Вие размислувате да дојдете на исповед, но уште не сте се одлучиле да го направите тоа? Вас ве буни тоа што не знаете како правилно да се подготвите? Со помош на следниве подолу едноставни совети, вие ќе можете да ги направите првите чекори.

Исповедта е Света Тајна на помирување со Бога, кога покајникот во присуство на сведок-свештеникот на Бога Му ги открива своите гревови и ветува дека нема да ги повтори, а свештеникот се моли за прошка на гревовите на тој што се исповеда. Од исповедта треба да се разликува доверливиот разговор со свештеникот, каде може да се продискутира за некои подробности на својот живот и да се добијат одговори на прашањата. Секако некои прашања може да се решат и за време на исповедта, но ако прашањата се многу или за нивно разгледување е подолго време, тогаш подобро е да се замоли свештеникот да ви одреди време за посебен разговор.

Совети за подготовка за исповед.

Осознавање на своите гревови

Ако вие размисливте за исповед, значи вие признавате дека во својот живот нешто не сте направиле како треба. Токму со осознавањето на своите гревови и започнува покајанието. Што е грев, а што не?

Грев е се она што е спротивно на Божјата волја, или со други зборови на замислата Божја, во однос на светот и човекот

Замислата Божја за светот се отрива во Светото Писмо – Библијата. Делумно, „најконцизен” израз на замислата Божја во однос на практичниот живот на човекот, се познатите десет заповеди, дадени на Мојсеја на Синај. Сржта на овие заповеди Господ Исус Христос ја свел на следново: ”Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце” и “Возљуби го својот ближен како себеси”.

Пред подготовка за првата исповед, пожелно е да се прочита Спасителевата беседа на гората (главите 5 – 7 од Евангелието според Матеј) и параболата за Страшниот суд, каде Господ Исус Христос вели дека, нашиот живот ќе биде оценуван врз основа на тоа како ние сме се однесувале кон своите ближни.

Да не се користат таканаречени „списоци на гревови“

Во последно време меѓу верниците (како што велат “воцрковените”, т.е повеќе запознатите со црковната традиција, а во пракса – и околу црковните суеверија) раширени се разни врсти т.н. „списоци на гревови”. Во подготовката за исповед тие повеќе штетат, затоа што тие многу успешно помагаат исповедта да се претвори во формално набројување „на она што претставува грев”. Всушност исповедта во никој случај не треба да биде формална. Освен тоа, меѓу „наброените гревови” се среќаваат и сосема смешни примери, така да брошурите од слична врста подобро воопшто да не се ни разгледуваат. Единствен исклучок може да биде краток „потсетник” на основните гревови, кои често не се осознаваат како такви. Еве пример за таков потсетник:

Гревови против Господа Бога:

– Неверување во Бога, признавање дека постојат „духовни сили”, придавање важност на религиозни доктрини, освен на христијанската вера; учество во други религиозни практитки или обреди, дури и „за друштво”, за шега и др.

– Номинална вера, која не се изразува во животот, т.е практичен атеизам (можно во умот да се признава постоењето на Бога, но буквално да се живее како неверник).

– Создавање на “идоли”, т.е ставање меѓу животните вредности на прво место било што освен Бог. Идол може да стане нешто угодно, што реално му служи на човекот: парите, власта, кариерата, здравјето, знаењето, задоволствата. Сето ова може да биде и добро, кога зазема соодветно место во личната „ерархија на вредности” но кога се наоѓа на прво место, се претвора во идол.

– Обраќање кон разни гатачи, вражалци, бајачи, екстрасенси и др.

– Обид да се „потчинат” духовните сили со магиска помош, без покајание и личен напор за промена на животот според заповедите.

