Нема да го заборавам никогаш Божиќ од таа година. Имав 14 години, мојата сестра Марија имаше 16, а пак Јана –другата сестра- уште немаше наполнето 18 години. Бевме само ние трите и мама. Тато беше починат пред 5 години во една несреќа во рудникот. Еден месец пред Божиќ, нашиот свештеник нѐ извести сите, дека планира да направи една хуманитарна акција за најсиромашното семејство во црковната општина. Побара од сите за време од еден месец да заштедиме неколку пари за да ги подари на таа фамилија. Се мислевме што можевме да направиме ние четирите. Планот на мама беше да јадеме цел месец само компири. На тој начин ќе можевме да заштедиме 300 леи. Исто така, ако навечер седевме со сијалицата изгасена, ќе можевме да заштедиме уште 100 леи. Јас и Марија чистевме во неколку куќи на богати луѓе, а Јана продаде неколку честитки направени од неа. Навечер, на темно, си разговаравме и си замислувавме колку многу ќе се радува таа фамилија. Во црковната општина бевме ние и уште 80 членови, а мајка ми имаше пресметано дека ќе се соберат уште 20 пати повеќе од тоа што имавме ние, затоа што отецот нѐ потсетуваше секоја недела за оваа акција.

Ден пред Божиќ, тргнав со Марија до дуќанот за да ги замениме парите во нови банкноти, затоа што така имавме научено, дека на Господ сѐ што се дарува треба да е ново. Стасавме дома со 800 леи- една банкнота од 500 и 3 од по 100 леи. Никогаш не сме имале толку пари. Не се грижевме за тоа дека немаме нови алишта за Божиќ. Ние бевме радосни. Не можевме да заспиеме цела ноќ од нетрпение. Другиот ден, на Божиќ врнеше, истураше, а ние немавме чадор. Црквата беше оддалечена на 2 км од нашата куќа. Но нам не ни беше гајле колку ќе бидеме намокрени. Јана имаше дупки во чевлите и си стави хартија, но по пат, хартијата се намокри и нозете ѝ беа жива вода. Стоевме радосни во црквата, иако слушнавме неколку девојчиња од хорот како ни се смеат за нашите стари фустани. Но тоа го слушавме и друг пат и воопшто не нѐ засегаше. Богати бевме – парите ни беа во рацете. Кога почна да се стават парите во една кутија, мајка ми ја стави банкнотата од 500 леи, а ние другите од по 100.

По пат, на кај дома пеевме од радост. Мајка ми ни приреди и едно изненадување. Имаше купено 10 јајца, ги свари и ги изедовме со пржени компири. Беше Божиќ и се чувствувавме толку убаво. Но, околу 15 часот , кај нас дојде свештеникот и ја повика мајка ми на вратата и ѝ врачи еден плик. Таа беше бледа како свеќа кога влезе во куќата со пликот во раката. Ја прашавме што има во пликото и дури после половина час мајка ми го отвори. Во него имаше една банкнота од 500 леи, три од по 100 леи и 40 банкноти од по 10 леи. Вкупно 1200 леи. Никој ништо не изусти. Погледот ни беше само во земјата. Само пред неколку минути се чувствувавме како милионери. А сега, со пликото во рака се чувствувавме како многу сиромашни деца. Нам ни изгледаше убаво, дека сме богати, за разлика од другите, затоа што имавме компири. И исто така знаевме дека сме богати затоа што имавме една прекрасна мајка за разлика од други деца кои немаа воопшто. Се радувавме затоа што во домот бевме 3 сестри, а многу фамилии воопшто немаа деца. Свесни бевме дека немавме многу работи, кои другите ги имаа. Но, никогаш не ни помисливме дека сме сиромашни. Веќе не се чувствувавме како претходно. Во текот на неделата никој ништо немаше изустено во куќата. Од срам не сакавме да одиме на црква, но мајка ни не нѐ остави дома. Таа нѐ праша – што да направиме со тие 1200 леи – но ние не знаевме што прават сиромашните со парите.

80 луѓе собраа 1200 леи, од кои 800 ги донираа најсиромашните луѓе од црковната општина.

Богатството е во душата, а не во новчаникот. (Maria Holtzhauser)

(Благодарност до о. Константин и презвитера Анка за преводот на текстот).