Како треба да се молиме

Како треба да се молиме

Како треба да се молиме

Митрополитот Пирејски Калиник И. Карусу

Што е молитвата?

Имаш ли размислувано сериозно, брате мој, ти кој ги читаш овие редови, колку големо дело е молитвата? Ја разбираш ли во сета нејзина длабочина? Молитвата е разговор и преобраќање на малиот и ограничен човек кон бескрајниот и вечен Бог. Таа е средство преку коешто зборуваме со нашиот Творец, му ги кажуваме нашите потреби, си го отвараме срцето, му ги изразуваме нашите чувства, заедничариме со Него.

Таа е голем дар Божји за човекот. Дар со непроценлива вредност. Ние грешните и немоќните да можеме да го издигнеме нашиот глас до тронот на Сесилниот Творец на сè. Ние земните црви да разговараме со Господ на небесата и на земјата. И доколку сметаме дека сме почестени кога разговараме со некоја позната и важна личност, тогаш колку поголема чест имаме кога разговараме со Вишниот Творец?

Светиот Златоуст вели: „Кој не би се зачудил и воодушевил од Божјото човекољубие…со толкава чест е даруван човекот, со молитва се удостојува, и преку неа зборува; Значи, навистина, на Бога Му зборуваме за време на молитвата, и со ангелите се зближуваме… Значи ангелско дело е молитвата“.

Значи голема чест ни прави Бог што нè слуша. Чест, дар и добродетел од Бога за човекот. „Преку молитвата“, вели лекарот философ Карел, „човекот Го сретнува Бога и Бог се вселува во човекот“ (Молитвата, стр. 32).

Нејзината непроценлива вредност

 

Молитвата е дишење на нашата несмртна душа, живот на нашата душа. Светиот Златоуст вели, дека телото без душа е мртво, на истиот начин и душата е мртва, мизерна и смрдлива, кога не се моли и не заедничари со нејзиниот Творец. Без молитва, вели истиот велик отец, „ниту имаме нешто добро, ниту спасение“, значи ништо добро и спасително не можеме да постигнеме.

Човекот кој не чувствува потреба да се моли и не се моли, е духовно мртов и неспособен за било што добро. Срцето му станува сурово и бесплодно. И неговата душа станува завладеана од непослушни и штетни желби. Станува лесен плен на Сатаната. Додека, пак, оној што се моли ја има благодатта Божја врз себе. Ја намалува во себе силата на злото. Сатаната се оддалечува од негова близина. Се засилува во него желбата за доброто. Душата му се полни со благородни чувства и неговиот ум се храни со духовни и свети мисли.

Преку молитвата човекот стекнува крилја и лета високо кон небото и зема сила и желба за духовна борба. Бессилниот се сврзува со Сесилниот, созданието со неговиот Создател, грешниот со Светиот на Светиите. Молитвата ни го одмара срцето, ни ги смирува духот и душата, ја успокојува нашата внатрешност.

Не постојат човечки зборови кои би можеле достојно да ја опишат вредноста на молитвата. Само молитвеното срце ја чувствува нејзината вредност. Затоа, само кога ја вкусуваме молитвата, ја разбираме нејзината сладост. Кога се молиме како што треба, тогаш добиваме искуство од нејзината непроценлива вредност. Молитвата се доживува, не се опишува. Познатиот англиски лекар Андреас Кларк, претседател на Кралскиот Медицински Колеџ во Лондон, овој човек на молитвата, го велеше следново од негово лично искуство: „Не вреди, велат, молитвата; молитвата е посилна од медицината. Молитвата е основа и камен-темелник на љубовта. Молитвата е семоќна“. И еден друг познат молитвеник-лекар, пишуваше: „Молитвата буквално ги преобразува духовните и органски сили на луѓето. Создава хармонија на нервните и етички функции. Ја развива способноста херојски да се соочуваме со бедотијата, клеветата, грижите, тагата, болестите, смртта“. И докторот на медицина и добитник на Нобелова награда Карел вели дека, „молитвата е посилна форма на креативната енергија“.

