Митрополит Струмички Наум: Блудниот син (I дел) 03.02.2018

Митрополит Струмички Наум: Блудниот син (I дел) 03.02.2018

Митрополит Струмички Наум: Блудниот син (I дел) 03.02.2018

 

Блудниот син (прв дел) (03.02.2018 12:16)

Кај помладиот син ја забележуваме слободата и свесноста дека Му се обраќа на својот Отец Небесен и дека бара нешто што чувствува дека природно му припаѓа, но исто така, забележуваме дека тој очигледно не ја сфаќа и самата природа на „имотот“ чија поделба ја бара (види: Лука 15, 11–32). Тоа е полнотата на Божјата благодат, која сите ние ја примаме во нашите срца на денот на Светото Крштение; која ниту поради множеството на оние што ја примаат се зголемува, ниту од истата причина се намалува; која ниту се дели, ниту се умножува.

Бог и Отец на секого од нас подеднакво, без збор и без услов, ни ја дава полнотата на Својата благодат. Од нас самите, од нашата слободна волја зависи како ќе се однесуваме кон таа благодат, како и кога, колку и дали ќе ја употребиме. Бог само внимава да не ја наруши нашата слобода, а со тоа и нашиот заемен однос: Родител – дете. Ние немаме ништо посвето од овој однос! Овој однос е единствената надеж на нашето спасение!

Демонот не нè навлекува на злото и гревот одеднаш, туку постепено, затоа што ако од почеток ни ја открие неговата крајна цел, сигурно ќе нè преплаши и ќе нè одврати од гревот. Демонот прво го наговара помладиот син да побара и присвои „дел“ од она што не се дели и што не се присвојува само за себе, а потоа, врз основа на утврдената и прифатена помисла дека „нешто има“, го прелажува да се одлучи на самостоен и себедоволен живот. Зарем не ве потсетува сето тоа на оние што гледањето на првата светлина го злоупотребуваат, и кои помислувајќи си дека достигнале просветленост на умот и дека нешто знаат и умеат, одлучуваат поради тоа духовно да се самораководат, а уште полошо, и други да раководат? Да, тоа е токму тоа! Деца, запамтете: Просветленоста не е голо знаење што гордее, тоа е, пред сè, сила и власт на умот, на словото и на делата, значи, на севкупното присуство.

Зошто далечна земја, односно кое место може да биде толку далечно од Сегдеприсутниот? Тоа „место“, пред сè, е неисполнувањето на Божјата волја, пројавено како непослушание кон духовниот отец и предвремено духовно самораководење, поради што Божјата благодат постепено се оддалечува од нас. Како што послушанието носи со себе смирение, собраност во молитвата и просветлување на умот, така и непослушноста или веќе пројавената гордост носи со себе расејување и затемнување на умот. Расејувањето на умот преку сетилата, грижата за овоземните работи и иднината, фантазиите, демонските предлози во вид на помисли и паранојата – според Светите Отци, ова е вистинскиот блуд на нашата душа и основа за секој понатамошен блуд. И нормално, секој што живее блудно го потрошува својот „дел од имотот“, т.е. ја губи божествената благодат и останува сиромашен и гладен, надвор од заедницата со Бог.

Но, човек кој чувствува духовен глад и празнотија, а по грешка мисли дека вистинската храна за него е задоволувањето на неговите страсти, всушност, станува пасач на свињи (страсти) и вработен на демонот. Не знае дека задоволувањето на страстите отвора само нов и поголем апетит и создава чувство на поголем глад. Таква е незаситната природа на страстите, потребата од нивно постојано и сè поголемо задоволување води кон смрт на човекот; прво на душата, а потоа и на телото.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум

Извор: МПЦ-ОА

Друго:

Митрополит Струмички Наум:
Митарот (27.01.2018 )

Забележуваме неколку восогласени видa покајно однесување кај митарот: „стоеше оддалеку“, „ни очите да ги подигне“, „се удираше в гради“ и „велеше: ’Боже, биди милостив кон мене, грешниот!‘“ (види: Лука 18, 10–14).

            Што мислите, која од овие силни и заемно поврзани пројави на покајание најмногу ја открива неговата духовна состојба? Аскетскиот плач по Бог, поинаку речено, големиот напор да се принуди себеси на плач, односно удирањето в гради. Тоа е истиот или сличен метод што Отците го користеле низ вековите. Тоа е истиот или сличен метод што го препорачува и свети Игнатиј Брјанчанинов во своите дела. И тоа е истиот или сличен метод што и до ден-денес го користат и препорачуваат непосредните и посредните ученици на светиот Старец Јосиф Спилеот и многу други.

            Некои велат дека ваквиот начин изгледа соблазнително. Ние би им одговориле, и со збор и со дело: ако Господ Христос не го оценил како соблазнителен и ако Он ни го препорачува, кои сме ние да умуваме вон и над Благата Вест? Севкупниот наш подвиг на степенот на чистење на срцето од страстите, Отците го означиле и го опишале како аскетски – не чувствуваме, а континуирано се принудуваме; немаме отворена поддршка од благодатта, а живееме како да ја имаме!

            „Ви велам дека тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној; зашто секој што се воздига ќе биде унижен, а кој се понизува ќе биде воздигнат.“

            Секој што заради гордост и човечка слава се воздига самиот себе и следствено го осудува својот ближен, во истиот момент се унижува, предизвикувајќи отсуство на божествената благодат во себе. А секој што заради заедница со Бог се понизува и осудува самиот себе и следствено го оправдува својот ближен, ја привлекува Божјата несоздадена благодат и во истиот момент бива воздигнат од Бог.

            Знајте го уште ова: сите оние на коишто срцето не им е отворено за умно-срдечната молитва треба да знаат дека причината за тоа е осудувањето на ближниот, кое произлегува од нивното високо мислење за самите себе. Односно, произлегува од неправилниот подвиг или, со други зборови, произлегува директно од непослушанието и духовното самораководење.

            Со усвојување на мислата „јас сум виновен за сè“ се отвора простор за молитвата на митарот: „Господи Исусе Христе, помилуј ме, грешниот!“ Се раѓа чувството на покајание и плач и, воопшто, текот на мислите е сосема спротивен (самоосудување) од оној што следи после мислата дека другиот е виновен (осудување). Кога во своето срце ја прифаќаме помислата дека другиот е виновен и се согласуваме со неа, покажуваме и дека ни е туѓ подвигот на аскетската љубов. Оној што го љубиме, макар и аскетски, никогаш не е виновен.

            Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум