Митрополит Струмички Наум: Тајната на Крстот Христов (09.03.2018)

Митрополит Струмички Наум: Тајната на Крстот Христов (09.03.2018)

Митрополит Струмички Наум: Тајната на Крстот Христов (09.03.2018)

 

Тајната на Крстот Христов (09.03.2018 10:02)

„Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека врви по Мене! Оти кој сака да ја спаси душата своја, ќе ја загуби; а кој ќе ја загуби душата своја заради Мене, тој ќе ја спаси“ (види: Матеј 16, 24–25; Лука 9, 23–24; Марко 8, 34–35).

            Светите апостоли Матеј, Марко и Лука во Светото Евангелие речиси идентично ги имаат запишано зборовите со кои Христос ги поучува Своите ученици. Овие зборови, со кои Господ лично му се обраќа на секој од нас, денес се уште поактуелни, а ќе бидат и до крајот на овој свет и век.

            Забележуваме два дела во оваа поука.

Во првиот дел – кога ни вели да се одречеме од себе, да го земеме својот крст и да врвиме по Него – Господ Исус Христос нè повикува да ги поминеме трите степени од нашиот духовен развој: чистењето на срцето од страстите, просветлувањето на умот и обожението на личноста.

            Одрекувањето од себе одговара на првиот степен од духовниот развој – чистење на срцето од страстите, и трае сè до отворањето на срцето за умно-срдечната молитва. Одрекувањето од себе подразбира одрекување од нашето болно јас, кое поради гревовната навика просто се поистоветува со своите страсти: сластољубие, среброљубие и славољубие. Одрекувањето од болното себе е предуслов за исцелителна заедница со Бог. Ова одрекување се случува од моментот кога ќе ги исповедаме своите гревови и ќе почнеме да живееме под раководство на духовен отец.

            Земањето, односно носењето на крстот е поврзано со вториот степен од духовниот развој – просветленоста, и дарот на умно-срдечната молитва. Од една страна, тоа е голем молитвен подвиг, т.е. љубов кон Бог, а од друга страна, поради луѓето коишто, водени од демонот, нè напаѓаат и мразат, без ништо лошо да сме им сториле, тоа е голем подвиг на аскетска љубов и кон непријателите.

           Одењето по Христос, во вистинска смисла на зборот, се однесува на третиот степен на духовниот живот – обожение, кога човекот е ослободен од страстите и од дејството на демонот, и ги љуби благодатно сите, без исклучок, автентично сведочејќи Го Богочовекот Христос.

Во вториот дел нè потсетува дека нашата душа е болна и заробена од страстите, и дека ако сакаме да ја спасиме, трeба да ја исцелиме од нив. Вториот дел од поуката нè освестува за важноста на првиот. И, навистина, ако не го освестиме фактот дека сме болни – или поинаку, дека сме заробени од страстите, од гревот, од демонот и од смртта – никогаш нема да ја почувствуваме потребата од Лекар и Спасител на нашите души и тела. И нема да се обратиме кон Богочовекот Исус Христос. На луѓето со високо мислење за самите себе, како и на оние што пребиваат во незнаење, им се случува да го освестат фактот за заробеноста дури после доживувањето на сериозни несреќи и болести во својот живот. Да не бидеме како нив!

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум

Извор: МПЦ-ОА

9-ти март 2019 лето Господово