Христос воскресе! – Митрополит Тимотеј

Христос воскресе! – Митрополит Тимотеј

Драги браќа и сестри,

Во овој свет ден, кога целиот свет, видливиот и невидливиот Го прославува Началникот на животот и Победителот на смртта, срдечно ве поздравувам со пасхалниот восклик Христос воскресе!

Прославувајќи го овој ден како празник над празниците и торжество над торжествата, со особена духовна радост си спомнуваме за искупителните подвизи на Спасителот на светот, Неговите крстни страдања и светлото Воскресение. Велигден, тоа не е некоја убава легенда, ниту, пак, теоретско богословие и не е ден воспоставен за споменување на некој настан од минатото или, пак, народно предание. Велигден е центарот и суштината на христијанството. Тоа е победа подарена од Бога на нас. Од времето на апостолите, па сè до сега, Црквата проповеда за Воскресението Христово како најголемо чудо во историјата на човештвото. Таа зборува за ова чудо, не само како евангелски факт, туку, таа зборува за важното и судбоносно значење, за сите што го примиле пасхалното благовестување.

Денешниот празник непосредно се однесува на секој еден од нас. Воскресението Христово е извршено од Господа за избавување на паднатиот свет, а тоа, само по себе, е најголемата радост што може да ја доживее човекот. Колку многу посложен би бил нашиот живот и колку поголеми таги и маки би преживувале во овој свет, ако ја немаме духовната надеж за вечното спасение, коешто ни го дарува Бог. Најголема надеж и утеха е токму Христовото Воскресение. Затоа и апостолот Павле вели: „Но ако Духот на Оној, Кој Го воскресна од мртвите Исуса, живее во вас, тоа Оној, Кој Го воскресна Христа од мртвите, ќе ги оживотвори и вашите смртни тела преку Својот Дух, Кој живее во вас” (Рим. 8, 11).

Во овој светол воскресенски ден, безброј христијански души и верници се преисполнуваат со благодарност кон Создателот. Во овој светол ден нашето земно битие наоѓа потполна смисла. Христовата Пасха се јавува како големо торжество на животот. Торжество на победата над смртта, а во исто време, носејќи љубов, мир и духовно преобразување. Во пасхалното празнување, секогаш откриваме нов период во нашиот живот, бидејќи Воскреснатиот Господ ја обновува паднатата човекова природа, ја укрепува во искушенијата и ѝ дава сили за правење добри дела.

Воскреснатиот Господ да ни даде сили, па да го ползуваме нашиот живот за корист на нашите души. Да ги чуваме високите христијански морални одговорности и да создадеме од себе вистински христијани. Па не само ние, туку и оние околу нас да имаат силна и непоколеблива вера православна, со искрена љубов и со непоколеблива надеж. Да дозволиме оваа радост и овој празник да нè закрепи и да нè вдахнови за правење добри дела. Да ни даде цврстина, сила и меѓусебна љубов и почит помеѓу нас во ова житејно море, па да ја сочуваме верата и добрината во спокојство и да се спротивставиме на сите соблазни и искушенија, победувајќи ги сите зла на овој свет. Воскреснатиот Господ Исус Христос да биде со сите нас и да ги озари нашите срца со радост и веселба.

Христос воскресе!

Вечерна богослужба на Велигден

08.04.2018 год.

Храм „Св. Кирил и Методиј”

Розбери, Сиднеј, Австралија