Добродетелниот и смиреноумен монах ги сокрива своите добродетели како богатиот своето богатство.

Тој не ја твори својата волја, туку секој миг се прекорува, подвизувајќи се во тајното дејствување според зборовите на Писмото:

Се загреа срцето мое во мене, и во мислите мои се разгоре оган! (Псал. 38, three).

Каков е тој оган? Слушнете го зборот на Писмото кој гласи:

Бог е оган Кој спалува (Евр. 12, 29).

Како што од оганот се топи восокот и се суши тињата на скриените нечистотии така од тајното поучување се сушат скверните помисли, венеат душевните страсти, се просветлува умот, мислата станува јасна и срцето се исполнува со радост.

Тајното поучување ги ранува демоните, ги изгонува злите помисли и го просветлува внатрешниот човек. Оној што се наоружува со тајното поучување и Бог го крепи, и ангелите го поддржуваат, и луѓето го слават.

Тајното поучување и читањето е дом на душата во кој не може да се влезе, неподвижен столб, тивко и безметежно пристаниште во кое се спасува душата.

Демоните многу се вознемируваат и се сматуваат кога монахот ќе се наоружа со тајното поучување, т.е. со молитвата:

„Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме, грешниот“, како и со читањето на Божественото Писмо во осаменост.

Скриеното поучување е огледало на умот и светилник на совеста. Тоа го исушува блудот, ја скротува јароста, го изгонува гневот, ја укинува гордоста, ја оддалечува навредливоста, го сотира унинието.

Скриеното поучување го просветлува владејачкиот ум, ја изгонува мрзливоста, го раѓа умилението, го вселува стравот Божји, донесува солзи.

Тоа на монахот му носи вистинско смиреноумие, умилно бдение, безметежна молитва.

Тоа е молитвена ризница што ги отстранува неприличните помисли и ги победува демоните, и го чисти телото.

Тоа учи на долготрпеливост, на воздржливост и потсетува на геената.

Тоа го прави умот собран и безмечтателен, поттикнувајќи го да мисли само на смртта.

Скриеното дејствување е исполнето со секое добро и украсено со секоја добродетел.

Тоа е оддалечено од сè скверно.

Тоа е некаде далеку од сè такво.

ава Исаија Отшелник