Копнеж – духовно да се прогледа – „Господи, да прогледам!“ (Дедо Наум)

Example Admin User · 3 years ago

    1 minute, 57 seconds


Копнеж – духовно да се прогледа (10.01.2021 16:58)

Во денешното евангелие (Лука 18, 35–43), слепиот повикува кон Господ Христос:

„Исусе, Сине Давидов, помилуј ме“.

Оваа состојба го покажува првиот степен од духовниот раст – чистењето на срцето од страстите.

За овој степен од духовниот развој се карактеристични усно-умствената молитва и очистувањето на енергијата на умот; но, исто така, и непристапноста на срцето за умот и непросветленоста, т.е. духовното слепило.

Кај слепиот ја забележуваме не само упорноста во усната молитва, туку и свеста дека е слеп и потребата да се ослободи од таа слепост. Има луѓе кои немаат свесност дека се духовно слепи и тие ги гледаат работите согласно своите страсти – што, според Господ, е полошо и од слепило (Матеј 5, 29).

И, како со копнеж ќе повикаш кон Господа да ти ги отвори духовните очи ако си мислиш дека веќе духовно си прогледал?

Ваквата прелест покажува безверие и неспремност за духовен подвиг. А секој подвиг си бара време.

Слепиот верува дека Господ Исус може да го исцели и затоа никој, и покрај забраните, не може да го спречи неговиот молитвен повик кон Него. Тоа е вистинска пројава на вера поврзана со дела.

Истото важи за нас денес. Треба да го освестиме своето духовно слепило, треба да веруваме дека Богочовекот Исус Христос може да нè исцели и треба оваа наша вера да ја докажеме на дело – со што почесто призивање на името Негово, без да дозволиме некој или нешто да нè попречува.

Кога, преку усниот и умствен молитвен подвиг, ќе почнеме постепено да ја чистиме енергијата на умот, истовремено и неосетно ќе почне да се очистува и суштината на умот и ќе стекнуваме благодатна светлина која ќе ни овозможи да согледаме какви сме, да видиме колку сме душевно болни и духовно слепи.

Господ заповеда да Му го доведат.

Тоа е икона на, од Господ основаното, духовно раководство, преку коешто слепиот и единствено може да дојде до Христос.

Оној што е под правилно духовно раководство и е свесен за својата духовна слепост, знае и што најнапред да побара: „Господи, да прогледам!“

Втората состојба почнува кога Христос направи слепиот да прогледа.

Оваа состојба го покажува вториот степен од духовниот раст, а тоа е просветлувањето на умот преку умно-срдечната молитва.

Просветлувањето, од една страна, си бара подвиг за доволно очистена суштина на срцето од страстите, а од друга страна, тоа е Божји дар.

Чистотата на срцето ја овозможува пројавата на благодатта на Крштението во него, како и симнувањето на умот таму.

Бидејќи умот веќе го знае местото на срцето, тој ја напушта усно-умствената молитва и продолжува да се моли внатре во срцето.

Таму, соединет молитвено со Божјата благодат, тој се просветлува.

Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот!

Митрополит Струмички Наум

Source: https://pokajanie.mk/2021/01/10/30430/

Share:

Example Admin User

All author posts

Related Posts

Image Description
2 years ago

Митрополит Струмички Наум: Прогледување на духовно слепите (07.08.2021)

Прогледување на духовно слепите (07.08.2021 15:56)Во денешното евангелие опишани се две состојби.            Првата состојба е кога слепите повикуваат кон Богочовекот Исус Христос: „Помилуј нѐ, Исусе, Сине Давидов!“ (Матеј 9, 27). Оваа состојба...

Image Description
3 years ago

За оние што се мислат безгрешни, пречисти и сигурно спасени, па сега ќе ја спасуваат и Црквата

За оние што се мислат безгрешни, пречисти и сигурно спасени, па сега ќе ја спасуваат и Црквата (30.10.2020 22:10) Секогаш се чудам кога ќе видам дека луѓето, кои себеси се нарекуваат христијани, не ја сфаќаат основната христијанска вистина – најубаво кажана од преподобниот отец наш Јустин Ќелиски, п...

Image Description
3 years ago

Различни блаженства! (Митрополит Наум)

Различни блаженства (19.12.2020 17:50) Слушајте ги блаженствата внимателно, за да ја забележите разликата: „Кога го виде народот, Он се искачи на планината; а штом седна, учениците Негови се приближија до Него. И кога ја отвори устата Своја, ги поучуваше и говореше: ’Блажени се бедните по дух, зашто...