Молитва кон Божјата Мајка

Молитва кон Божјата Мајка

Молитва кон Божјата Мајка

Епископ Иларион Алфеев (митрополит Волоколамски)

Православните христијани се молат не само на Бога, туку и на Божјата Мајка и на светиите. Со ова, практикувањето на молитвата во Православната Црква се разликува, на пример, од протестантските заедници. Протестантите не ја признаваат молитвата кон Божјата Мајка и светителите. Тие велат: за да Му се приближиме на Бога не ни требаат посредници. Таа забелешка е вистинита, – нам навистина не ни требаат „посредници“, – само што од ова се извлекува неправилен заклучок. Ние ѝ се молиме на Божјата Мајка не како на некоја средна алка помеѓу нас и Бога, туку ѝ се молиме, затоа што Таа е Мајка Божја, затоа што невозможно е да го одвоиме од неа нејзиниот Божествен Син.

Кога учев во Англија, мојот професор, постар православен епископ, често ме викаше кај него дома. Јас одев кај него, а вратата ми ја отвораше неговата престарена мајка. Замислете си, ако јас не се поздравував со неа, не ја забележував, туку влегував право во куќата, велејќи: „Мене не ми се потребни посредници, јас контактирам само со епископот“. Ми се чини дека многу е природно, контактирајќи со синот, да контактираш и со мајка му. Се разбира, овој аргумент е на чисто животно ниво.

Постојат и посериозни аргументи. А главен од нив е – искуството на милиони луѓе, кое покажува дека Божјата Мајка ги слуша молитвите и одговара на нив, дека Таа им помага на луѓето, и повеќе од тоа, дека навистина се застапува за луѓето пред Својот Син и Бог.

Божјата Мајка е неодвоива од Спасителот, нејзиниот подвиг е неодвоив од Неговиот подвиг. Да си замислиме, дека, кога ангелот Господов слегол од небесата, за да ѝ рече: „ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син“ (Лука 1, 31), од нејзиното согласување или несогласување зависело боговоплотувањето. Таа можела да рече „не“, но таа кажала „да“. Таа го воспитала Младенецот, го однела во храмот како жртва на Бога, таа со својот Син го поминала сиот Негов земски живот. Кога Христос бил распнат, таа стоела кај крстот, бидејќи не можела да се оддели себеси од Него. Таа била со него дури и во Неговото најстрашно страдање, и затоа таа станала учесник во Неговиот подвиг.

Кога Господ бил на крстот, покрај неа стоел Неговиот возљубен ученик, и Он ѝ рекол: „Жено, ете ти син!“, – а на ученикот му кажал: „Ете ти мајка!“ (Јован 19, 26-27). Со самото тоа Он како да го дал не само возљубениот ученик, туку и сите Свои ученици на нејзината закрила и грижа. Од тој момент таа, Мајката на Својот Син, станала и Мајка на неговите следбеници, т.е. Мајка на Црквата. И ние ѝ се обраќаме токму како на наша Мајка и Мајка на Црквата.

Во молитвата кон Божјата Мајка велиме: „Пресвета Богородице, спаси нè“. Тоа не значи дека ние ја сметаме нејзе за Спасителка. Спасител е Христос. Но ние го исповедаме нејзиниот дел во тајната на спасението, нејзиното учество во таа тајна. И ние сфаќаме дека спасението за нас е можно затоа што Божјата Мајка одговорила со согласност на зборот Божји, кој ѝ бил упатен. И благодарение на таа нејзина согласност имаме пристап до Нејзиниот Син, и Нејзин Бог, нашиот Отец Небесен.

Молитва кон светителите

Традицијата на почитување на светителите во христијанската Црква е многу стара, таа постои уште од самиот момент на појавување на Црквата, уште од првите години на нејзиното постоење. Христијанските храмови во првите векови се граделе врз гробовите на мачениците. И токму крвта на мачениците, според зборовите на еден древен црковен писател, била „семе на христијанството“, т.е. христијанството се распространило благодарение на подвигот на мачениците.

Мачениците – тоа се луѓе, кои со примерот на својот живот и смрт покажале, дека подвигот на Христос може да биде повторен од човекот, дека земскиот човек при сите негови слабости и немоќи може да се жртвува себеси заради луѓето и заради Бога онака, како што тоа го сторил Исус Христос. Човекот, кој се принел себеси на жртва, станува духовен херој во очите на другите луѓе, пред сè во очите на оние, кои го знаеле лично. Почитувањето на тој светител почнувало веднаш по неговата смрт. Досега е сочувана традицијата, според која во православен храм задолжително мора да има честичка од моштите на некој светител. Божествената Литургија не се служи на обична маса: таа се извршува на престол или на специјално платно, во кое има вшиена честичка од мошти на светител. Причината за ова лежи во тоа што, мачениците и светителите – се основа, врз која е изградена христијанската Црква. Ние им се молиме на светителите, затоа што тие луѓе, иако биле како нас, но благодарение на подвигот на својот живот достигнале обожение, се уподобиле на Христа. Ние им се молиме затоа што тие го поминале тој пат, по кој ние само се обидуваме да одиме. И искуството на многу христијани сведочи: светителите ги слушаат молитвите и одговараат на нив.

Би сакал многу накусо да проговорам за една негативна појава, која е поврзана со почитувањето на светителите. Работата е во тоа што некои ги сфаќаат светителите приближно онака, како што незнабожците ги сфаќале своите богови – според принципот „секој светител помага за нешто“. Таквите луѓе влегуваат во црква и прашуваат: „Пред кој светител треба да запалам свеќа за да добијам стан?“, „На кој светител треба да му се молам поради забоболка?“ итн. Треба да се запомни, дека светителите не се некакви божества, од кои би можело нешто да се добие, од секого по нешто. Светителите не се специјалисти за наоѓање станови, за запирање на забоболката или за други слични нешта. Има, се разбира, светители, кои за време на својот живот биле лекари, и ние им се обраќаме со молба за исцелување, на пример, светиот великомаченик Пантелејмон. И навистина, по молитивите на тие светители се случуваат многу исцеленија. Но во никој случај не треба да се сфаќаат светителите како некој фетиш; не треба да ја заменуваме молитвата кон светителот како кон човек, кој достигнал духовно совршенство и може во нешто да ни помогне, со молитва како кон некаков идол, кој ни е потребен само затоа што од него може да добиеме конкретна помош.

Светителите – тоа се пред сè наши небесни другари, кои можат да ни помогнат во нашето придвижување на патот кон спасението, на патот кон Бога. И дури во втор ред се светителите – оние, кои ни помагаат во конкретни животни проблеми.

Превод од руски јазик:

ѓакон Јани Мулев

Наслов на изворникот:

Игумен Иларион (Алфеев),

О МОЛИТВЕ,

Клин, 2001

Извадок од книгата „Со пост и молитва“, издание на Повардарската епархија.