Па, што велиш ти читателу? Имаш ли ти лично искуство од оваа непроценлива вредност и полза од молитвата? Ако немаш, тогаш обиди се уште во овој момент и ќе се увериш потполно за нејзината голема вредност.

Како треба да се молиш?

 

А сега би сакал да ти кажам, читателу, со колку што можам попрости зборови, некои услови, на кои, ако внимаваш и ги применуваш, тогаш и молитвата ќе ти биде благопријатно примена од нашиот Наднебесен Отец:

  1. Пред сè треба да се молиш со вера во силата на молитвата.

Поверувај цврсто, дека зборовите кои ги упатуваш кон Бога не одат залудно. Вишниот веднаш ги слуша и подготвен е да одговори на твоите молби. Ова категорично ни го потврди самиот вочовечен наш Избавител со Неговата нелажлива уста: „и сè, што и да побарате со вера, ќе добиете“ (Мат. 21, 22).  Значи, што и да побарате на молитва со вера во силата Божја, ќе добиете. И на друго место нагласува дека „сè што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете: и ќе ви биде“ (Марко 11, 24). Значи, ни вели Господ, сè што и да побараме кога се молиме, да веруваме дека задолжително ќе го добиеме и дека ќе биде она што го бараме од небесниот ни Отец. Многупати Господ нè уверува дека Бог ги слуша нашите молитви: „сакајте, вели, и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете, чукајте и ќе ви се отвори“ (Мат. 7, 7). Зарем е можно, брате мој, Бог да лаже? Штом Господ го вели тоа, вистина е. Значи, поверувај дека Бог веднаш ја слуша твојата молитва. Оваа вера е првиот и основен услов за да ти биде услишана молитвата.

Ако се молиш без вера, тогаш ја отфрлаш довербата Божја. Додека, пак, ако се молиш со вера, тогаш ја привлекуваш благодатта Божја врз себе. Од силата на твојата вера зависи исполнувањето на твоите молби. Кога се молиме со вера Бог ни дава повеќе од она што го бараме.

  1. Да се молиме со побожност.

Кој е тој, кон Когошто се обраќаме? Не е сличен на нас луѓето. Тој е Вишниот Создател, Господ на небото и земјата, Сесилниот, Сесветиот и Бесконечен Бог. Кои сме ние? Мали созданија. Луѓе грешни и слаби. Свеста за величието Божјо ни влева побожност. А таа побожност треба да ја манифестираме преку молитвата со внимание и на начин како што ги кажуваме нашите молитви. Кога некој брзајќи ги кажува молитвите или кога не е свесен Кому Му се обраќа, или кога пее некој во црква парадирајќи со гласот, или кога во светиот храм се врти лево-десно, тогаш покажува недостаток од побожност. Таквата молитва Бог не ја прима. Ако влеземе во канцеларијата на некој министер, без некоја препорака, и дрско побараме нешто, ќе нè протераат и ќе си заминеме без успех. Пред официјални личности се појавуваме со препорака и почитување, додека на Бога Му се молиме честопати без почит и побожност. Но тоа е недопустливо. Добриот христијанин секогаш се моли со голема побожност.

  1. Со скрушеност и смирение.

Да имаме свест за нашите гревови. Честопати ја имаме нападнато свештената добрина со нашето невнимание и достојни сме за гнев и осуда. Но нашиот Бог нè прима да разговараме со Него од љубов. Потребно е на молитва да имаме свест за нашата грешност и за милосрдноста на Себлагиот Бог. Од оваа свест ќе ни се роди скрушеност и смирение, но истовремено и утешна надеж во добрината на Господ, Којшто на Крстот се жртвуваше за нас, за да нè спаси од тињата на нашите гревови.

