„Мајка Црква“ (21.10.2017 )

„Мајка Црква“ (21.10.2017 )

„Мајка Црква“ (21.10.2017 )

 „Мајка Црква“ (21.10.2017 )

Пред некое време лебдеше во воздух темата за „мајка Црква“. За да ни биде полесно да го сфатиме овој поим, убаво е да го прочитаме следниот библиски текст:

Тогаш дојдоа при царот две жени блудници и се исправија пред него. И едната жена рече: „О, господаре мој! Јас и оваа жена живееме во една куќа, и родив при неа во таа куќа; а на третиот ден, откако родив, роди и таа жена. Преку ноќ умре синот на оваа жена, зашто беше легнала врз него; а таа преку ноќ станала, го зела мојот син од мене, кога јас, твојата слугинка, сум спиела, и го ставила до градите свои, а својот мртов син го ставила до моите гради. Утредента станав да го надојам синот свој, и ете, тој беше мртов; а кога на виделина се загледав во него, тоа не беше мојот син, што го бев родила“. Другата жена рече: „Не, мојот син е живиот, а твојот син е умрениот“. А таа ѝ велеше: „Не, твојот син е умрениот, а мојот е живиот“. И се препираа така пред царот. Царот тогаш рече: „Оваа говори: мојот син е живиот, а твојот е умрениот; а онаа говори: „Не, твојот син е умрениот, а мојот син е живиот“. Потоа царот рече: „Дајте ми меч!“ И му донесоа меч. И тогаш царот рече: „Пресечете го живото дете на две половини и дајте ја едната половина на едната, а другата половина на другата“. И му одговори на царот онаа жена, чиј беше живиот син, зашто целата нејзина утроба се беше растреперила од жал спрема нејзиниот син: „О, господаре мој! Дајте ѝ го тоа дете живо и не го убивајте“. А онаа другата рече: „Нека биде ни мое, ни твое, сечете го!“ И царот проговори и рече: „Дајте ѝ го живото дете на првата, и не го убивајте: таа е неговата мајка“ (3 Цар. 3, 16–27).

Мудриот Соломон ја препозна вистинската мајка во онаа што сакаше да го сочува животот на детето и што беше подготвена да се жртвува за него, а не во онаа што преку измама се обиде да го присвои, а откако не успеа, бесчувствително побара детето да биде пресечено на половина. И, не во секој случај е мајка дури и таа што ќе те роди – затоа што се случува да не те признава за свое чедо; туку може да е и онаа што како отфрлен ќе те прифати и ќе ти помогне. „Мајка“, пред сѐ, значи љубовен и личносен „однос“.

Православната духовност, во пракса, пред сѐ, се темели на љубовен и личносен однос, а не на свети Канони и историја. Акцентот е на љубовниот однос, а не на некаков закон или некоја историја. Има ли љубовен однос – има и канонска и историска врска, нема ли љубовен однос – нема ништо. И православната теологија се препознава по Духот на законот што оживува, а не по словото на законот што убива. Но, за да нѐ води Духот што оживува ни треба просветленост на умот, која произлегува од Божјиот дар на умно-срдечната молитва.

Јасно ни е на сите дека „мајка Црква“ може да ни биде само онаа Црква која прва и безусловно ќе ја прифати и признае автокефалноста на МПЦ – ОА, т.е. автокефалноста на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква. „Мајка Црква“ е, всушност, онаа Црква, што прва ќе го признае нашиот посебен црковен идентитет (а не дека претходно не сме постоеле, па сега некој нѐ раѓа), односно тоа е Црква што прва ќе ја увиди и признае оправданоста на нашето посебно автокефално пастирско делување во рамките на нашата црковна јурисдикција, во државните граници на Република Македонија. Затоа, „мајка Црква“ е само поетски израз на огромна и незаборавна благодарност за Црквата која би нѐ заштитувала, застапувала и претставувала пред другите помесни Православни Цркви, за нејзиниот љубовен и личносен однос кон нас.

Секоја Црква, историски, во моментот на нејзиното признавање имала своја „мајка Црква“ или, поточно, Црква заштитничка. Откако „мајката Црква“ ја признава суштински, преку заедничко сослужување на светата Евхаристија, автокефалноста на дотогаш непризнатата Црква, од тој момент двете Цркви стануваат „сестрински Цркви“, што означува дека тука нема место за никаква ерархиска потчинетост или некаква административна зависност на едната од другата Црква. Единствената „зависност“ што постои меѓу нив е љубовта во светата Евхаристија.

На крај, за формалната автокефалност на одредена Црква, според обичајот на Православната Црква, по барање на „мајката Црква“, треба да се изјасни Вселенскиот Патријарх и Вселенската Патријаршија (во случај кога таа не се појавува како мајка Црква), а, по можност, и другите Православни Цркви. Томосот (одлуката) за нејзина автокефалност го издава и потпишува Вселенскиот Патријарх, а на томосот, по можност, се потпишуваат и Поглаварите на останатите помесни Православни Цркви. Во праксата на дваесеттиот век (ниту пред тоа) ова не се случило, туку Томосот најчесто го потпишувал само Вселенскиот Патријарх – што е најнормално, поради неможноста сите да се согласат или да се соберат на исто место.

Согласно погоренапишаното, на сите ни е сега јасно кој не може, а кој може да биде наша „мајка Црква“, односно Црква застапничка; и што точно тоа значи. Битно е дека ние не отстапуваме од името и од статусот на нашата Црква: Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, Автокефална.

Пресвета Богородице, спаси нас!

Митрополит Струмички Наум

Извор: МПЦ-ОА