Не ме лишувај од Твојата трпеза како нечист!  (За светата Причест)

Не ме лишувај од Твојата трпеза како нечист! (За светата Причест)

Ах, браќа, тој збор внесува страв во грешната душа. Затоа што, кој може да каже, дека токму тој е достоен да пристапи кон Господовата трпеза?

Колку гревови, колку нечистотија, колку јавни ожалостувања на Господа!

Страшно е да пристапиме, но и да не пристапиме не е во ред, зашто ако не ја вкусиме плотта на Господа и не пиеме од Неговата крв, ќе немаме духовен живот во себе. Што да сториме? – Да се фрлиме во прегратките на милосрдниот Господ, молејки го:

“Милостив Спасителу, поштеди не нас недостојните, и покриј го нашето недостоинство со Твојата милост”.

Но, браќа, да внимаваме да не се тревожиме со празни стравови. Господ не се ожалостува само од оној, кој, бидејки неподготвен, со дрскост пристапува кон Чашата, но и од оној, кој без основа се измачува себеси со нерасудлива плашливост.

Милосрдниот Господ не не’ обврзува со неисполниви услови и бара од нас малку, така што секој без многу труд може да го исполни доколку сака. Свети Димитриј Ростовски вели:

“Оној кој целосно ги исповедал своите гревови, без ништо да сокрие, кој жали поради нив, плаче и се кае, кој има цврста волја и намера повеќе да не се враќа кон гревот и се пази од секаков грев, кој преку постот молитвата и преку други благочестиви подвизи се потрудил да го умилостиви Господа, кој се смирил со сите и со никого не е во непријателски односи, тој е готов достојно “да јаде од лебот и да пие од чашата”.

Ако сето тоа сме го исполниле или ќе го исполниме, да пристапиме кон Господа со смирена детска решителност.

Ние сме грешни, многу грешни, но Господ дојде да ги спаси грешните.

Гревовите не се препрека, туку упорноста во гревовите и непокајанието.

Ако е така, не треба да пристапиме!

Исплаканите, исповеданите и разрешени гревови веќе не се во нас, ниту против нас.

Тие се како гранки кои се одстранети од дрвото.

Кога ги љубевме гревовите, тие беа врз дрвото на нашиот живот како живи гранки и се хранеа од него. А кога се одвратривме и почнавме да се гнасиме од нив, се покајавме и се исповедавме, ние ги отсековме од себеси.

За време на исповедта тие паднаа од нас. сега тоа се суви гранки и Господ доаѓа да ги изгори во нас тие трња на прегрешенијата.

Така што, нашата најважна задача треба да биде осознавањето на нашите гревови, да ги исплачеме, да се исповедаме и да земеме тврдо решение да ги напуштиме.

Преку разрешувањето на гревовите при исповедта Самиот Тој во нас си подготвува достојно живеалиште – исчистено и изметено.

Кон тоа главно дејство треба да го додадеме уште ова – да го зачуваме нашето внимание нерасејано, а срцето спокојно. Мислата треба да ни биде упатена кон Бога, Кого ќе Го примиме.

Така сосредоточувајки се во себеси и мислено созерцавајки го Бога, да Го молиме:

“Господи, не ме отфрлај од твоето лице!

Не ме лишувај од Твојата трпеза, како нечист!

Посети ме по Твојата милост, макар и недостоен!

Дојди при мене кој умирам и спаси ме!”

Или:

“Господи Иисусе Христе, Сине Божји, помилуј ме!”

Или и без зборови да пристапиме срдечно пред Него, очекувајки милост.

Со тоа би можеле да го ограничиме целиот сегашен подготвителен труд. Но ако мислата не е силна да се сосредоточи, да и помогнеме преку размислување за самата света Причест, поврзувајки ги зборовите на Господа и на светите Апостоли за таа Тајна.

Тие нека проникнат во тоа што го кажал Господ, нека се поучат од тоа што го кажале Апостолите.

Јас сум лебот на животот – вели Господ – кој слегна од небото; оној што јаде од тој леб, ќе живее вавек; а лебот што Јас ќе го дадам, е Моето тело, кој ќе го дадам за живот на светот.

Вистина вистина ви велам: ако не јадете од телото на Синот Човечки и не пиете од Неговата крв, нема да имате живот во себе. Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.

Бидејки Моето тело е вистинска храна, и Мојата крв е вистинско питие. Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, живее во мене и Јас во него (Јован 6. 48-58).

Свети Теофан Затворник

(преземено) Азбука на православната  вера