Недела на блудниот син

Example User · 3 years ago

    7 minutes, 35 seconds


bludniot sinНЕДЕЛА НА БЛУДНИОТ СИН

Од многуте параболи, кои ги изговорил Господ Исус Христос, најубава, најсодржајна и најпоучителна е параболата за Блудниот син. Од многу свети отци, оправдано таа е наречена „бисер меѓу параболите“ и „Евангелие во Евангелието“. Таа им послужила како инспирација на многу уметници, во создавањето на безброј уметнички дела. Таа е предмет на толкување и проповеди на светски познати егзегети и проповедници, од најстари времиња, па до денес. Таа е благодарна тема за префинети и длабоки етички и психолошки анализи.

Параболата за Блудниот син ни ја открива огромната Божја љубов кон грешникот, кој се кае, како и силата на вистинското покајание и неговите спасоносни плодови. Таа сликовито ни ги опишува човечките судбини, настанати како последица на гревот. Таа ни говори за трагедијата на секој човек, кој се оддалечил од Бога.

Сижето на оваа парабола е земено директно од животот од Христово време. Меѓутоа, оваа парабола и денес не го загубила своето значење. Таа и денес ги возбудува срцата, ја збунува совеста, поттикнува на покајание и упатува кон морално поправање.

За да ја сфатиме и разбереме пораката од оваа парабола, пред сè, потребно е да го следиме внимателно животот на евангелскиот блуден син, да ѕирнеме во неговиот внатрешен свет, во неговата душа, со сите нејзини тежнеења, грижи и возбуди. Затоа, да ги погледнеме хронолошки уште еднаш настаните:

Некој човек имал два сина, кои бескрајно ги сакал, не само затоа што биле негова крв, туку затоа што и по душа бил премногу добар. Двата сина него му биле како неговите две очи, како неговите две раце, двајцата му биле подеднакво мили и драги. Меѓутоа, речиси никогаш двајца браќа не се во сè подеднакви, дури ни приближно. Постариот син беше сериозен, паметен, стабилен, зрел човек, кој веќе бил и глава на семејство. Помладиот син не се срамел од својата младост. Бил исполнет со сите младешки желби и тежнеења, со фантазиите и страстите од неговите години. Постариот син ги исполнувал своите должности строго и точно, кон младите бил правичен, но и премногу остар. Помладиот син не се грижел толку многу за работата, зашто нему поважни му биле другарите и шетањето, но затоа пак имал чисто срце, па секогаш попуштал и им помагал на тие што немаат.

И тука, во селото, сепак, морало да живеат двајцата браќа при татковиот дом и постојано да бидат во судар нивните два карактери. Но еден ден, помладиот син, со тешко срце и по многу време размислување, застанал пред својот татко и рекол: „Татко, дај ми го делот што ми припаѓа од имотот“ (15: 12).

Овие зборови страшно го погодиле стариот родител, но тој не рекол ништо, туку отишол во својата соба, се затворил и горко плачел. Тешко му било туку-така да му го даде делот на синот, за тој да замине во непозната земја. Гледајќи дека неговиот син страда од неисполнетото барање, таткото попуштил, зашто родителската љубов го победила себељубието. Тогаш, му го разделил имотот на двајцата браќа и „по неколку дена, помладиот син, кога собра сè, отиде во далечна земја“ (15: 13).

Родителскиот дом, најчесто, се напушта во крајна нужда: кога човекот стапува во брак, кога заминува на далечна работа, кога е прогонет, кога има елементарни непогоди… Но, секогаш се напушта со тешко срце, со солзи и плач. Колку пати оној, кој го напушта домот, се врти назад за да ја види за последен пат родната стреа, да ги види тажните лица на своите родители, да ги види сите спомени, кои засекогаш се запечатени во неговото срце… Но, помладиот син заминал без да се прости со родителот, без тага во срцето, без да се сврти назад. Заминал, зашто премногу чезнеел да замине во земјата на слободата, распуштеноста и задоволствата.

Само што пристигнал во посакуваната земја, веднаш започнал да живее живот по сопствени правила. Нему му се чинело дека оние пари, кои ги зел со себе, никогаш нема да се потрошат. Трошејќи по пиење со новото друштво, во раскалашаност со бесрамни жени, во задоволување на најниските страсти, за брзо време сфатил дека го допрел дното на животот. Едноставно, таквиот живот не можел да трае долго. Ако само одземаш, а ништо не додаваш, ќе успееш да намалиш цела планина, а камоли изброените пари. И кога нив ги снемало, ги снемало и пријателите и љубовниците. Тогаш никој не сакал ни да го погледа. Неговите љубовници побегнале со други, побогати момци, и повеќе не го ни познавале.