Ваква скрушеност и смирение имаше митарот и неговата молитва Бог ја услиша. Додека, пак, молитвата на гордиот фарисеј Бог ја презре.

  1. Со душевно воздигнување.

 

Небесно дело е молитвата, не е земско занимавање. Со нозете чекориме по земјата, но срцето и умот, во часот на молитва, треба да се издигнуваат кон висините, онаму кон престолот на свештеното величие. Додека се молиме наликуваме на ангели. „Горе да ги имаме срцата“. И „секоја животна грижа сега да ја оставиме“. Да ја заборавиме земјата и да се насочиме кон височините. Со умот, со мислата, со чувствата, со срцето да се издигнеме кон небесата. И со очите на нашата душа да Го гледаме нашиот Господ Исус. И кон Него да ги излееме радосните крици од нашето срце.

  1. Отворање на срцето кон Бога.

Да ја оставиме нашата душа самата да зборува со Бога. Со прости зборови, како што разбираме, да му кажеме на нашиот Исус сè што нè мачи: болките, проблемите, потребите, нашите стравови. Да зборуваме со Бога, како што зборува малото дете со родителот, искрено, спонтано, без преправање, просто, оригинално.

Се разбира, можеме да ги употребуваме и востановените молитви, кои ги напишаа Отците на нашата Црква или бесмртните псалми Давидови и др. Но кога ги произнесуваме треба живо да ги чувствуваме како наши, лични, како зборови на нашето срце.

  1. Со големо внимание.

Да се молиме со умот сосредоточен во значењето на молитвата. Не треба со усните да ги пелтечиме зборовите на молитвата, а нашиот ум да шета на друго место. Тоа е наше најсвештено и најважно дело, наше најблагородно дело. Не се дозволува невнимание, ниту насилство и површност. Да ги кажуваме зборовите на молитвата чисто, полека, еден по еден, внимателно, побожно, смирено и умилително.

Кога се молиме со свои зборови полесно е да се сосредоточиме на молитвата. Кога ги користиме молитвите на Црквата, потребен е голем труд да го сочуваме сосредоточен нашиот ум, зашто лесно бега и мислите ни лутаат. Оваа опасност е најголема кога се молиме на богослужбите на нашата Црква. Затоа, пред почетокот на богослужбата, потребна е душевна подготовка и труд за сосредоточување во храмот.

Молитвата без внимание претставува напад против Сеприсутниот Бог и подобро ова да не ни се случува.

  1. Со душевна подготовка.

 

За да можеме да се молиме, како што истакнавме погоре, неопходна е некоја душевна подготовка. Нашите спонтани молитви по некоја опасност, од страв, огромна потреба, ги кажуваме обично со сета сила на нашата душа, зашто претходната опасност душевно нè подготвила и нè поттикнала да побараме свештена помош. Истото се случува и во моментите во кои бликаме од благодарност кон Бога, или од некој наш успех. Но во секојдневните молитви, за да успееме во воздигнувањето на нашиот дух, сконцентрирањето на нашето внимание, потребно е побожност, смирение и умиление, пред да ја почнеме молитвата, да ја сосредоточиме нашата мисла на светото дело кое треба да го правиме. Во ова можеме да си помогнеме со еден краток поглед на некој стих во Светото Писмо, или во некоја духовна книга, или принесувајќи во нашиот ум мисли во врска со светоста на молитвата. Но за оваа наша душевна подготовка потребна е тишина и собирање на мислите, неколку минути пред почетокот на молитвата.

Нашата душа е слична на машина, којашто за да тргне напред претходно треба да се загрее. Душевната подготовка е токму тоа загревање на душата.

  1. Да им простуваме на нашите непријатели.

 

Кога се молиме со омраза во срцето, таквата молитва Бог не ја прима. Зашто, како можеме да бараме од Господ да ни ги прости грешките и навредите кои Му ги имаме сторено, кога ние не сме спремни да му простиме на нашиот ближен, кој случајно ни наштетил?

