Митрополит Наум: ДЕЦА НА СВЕТЛИНАТА

Митрополит Наум: ДЕЦА НА СВЕТЛИНАТА

Митрополит Наум: ДЕЦА НА СВЕТЛИНАТА

Секоја година на Велигден нам, на сите православни христијани, ни е овозможено Христовото Воскресение да стане и наше лично и наше соборно (заедничко) воскресение; Христовото Воскресение да стане наше суштинско ослободување од ропството, па дури и од фаталното и одлучувачко влијание на страстите, демонот, гревот и смртта во нашиот живот.

Состојбата на нашиот умот е критериум за нашата духовна состојба, затоа што и падот и исцелението на човекот започнуваат од него. Паднатиот ум е горд, расеан преку страстите по светот и затемнет.

Исцелениот ум е смирен, собран преку молитвата во Бог и просветлен.

Доколку сакаме, значи, вистински да учествуваме во Христовото Распнување, Христовото Погребение и Христовото Воскресение, и да ги доживееме, потребно е, водени од нашиот духовен отец, да поминеме низ трите молитвени состојби на умот:

неговото распнување во собраноста на молитвата, неговото погребение внатре во благодатниот простор на срцето и неговото воскресение проникнато од божествената светлина; поинаку речено, потребно е да поминеме низ трите нивоа на духовно растење: чистење на срцето од страстите, просветлување на умот и обожение на севкупниот човек.

Иако постојат препознатливи духовни појави како точно разграничување меѓу духовните состојби, сепак, треба да знаеме дека колку човек го чисти своето срце, толку се просветлува неговиот ум и толку се обожува како неповторлива личност.

Колку умот ќе го приковаме и распнеме во собраност, толку ќе го погребеме во срцето и просветлиме, и толку ќе го обожиме и  воскреснеме.

Немаме многу избор: или умот ќе ни биде расеан преку страстите по светот и затемнет, а ние ќе бидеме деца на темнината; или ќе ни биде собран преку молитвата во Бог и просветлен, а ние ќе бидеме деца на Светлината, односно синови Божји.

Децата на Светлината често и не се сфатени од децата на темнината во овој свет. Децата на Светлината дури им изгледаат и страшни и опасни на децата на темнината од овој свет, посебно ако вторите заземаат некои позиции на човечка власт и слава – или мислат дека ги имаат.

Децата на темнината мислат и чувствуваат дека се загрозени од децата на Светлината.

Но, децата на темнината не знаат дека тие ниту ги чувствуваат, ниту ги разликуваат темните мисли, зборови и дела што извираат од нивните срца. Темница на темница не ѝ пречи.

И тие не знаат дека децата на Светлината не можат ни еден момент да истрпат темна мисла, а камоли збор или дело.

Децата на Светлината брзо се ослободуваат и од само една темна мисла. Темното веднаш се забележува и пречи во светлината. Колку е поголема светлината, на толку помала темнина е чувствителна.

Децата на Светлината не се способни да сторат зло. Затоа, децата на темнината во ниту еден случај не треба да се плашат од децата на Светлината, туку само од своите темни дела и од Бог, Кој на сите нив им оставил спасоносно време за покајание и Кој си ги чува Своите деца.

Христос воскресе!

P.S. Ништо од ова не би било – без ова:

„Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!“ (Лука 1, 38). Односно, без Нејзиното – да.

Митрополит Струмички Наум