Кучевишкиот манастир Свети Архангели

Кучевишкиот манастир Свети Архангели

Кучевишкиот манастир Свети Архангели

Локација: село Кучевиште

Област: Скопска Црна Гора

Регион: Скопско


Поглед однадвор: Aрхитектонска хармонија и духовен спокој

Долж меѓата на безмалку правоаголното манастирско двориште се наоѓаат стариот северен конак, јужниот – наречен нов, новоизградената игуманиска куќа и древната штала. Сите градби се свртени кон средедворието каде што е устроена црквата, доминантна во просторот, со хармонична и елегантна лика.

Народот беседи дека манастирот бил основан во времето на кралот Марко покрај чудодејната Кучевишка Река чијашто вода носела пород и семејна радост. Научните факти укажуваат на тоа дека црквата била подигната во периодот помеѓу Маричката (1371) и Косовската битка (1389). Таа, во форма на трилист со доминантна купола, е градена во клоазон техника, карактеристична само за најелитните донации. Во почетокот на XVII век, поради зголемените манастирски потреби, црквата била проширена кон запад со нартекс, простран безмалку колку и наосот.

Стариот конак на северната страна, со својата хармонична архитектура и бројни фунции (фурна, огниште, магерница, катни ќелии, чардак), бил подигнат во времето на скопскиот митрополит Симеон (1623-1641), чијшто грижлив однос кон манастирот е повеќекратно посведочен во изворите.

Јужниот конак, обновен во поново време, има пространа трпезарија во приземјето и одаи на катот со две придружни простории. Оваа убава градба со фасадна фугирана тула била изградена во крајот на XVIII век кога Кучевишкиот манастир постанал регионален едукативен центар.

Стариот конак: конзерваторско-реставраторска доблест

Со обмислениот проект за конзерваторско-реставраторски интервенции на Стариот конак, реализиран во 2011-2012 година од виско стручниот тим на НУ Конзерваторски центар - Скопје, е извршено реновирање и реконструирање на автентичниот изглед на конакот. Експертите од Центарот, комбинирајќи ги автентичните материјали, педантно издвоени од старата градба, и комбинирајќи ги со знаење и искуство со нови метаријали - совршено компатибилни на старите, возобновија автентична градба со непроценлива вредност во чии просторни сегменти ќе биде сместена манастирската ризница сочинета од драгоцености од примарната и применетата уметност (икони, мобилијар, литургиски предмети, вредна книжнина), ризница сочинета од бројни бесценети артефакти.

Поглед однатре: тематско изобилие и сликарско мајсторство

Манастирската црква посветена на светиот архангелски пар, на предводникот на набеската Христова гарда - Михаил, и на благовештенскиот гласник - Гаврил, била првично живописана во 1591 година. Ктиторот Никола, лице со презвитерска црковна титула, го донирал и создавањето на првиот иконостас за што сведочи натписот на раскошниот позлатен крст кој е круна на преградата. Во ова време се сотворени и првите икони од кои во манастирот се наоѓа само онаа со претставата на архангелите Гаврил и Михаил, исклучителна по темниот инкарнат. Во обмислената програма која се простира на ѕидните платна во црковниот ентериер има ретки теми и исклучителни поствизантиски ликовни содржини. Ова сликарство е дело на зографи кои создале автентичен ансамбл базиран на моделите од постарото сликарство на подрачјето на Охридската архиепископија, креативно надградени со најелитните истодобни ликовни примери.

Нартексот бил живописан во 1631 година. Постојат научни индиции дека новиот ктитор бил скопскиот митрополит Симеон којшто здушно се грижел за манастирот. Во кучевишкиот нартекс сликарите - учени и даровити, создале комплексна теолошка содржина која потсетува на програмата на ѕидоното сликарство во светогорските трпезарии. Најипресивни се сцените Страшниот суд и Лозата Есеева поставени една наспроти друга, на источниот и западниот ѕид. Во пеколното дно на драматичните вители на Огнената Река на Страшниот суд се наоѓа црниот Сатана кој во рацете го држи грешниот Јуда. Во грандиозната слика на семејната лоза на Христос, наречена Есеева, се вклучени триесетина сцени и стотина фигури. Меѓу нив и оние на античките философи Сократ, Платон, Аристотел и Плутарх, обединети во светата генеалогија како преттечи на пророците од родата на Христа. Во овој спектакуларен обем, кучевишката Лоза претставува единствен примерок на централнобалканскиот простор.

Во 19 век манастирот ја доживува својата преродба. Тој станува богословски училишен центар со богата библиотека и вредни предмети за богослужба, добива нов иконостас (1843) и икони (1846). Тогаш бил дограден и јужниот конак како просторен пандан на стариот (северниот) конак. Активностите во манастирот во најголем дел се поврзуваат со тогашниот игумен - јеромонахот Мисаил, по потекло од тетовска Копаница. Автентичниот мобилиар создаден во мозаична маркетерија со седеф и рожина, претставува драгоценост која му дава посебен ексклузивитет на црковниот ентериер.

Уметнините на Кучевишкиот манастир (архитектурата на градбите, ѕидното сликарство, иконите, резбата и движните вредности на ризницата) се непорекни докази за полнотата на кутурно-уметничкиот крвоток на Балканот во туркократските векови.

____________________

* Текст на проф. д-р Анета Серафимова, печатен во промотивниот материјал по повод реставрацијата на Стариот конак (октомври 2013).