Овој услов е неопходен. Затоа во Господовата молитва, „Отче наш“, Господ нè научи да бараме од Небесниот Отец да ни ги прости нашите гревови, како што и ние им простуваме на нашите браќа: „И прости ни ги долговите наши, како што им ги проштеваме и ние на нашите должници“.

  1. Со упорност.

 

На крајот, треба да сме упорни во молитвата. Бог честопати ја искушува нашата вера и бавно ни го дава она што го бараме. Сака често да чукаме на вратата од Неговата свештена милост. Има многу примери, каде што словото Божјо ни го покажува ова во Светото Писмо, за да ни ја нагласи потребата да бидеме упорни во молбите од нашите молитви: „Им кажа и парабола за тоа, оти секогаш треба да се молат и да не паѓаат со духот“ (Лука 18, 1). Значи, Господ ја кажа целата оваа парабола за неправедниот Судија, за да ги научи Неговите ученици, дека треба да бидат упорни во молитвата и да не се изморуваат.

Колку често треба да се молиме?

 

Апостолот Павле ни вели: „молете се постојано“, значи да се молиме постојано. Ова се постигнува кога во нашиот ум Го имаме Бога и Неговите заповеди. Меѓутоа, во текот на денот треба да постојат посебни периоди за молитва. Два основни периода за молитва се: наутро, пред да започнеме со работа, и навечер, пред да заспиеме.

Ти, брате мој, читателу, секое утро, пред да го земеш појадокот, колку и да ти се брза, застани побожно пред домашниот иконостас, издигни ја душата кон небесата и, штом ќе Му заблагодариш на Бога што те сочувал преку ноќта, помоли Го да ти даде благослов за овој ден, да те сочува од непријателите душевни и телесни, и да те упати на патот, согласно со Неговата света воља.

Истото прави го и навечер, пред легнување. Задолжително да правиш по една кратка молитва пред и по јадењето, напладне и навечер. Но и во други часови од денот, ако можеш, да се молиш – убаво е и полезно. Секогаш да ја бараш помошта Божја пред почетокот на која било работа. Молитвата е мерило за нашата духовност.

Што да кажуваш во молитвата?

 

Како што кажавме претходно, молитвата е отворање на срцето кон Бога. Заради тоа и содржината на твоите молитви треба да биде одредена од состојбата на твојата душа. Кажи му на Бога за сè што те интересира, сите твои потреби, и побарај од Него решение за сите твои проблеми.

Меѓутоа, добро е да научиме да Го славиме Бога и да Му благодариме за Неговите неизмерни благодејанија. Во секој момент живееме во морето од благодејанија Божји. И треба да почувствуваме потреба да Му заблагодариме за Неговите безбројни дарови кои ни ги дава.

Во нашите молби треба да ги вклучиме и нашите блиски и секој човек кој ни значи. Дури и за нашите непријатели треба да се молиме, та Бог да им даде покајание.

Добро е понекогаш да се молиме и со импровизирани молитви, кои ќе бидат од нашето срце, и молитви, кои ни ги има оставено Црквата.

*  *  *

Овие малку и прости зборови, пази ги, брате мој. Научи да се молиш така, како што накратко ти покажав. Молитвата е средство преку кое секогаш ќе Го имаш Бога во твоја близина и на помош. Сите големи личности беа луѓе на молитвата (кои се молеа многу). Стани и ти таков. Научи да се молиш. Да се молиш како што треба. И ќе станеш, со благодатта Божја која ќе ја добиваш од секојдневните молитви, победник над животните тешкотии.

Превод од грчки:

Ѓакон Јани Мулев

Наслов на изворникот:

Καλλινικου Ι. Καρουσου Μητροπολιτου Πειραιως

Πως πρεπει να προσευχεσαι

(Текстот е објавен во книгата „Со пост и молитва“, издание на Повардарската епархија)