото Божјо, го растолкувал преку Светите Отци. И Словото Божјо и неговото толкување се дар од Светиот Дух. Единствено тоа толкување го прифаќа Православната Црква! Единствено тоа толкување го примаат нејзините вистински чеда.

Кој самоволно го толкува Евангелието и го чита Светото Писмо, со тоа го отфрла неговото толкување кое со Светиот Дух го дале Светите Отци. Кој го отфрла толкувањето на Писмото со Светиот Дух, без сомнеж го отфрла и Светото Писмо.

…„На кого ќе погледнам, освен на кроткиот и молчалив, кој трепери од Моите зборови?“ – вели Господ. Биди таков во однос на Евангелието и на Господа, Кој е присутен во него.

Остави го грешниот живот, остави ја приврзаноста за земното, откажи се од својата душа, тогаш Евангелието ќе ти стане достапно и сфатливо.

„Кој ја мрази душата своја на овој свет – рекол Господ – ќе ја запази за живот вечен“ (Јован 12: 25). За оној што го сака својот живот, за оној, кој не се одлучува на самоодрекување, Евангелието останува затворено; тој ги чита буквите, но словото на животот, бидејќи е Дух, за него останува под непроѕирна завеса.

Додека Господ бил на земјата во своето пресвето Тело, многумина Го виделе – а истовремено не Го гледале. Каква корист ако некој гледа со телесните очи, кои му се заеднички со на животните, а при тоа ништо не гледа со умот и со срцето – со очите на душата? И денес многумина секојдневно го читаат Евангелието, а како никогаш да не го читале – воопшто не го познаваат.

„Евангелието се чита со чист ум – рекол еден преподобен пустиножител – а се разбира во мерката на исполнување на неговите заповеди на дело. Но, точно и совршено разбирање на Евангелието не може да се постигне со сопствен труд: тоа е дар Христов“.

Светиот Дух, Кој се вселил во својот вистинскиот и верен служител, го прави совршен читател и вистински извршител на Евангелието.

Евангелието е изобразување на својствата на новиот човек, кој е Господ небесен (1. Кор. 15: 48). Новиот човек е Бог по природа. Својот свет род на луѓето – оние кои веруваат во Него и се преобразиле по Него – Он ги прави богови по благодат.

Вие, кои се валкате во смрдливата кал на гревовите и во тоа наоѓате наслада, подигнете ги очите кон чистото небо: таму е вашето место! Бог ви дава достоинство на богови; вие пак, отфрлајќи го тоа достоинство, си бирате друго: достоинство на животни и тоа на оние најнечистите. Опаметете се! Оставете ја злосмрдливата кал; исчистете се со исповедување на гревовите; измијте се со солзи на покајание; украсете се со солзи на умиление; измијте ја земјата; воздигнете се на небо: Евангелието ќе ве воздигне таму. Додека ја имате светлината – т.е. додека го имате Евангелието во кое е скриен Христос – „Верувајте во светлината, за да бидете синови на светлината – на Христа (Јован 12: 36).

Почетникот најпрво треба да ги изучува заповедите Господови во Евангелијата според Матеј и Лука. Од изучувањето на заповедите кај овие евангелисти, преку нивно исполнување на дело, и другите книги од кои се состои Новиот Завет ќе станат лесно разбирливи. При читањето на евангелистите, треба да се чита и Благовесникот, т.е. објаснувањето на Евангелијата кое го дава блажен Теофилакт, архиепископ Охридски. Читањето на Благовесникот е неопходно: тоа помага за правилно разбирање на Евангелието и сходно на тоа и поточно исполнување на неговите заповеди. Притоа, правилата на Црквата бараат Светото Писмо да се разбира онака, како што го толкуваат Светите Отци, а никако според сопствено мислење: раководејќи се од толкувањето на Светите Отци, толкување кое го прифатила и го употребува Црквата, ние го чуваме преданието на светата Црква.