МОНАХ – ангелски чин и ангелски живот

МОНАХ – ангелски чин и ангелски живот

МОНАХ

“Монах, тоа е ангелски чин и ангелски живот, што се остварува во материјалното и валкано тело.

Монахот е човек којшто се држи само за Божјите заповеди и зборови, во секое време, на секое место, во секое нешто.

Монах, тоа е непрестајно принудување на природата и неуморно бдеење над сетилата. Монах, тоа е посветено тело, тоа се очистени усни и просветлен ум.

Монахот е преболна душа, постојано обземена со сеќавање на смртта, кога бдее и кога спие.

Одвојувањето од светот е доброволна омраза кон она што луѓето во светот го фалат, и одрекување на природата заради достигнување на натприродното.

Сите коишто спремно го отфрлиле она што му припаѓа на овој живот, секако го сториле тоа или заради идното Царство, или заради мноштвото гревови, или пак, од љубов кон Бога.

Ако не биле раководени од ниедна од спомнатите причини, нивното напуштање на светот е бесмислено. Но и во тој случај нашиот добар Судија очекува да види каков ќе биде крајот на нивниот живот.

Оној што го напушта светот за да го отфрли од себе бремето на гревовите, нека се угледа на оние што седат на гробиштата надвор од градот.

И нека не ги запира врелите и горчливи солзи ниту нечујниот лелек на срцето додека самиот не Го здогледа Исус како доаѓа да ја турне карпата на закоравеноста од срцето за да ни го ослободи умот од врските на гревот – како што го ослободи Лазар (Јован 11, 44), заповедајќи им на Своите послушни ангели:

‘Одврзете го од страстите и пуштете го да оди кон блаженото бестрастие!’ Инаку нема никаква полза од напуштањето на светот.“

(Свети Јован Лествичник)