Гревови против ближниот:

– Игнорирање на луѓето, произлезено од гордоста и самољубието, невнимние кон потребите на ближниот (ближен не е само роднината или пријателот, туку секој човек, кој се нашол покрај нас во дадениот момент);

– Осудување и расправање за маните на ближните („Оти по зборовите свои ке бидеш оправдан, и по зборовите свои ке бидеш суден” – вели Господ)

– Блудни гревови од секаков вид, особено прељубата (нарушување на сопружничката верност) и противприродните полови врски, што е неспоиво со престојувањето во црквата.

– Абортус – одземањето на животот на човечкото суштество, всушност е убиство. Треба да се каеме дури и во тој случај, ако абортусот бил направен по медицински индикации. Сериозен грев е и наговарање на жената за абортус (на пример од страна на мажот). Покајанието во овој грев подразбира дека покајанкот никогаш повеќе свесно нема да го повтори.

– Присвојување на туѓа сопственост, откажување од плаќање на трудот на други луѓе, задржување на заработената плата на потчинетите или на наемниците.

– Разни лаги, особено – клевета против ближниот, ширење на слушната приказна (по правило ние не можеме да бидеме сигурни во вистинитоста на слушнатото),  неодржување на зборот.

Ова е список на најраспространетите гревови, но уште еднаш да забележиме дека со слични “списоци” не треба да се занесуваме. Најдобро во понатамошната подготовка за исповед е, да се користат Десетте Божји заповеди и да ја послушаме сопствената совест.

Да се зборува само за гревовите, притоа за сопствените

На исповедта треба да се зборува за своите гревови, без да се обидуваме да ги минимизираме или да ги прикажеме како оправдани. Често свештениците, примајќи ја исповедта, наместо исповед на гревовите слушаат животни истории за сите роднини, соседи и пријатели. Кога на исповедта човекот раскажува за нанесените му навреди, и ги оценува и осудува ближните, всушност се оправдува самиот себе. Често во слични раскази, личните гревови се прикажуваат во таква светлина, како да е невозможно сосем да се избегнат. Но гревот – секогаш е плод на личен избор. Крајно ретко паѓаме во такви замки, кога сме принудени да избираме меѓу два вида на грев.

Не треба да се измислува посебен јазик

Зборувајќи за сопствените гревови, не треба да се грижиме како „правилно” или „црковно” да ги именуваме. Работите треба да се нарекуваат со вистинското име, на обичен јазик. Вие се исповедате пред Бога, Кој ги знае вашите гревови дури подобро и од вас самите, и нарекувајќи го гревот онака, каков што е тој, вие Бога нема да го зачудите. Нема да го зачудите ниту свештеникот. Понекогаш на покајникот му е срам пред свештеникот да го каже овој или оној грев, или постои страв дека свештеникот, слушајќи за гревот, ќе ве осуди. Всушност, свештеникот во текот на годините на служба, слуша многу исповеди, и затоа и не е едноставно да го изненадите. А освен тоа, сите гревови не се оригинални: тие практично не се промениле со текот на милениумите. Како сведок за искрено покајание за сериозните гревови, свештеникот никого нема да осуди, туку ќе се израдува за враќањето на човекот од гревот, на патот на праведноста.

Треба да се зборува за важни работи а не за безначајни

Не ја почнувајте исповедта со гревови како што е нарушувањето на постот, неодењето во црква, работење на празници, гледање телевизија, носење/неносење одредена облека и т.н. Како прво, ова не се вашите најсериозни гревови. Второ, ова може сосема и да не биде грев: ако човек во текот на долги години не пристапувал кон Бога, тогаш зошто да се кае за недржење на постот, ако самиот „вектор” на животот не бил насочен во тој правец? Трето, кому му е потребно бескрајното копање во секојдневните ситнурии? Господ од нас очекува љубов и оддавање на срцето, а ние нему:„каснав риба во посен ден” или “шиев во празник”. Пред сè, треба да се посвети внимание на односот кон Бога и ближните. При што под ближни, според Евангелието, се подразбираат не само луѓето, кои ни се мили, но сите, кои ги среќаваме во животниот пат, и пред сè – членовите на нашето семејство. Христијанскиот живот за семејните луге започнува во семејството и со него се проверува. Овде е најдоброто поле да се воспитуваме во христијанските квалитети и вредности: љубов, трпение, проштевање…

