Митрополит Струмички Наум:  Недела на слепите (12.05.2018)

Митрополит Струмички Наум: Недела на слепите (12.05.2018)

 

Недела на слепите (12.05.2018 )

Ова евангелие (види: Јован 9, 1–38) опишува само уште еден школски пример, од многуте во Новиот Завет, на судирот меѓу оние што се држат до словото на Законот, кое убива, и оние кои Го почитуваат Духот на Законот, Кој оживува; меѓу оние што на сè што не одговара на нивното самољубие се спротивставуваат со празни зборови, и оние кои на празните зборови им се спротивставуваат со дела; меѓу оние што се служат со лични дисквалификации, и оние кои се личности; меѓу оние што се кријат зад авторитетот на институцијата, и оние кои се носители на харизмата – на дарот на Светиот Дух.

            Гледајте колку празните зборови и личните дисквалификации се немоќни пред добрите дела: „Прослави Го Бог; ние знаеме дека Оној Човек е грешен“. А тој одговори и рече: „Дали е грешен, не знам; но знам дека бев слеп, а сега гледам“. И што да одговорат на проверениот и потврден факт дека човекот беше слеп, а сега гледа? Со која човечка мудрост и домисла би му се спротивставиле на овој факт на сите познат? Со кои зборови би му се спротивставиле на кое било добро по Бог дело, а камоли на лично Божјото?

            Фарисеите се обидуваат да го дознаат рецептот за успехот, како да е тоа некое тајно знаење што може само со разумот лесно да се достигне и научи, како да е тоа некоја независна безлична моќ, како да е тоа нешто што се продава и купува: „Што ти направи? Како ти ги отвори очите?“ Кога не би знаел дека човекот, односно Господ преку него, најдобронамерно ги потсетува на растењето во личниот однос како пат до таа моќ, би си помислил дека човекот се шегува со нив: „Јас ви реков веќе и не чувте, што сакате пак да чуете? Да не сакате можеби и вие да Му станете ученици?“

            Но, дали и после ова следи покајание на фарисеите или уште едно промашување? Еве како луѓето без авторитет се кријат зад авторитетот на институцијата што ја претставуваат, а со која очигледно немаат никаква врска: „Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици. Ние знаеме дека со Мојсеј говорел Бог; а Овој не знаеме од каде е“.

Кога не би знаел дека човекот, односно Господ преку него, најдобронамерно ги потсетува на духовниот закон на послушанието, повторно би си помислил дека човекот се шегува со нив: „Тоа и е за чудење, што вие не знаете од каде е, а мене, сепак, ми ги отвори очите. Знаеме дека Бог не слуша грешници: но оној што Го почитува Бог и ја исполнува Неговата волја, него го слуша. Откако е веков, не се чуло некој да отворил очи на слепороден. И, ако Он не беше од Бог, не можеше да направи ништо“.

            Но, дали и по ова следи покајание на фарисеите или уште едно промашување? Просудете сами: „Сиот си во гревови роден, па зарем ти нас ќе нè учиш?“ И како што во продолжеток вели евангелието: „тие го испадија надвор“. Тоа е сведоштво на немоќта, немоќта за покајание.

            Но, кога фарисеите ќе ве отфрлат од себе, не плашете се, туку радувајте се: тоа е само сведоштво дека Самиот Христос ве пронашол и ве прифатил, и дека Самиот Христос ве води и ве внесува во сета Вистина. Исус чу дека го истерале, па како го најде, му рече: „Веруваш ли ти во Синот Божји?“ Тој одговори и рече: „А Кој е, Господи, па да поверувам во Него?“ Исус му рече: „И си Го видел, и Кој зборува со тебе, Он е“. А тој рече: „Верувам, Господи!“ И Му се поклони.

А кога Богочовекот Исус Христос нè води, тогаш телесниот подвиг преминува во аскетска љубов кон непријателите, па и во мачеништво заради Него; тогаш умната молитва преминува во умно-срдечна, па и во непрестајна; тогаш гледањето на првата светлина преминува во просветленост, па и во гледање на несоздадената светлина Божја; тогаш верата преминува во знаење, па и во предзнаење.

Митрополит Струмички Наум

Извор: МПЦ-ОА