Митрополит Николај Месогејски: Трансхуманизам и обожение – I дел

Example User · 3 years ago

    5 minutes, 43 seconds


 Морам да признаам дека е голем предизвик да ги искажам своите мисли за нешто што најверојатно е доста непознато за луѓето. Но најпрвин сакам да ви кажам нешто за христијанската вера. Христијанството низ историјата родило многу мудри луѓе и херои, создало бројни духовни вредности, ги поставило темелите на една прекрасна сликовита поезија и уникатна уметност. Тоа во значителна мера ја прославило човечката природа, покажало почит кон човечкото тело, го открило величието на човечката душа, ги отворило потенцијалите на човечкиот ум и дух. Освен тоа, христијаните се труделе и силно ревнувале во потрага по вистината за Бога и светот. Тие Го замислувале Бога, Му пристапувале, Го испитувале, Го отфрлиле и Му се поклонувале, се бореле со Него. Потрагата по Бога резултирала со правилно сфаќање на поимот Божество и постепено откривање на Неговата личност. Се обидувале да воспостават комуникација со Бога, па   дури и да се соединат со  Него. Најпосле по искуството на Божествената Причест, тие го трансцендирале прашањето за Неговото постоење. Христијанството се родило од утробата на Византиската цивилизација. Оттука произлегла првата пишувана Библија и просветлените списи на мудрите отци, кои успеале да ја спојат убавината со вистината, учењето со искуството, теоријата со праксата, природните дарови со духовните вредности, секојдневниот живот со визиите, екстремноста со умереност, аскетизмот со возвишеност на умот, и човечката природа со Божествената мистика. Православното христијанство изобилува со многу храмови, прославени светии, свети мошти, религиозна практика и традиции, празници, чуда и луѓе чии што живот во потполност го открива нивниот копнеж за Бога. Не Бог кој го казнува злото и наградува доблесното, Кој дава одговори на прашањата и служи на човечката волја, твори добри луѓе, ни ги наметнува Неговите закони, туку Бог кој сака да заедничари, да им дава живот на луѓето и да ја дели својата вечност и божественост. Сето ова не е само низа на убави зборови и желби, туку животен опит, дури и ден денес, кога се чини дека сè пропаѓа. Имајќи го предвид гореспоменатото, дозволете ми сега да ги изложам своите мисли и ставови. Насловот на оваа тема се состои од два збора. Првиот е „трансхуманизам“ и ми е непознат, а вториот „обожение“ и веројатно ви звучи чудно.

3.angeli.so.truba

Најпрвин да видиме што е тоа трансхуманизам. Од Википедија прочитав дека трансхуманизмот е меѓународно интелектуално движење, чија што цел е да ја преобрази човечката состојба, преку развивање и создавање на широко достапни софистицирани технологии за значително да ги зголеми човечките интелектуални, физички и психолошки капацитети. Претставниците на трансхуманизмот ги проучуваат потенцијалните придобивки и опасности од новојавените технологии, кои можат да ги надминат основните човечки ограничувања, како и етиката на користењето на такви технологии. Најчестите претпоставки се дека човечките битија ќе можат на крај да се преобразат себе си во други битија со способности толку многу поразвиени од оние природните,  што би можеле потполно да го оправдаат називот „пост-човечки“ битија. И покрај моето научно и технолошко образование  и искуство, морам да признаам дека  не разбирам потполно на што всушност се однесува трансхуманизмот, ниту која е неговата цел и потреба. Ова ги надминува и моите сфаќања. Затоа би сакал повеќе да слушам и да учам, отколку да зборувам на оваа тема. Сфаќам дека трансхуманизмот ветува технолошки напредок на интелектуалните способности и физичката сила, до тој степен да не само што ќе се одрази на човечкиот идентитет, туку и целосно ќе го измени. Неговата крајна цел се чини дека е создавањето на „супер-човек“ и пост-човечко битие. На некој начин можам да го разберам ова, но не верувам во него. Дали навистина имаме потреба од вакво нешто во ова време? Дали е неопходно? Која е нашата крајна цел? Која е подлабоката причина за таквиот потфат? Зошто да се трудиме да создадеме супериорна човечка раса, наместо да ги восовршуваме човечките битија онакви какви што се. Да ви дадам еден пример: Како може трансхуманизмот да го реши проблемот со сиромаштијата која влијае на целиот свет. Или пак на војните и нивните разорни последици? Пред неколку месеци ОН објавија дека храна во вредност од петстотини седумдесет милијарди долари завршува во ѓубре секоја година. А со оваа количина на храна би можеле да се нахранат двеста милиони луѓе. Гладот е сериозен проблем, кој мора и може да биде решен. Вистинскиот проблем е дека останува нерешен, иако има решение. Која е поентата да се создава пост-човечко битие, кога не успеавме да им помогнеме на луѓето да преживеат и да го подобрат својот живот. Во краен случај она што треба да го правиме е не да создаваме пост-човечки битија, туку да ги обновиме денешните човечките битија кои претходно на многу начини ги имаме уништено.

3.angeli.so.truba

Намалувањето на гладот во светот не бара оригиналност, ниту специјално знаење и супер моќи, уште помалку некакво технолошко унапредување на човечките битија. Трансхуманистите се чинат крајно неспособни да дадат решенија за постојаните проблеми на човечкиот живот, како што разорните војни, трката за вооружување, нееднаквата распределеност на богатството, злоупотребата на дроги, менталните нарушувања, нарушените човечки односи, личните трауми, па дури и неволјите и природните катастрофи. Дали трансхуманизмот би можел да ја уништи смртта? Може ли да ја излечи самодеструктивноста на човечките битија со создавање на наш наследник, чија што вештачка интелигенција ќе може да предвиди и се заштити од секаков вид на самодеструктивност? Ако ова може да се постигне од страна на пост-човечкото битие, зошто тогаш да не е возможно и за неговиот творец? Можеби насоченоста кон инвентивноста и креацијата во создавањето на пост-човечкото битие наместо кон решавањето на проблемите на современиот човек е самото по себе примарен проблем. Што е поентата на создавањето на компјутер, кој може да го победи светскиот шампион во шах, кога сме неспособни самите да си ги решиме своите едноставни секојдневни проблеми. Која е целта на надминувањето на нашите физички ограничувања, кога всушност сме заробени во нашите бесловесни страсти? Како некој може да се надмине себе си, кога сме неспособни нив да ги победиме? Овие проблеми не бараат особена интелигенција, натчовечка сила и напредна технологија, за да бидат решени. Овие проблеми не можат да бидат решени од супер-луѓе, туку од морално изградени човечки битија. Ни споменативе прашања не бараат супер ум за да бидат одговорени. Она што ни треба е мудрост, не интелигенција, доблест, а не сила, љубов а не технологија, не супер-човек туку почовечен човек. Нашата цел е да станеме вистински човечки битија, а не да ја надминеме својата природа, губејќи го човечкото, станувајќи нехумани супер-луѓе. “Колку величествен е човекот кога е вистински човек” – пишува Менандер, старогрчки драмски писател од четвртиот век. На почетокот спомнав дека насловот на мојата тема содржи два збора, првиот е трансхуманизам и е непознат за мене а вториот е „обожение“ и верувам дека е непознат за вас. Сега ќе се обидам да ви кажам нешто за вториот збор, бидејќи верувам дека тој е најсветото завештание на Православната Христијанска вера. Не како учење или закон на кој сите треба да се придржуваме, туку како извонреден потенцијал кој е сокриен во секој човек. Обожението не е состојба што некој треба да ја достигне, туку дар даден од Бога. Не им се дава на оние кои се трудат многу и следат зацртани упатства и правила, туку на оние со чисто и смирено срце. Неговата примарна цел не е самонадминување, туку слобода и духовно исполнување. Можеби ќе ве разочарам, бидејќи додека трансхуманизмот е многу актуелен, обожението е некако запоставено, а е толку важно, дури и суштинско за секој од нас. Текот на нашата мисла и патот на животот се движат во спротивниот правец. Во секој случај зборувајќи за обожението се обидуваме да го преодолееме трансхуманизмот.

(Продолжува…)

 Извор:

https://bigorski.org.mk/etika/transhumanizam-i-obozhenie-i-del/

Source: https://preminportal.com.mk/duhovnost/odgovori-na-sovremeni-problemi/23809-mitropolit-nikolaj-mesogejski-transhumanizam-i-obozhenie-i-del

Share:

Example User

All author posts

Related Posts

Image Description
3 years ago

Старец Петрониј: Ако човекот не се моли, Му станува туѓ на Бог

  Ако човекот не се моли, Му станува туѓ на Бог Ова е една од најсериозните работи кои треба да ги правиме. Човекот, оптоварен со телевизорот (компјутерот), не може да се моли; бидејќи е расеан, тој не може да се моли, тој го губи најсветото. А Спасителот вели: „Молете се постојано!“ ...

Image Description
3 years ago

Отец Харалампиј Пападопулос: Не губи време…

Ќе ти кажам едноставно и човечки, од моето духовно ниво, кое е ниско и земно, зашто се уморив од сложени анализи.Не очекувај животот да те праша дали и колку издржуваш. Тоа никогаш нема да се случи.Не очекувај да се појават совршените услови, за да кажеш: „Ќе живеам!“. Живеј денес и грабни ги можно...

Image Description
3 years ago

Амин! (Александар Шмеман)

Така се вративме таму од каде што почнавме, од каде што почнува самата Евхаристија, на благословувањето на царството Божјо. Што значи тоа да се благослови Царството? Тоа значи дека го признаваме и го исповедаме како наша највисока и крајна вредност, предмет на нашата желба, на нашата љубов и надеж,...