Животот треба да почне да се менува уште пред исповедта

Покајанието на грчки јазик се вели „метаноја”, што значи буквално – „промена на умот”. Недоволно е да се признае дека во животот сме направиле такви и такви постапки. Бог – не е судија, а исповедта – не е признавање на вина. Покајанието треба да биде промена на животот: покајникот посакува да не се враќа кон гревовите и со сите сили се труди, да се воздржи од нив. Ваквото покајание започнува некое време пред исповедта и доаѓајќи во храмот кај свештеникот веќе ја „запечатува” случената промена во животот. Ова е мошне важно. Ако човекот има намера да продолжи да греши и по исповедта, тогаш со неа треба да се почека. Треба да се напомене, дека кога зборуваме за промена во животот и откажувањето од гревот, тогаш зборовите на апостол Јован ги имаат превид и т.н “смртни гревови“. Како такви гревови, христијанската Црква од дамнешни времиња ги сметала: одрекувањето од верата, убиството и прељубодејствието. Кон гревовите од тој тип може да се вбројат, во најголема мера и другите човечки страсти: злобата кон ближниот, крадењето, суровоста и др. кои можат да биде прекратени еднаш и засекогаш со напор на волјата, соединета со помошта Божја. Што се однесува пак до ситните гревови, т.н „секојдневни” тие во голема мера ќе се повторуваат по исповедта. За ова, треба да бидеме подготвени и смирено да го прифатиме како вакцина: совршени меѓу луѓето нема, безгрешен е само еден Бог.

Да се биде во мир со сите

“Простете, и простено ќе ви биде” – вели Господ. “Со каков суд судите, со таков ќе бидете судени”. И уште посилно: “Ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот”. Ако ние од Бога молиме прошка, тогаш прво самите треба да им простиме на навредувачите. Секако, има ситуации кога физички е невозможно непосредно да побараш прошка од човекот, бидејќи тоа ќе доведе до заострување на и така влошените односи. Тогаш, важно е, во крајна мера од своја страна да му простиш и ништо да немаш во срцето против ближниот.

Неколку практични препораки

Пред да појдете да се исповедате, најдобро би било да се договорите со свештеникот за врмето, кога тој би можел да ви посвети повеќе внимание за исповед. Постојат посебни молитви, кои го изразуваат покајното „чувство“. Добро е, тие да се прочитаа пред исповедта. Покајниот канон кон Господа Исуса Христа, практично се печати во секој молитвеник освен во најкратките.

За време на исповедта свештеникот може да ви одреди епитимија:воздржување на некое врем од причест, читање на посебни молитви, земни поклони или дела на милосрдие. Ова не е казна, туку средство да се искорени гревот и да се добие отпуштање на гревот. Епитимијата може да биде одредена, кога свештеникот не го увидел од страна на покајникот потребниот однос кон сериозните гревови, или, обратно, кога гледа дека кај човекот постои потреба во тоа, да се направи нешто практично за „искоренувањето“ на гревот. Епитимијата не може да биде бескрајна: таа се одредува на некое определено време, и потоа треба да биде прекината.

По правило, по исповедта верниците се причестуваат. Иако исповедта и причесната се две посебни Свети Тајни, подобро подготовката за исповед да се соедини со подготовката со причест.

Ако овие мали совети ви помогнаа за исповед – слава му на Бога. Не заборавајте дека оваа Света Тајна треба да биде редовна. Не одложувајте ја следната исповед на подолг период. Исповедањето еднашмесечно, ќе ви помогне да бидете „во тонус“, внимателно и одговорно да се однесувате во вашиот секојдневен живот, во кој, лично треба да биде изразена нашата христијанска вера.

Протоереј Андреј Дудченко

Извор: Правомир.Ру

Повеќе ...