Така беден, гол и бос, тој го напуштил градот. По патот сретнал некој добронамерен човек, кој му понудил работа, за да може барем да се прехрани. Бидејќи бил млад и здрав, добриот човек го примил да работи како свињар, зашто за таа работа било премногу тешко да се најде работник. Но, за еден Евреин  не можело да има поголема казна, отколку да биде свињар. Дотолку повеќе, во Египет, каде што животните биле обожувани, единствено на свињарите им било забрането да влезат во храмот, а ниту еден родител не би се согласил својата ќерка да ја омажи за свињар. Но, блудниот син не бил во состојба да избира. Плата немал, а храната била премногу лоша. Гладниот бедник, секојдневно ги гледал свињите како копаат по земјата и слатко ги грицкаат жилите, корењата и желадите, па и нему му доаѓало и самиот да го наплни стомакот со нивната храна. И секогаш, при секоја помисла на татковиот дом, солзи навирале на неговите очи. Гледајќи се облечен во парталави облеки, кои смрделе на свињарник, секогаш се прашувал: кој ли сега ги носи моите чисти кошули, испредени и исткаени од мајчините раце? Каде ли се сега прекрасните пурпурни и свилени долами, кои беа моја секојдневна облека? И откако сфатил дека ја достигнал најниската точка на својата бедна состојба и крајната граница на издржливост, тој „дојде на себеси“ (15: 17). И сега, сам си го поставил прашањето: Што да правам? Да останам ваков беден и жалосен, или да се отрезнам, да се понижам, па да паднам на колена пред татко ми и да признам дека згрешив? Да, ќе го направам токму тоа. Едноставно, ќе речам: Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници!

И еден ден синот пристигнал пред татковата куќа. Но, не се осмелил да тропне на вратата, ниту некого да повика, ниту, пак, да влезе. Во тој момент на вратата се појавил неговиот татко. Замислете само, каков бил синот: со искинати алишта, слаб, испиен во лицето, со побелена коса, со загубена и пропадната младост… Но татковите очи, иако ослабени од постојано плачење, го препознале. Таткото тогаш тргнал во средба со синот, го стегнал на градите и со овенатите усни го бакнувал неговото ослабено лице, неговите заматени очи, неговата побелена коса, која за родителот секогаш е мека и убава. А, синот се срамел и плачел. На татковите бакнежи не умеел да возврати. Но, кога се ослободил од татковата прегратка, паднал на колена, па со треперење ги изговорил веќе подготвените зборови: „Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син!“ (15: 19).

Но, ако синот се понижува толку многу, та не сака ни да се нарече син, старецот токму сега чувствува многу повеќе дека е татко. Нему му се чини дека сега по втор пат станува татко. И тогаш, не одговарајќи ништо, со весел глас им наредил на слугите: „Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете; па дотерајте и заколете угоено теле: да јадеме и да се веселиме“ (15: 22-23).

Кога за ова разбрал постариот син, се вознемирил и пребледел. Но, не од радост, туку од гнев и завист. Старата омраза се разбудила во него со сета своја сила. Тој не сакал ни да влезе во куќата. Тој дури и му приговорил на таткото, дека ова што го направил не е фер и дека не е праведно. Со тие неколку зборови, тој ја открил целата нискост на својата душа, која со години се криела под маската на вредност и пристојност. Тој дури и го прекорува за ваквиот потег. Но, мудриот татко, како што му простил на помладиот син, така му проштева и на постариот: „Синко, ти си секогаш со мене и сè мое е твое; но требаше да се зарадуваме и развеселиме, оти овој твој брат беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде“.

Стариот татко бил убеден дека овие зборови се доволни да ја затворат устата на постариот син. „Беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде“. Потребни ли се други причини? И кои причини би можеле да бидат посилни од овие? Син ми направи што направи: го потроши богатството по жени, ме напушти не велејќи ми ни збогум, ме остави со денови да плачам… Но, и уште пострашни работи да направеше, тој, сепак, е само мој син. Да беше и разбојник, да беше и во затвор, и уште повеќе да ме навредеше, јас не можам да заборавам дека пак е мој син и моја крв. Отпатува, но и се врати; го снема, но пак се појави; се загуби, но и се најде; умре, но и воскресна. А, за да се развеселиме, за ова што се случи денес, угоеното теле е нешто премногу малку. Ти, навистина, никогаш не ме остави и секој ден беше со мене на трпеза. Но, тој беше толку многу далеку од мене и јас можев да го видам само во сон. Мојот син одамна нема каснато залак леб со мене. Затоа, сине, јас денес имам право да се развеселам за неговото враќање.

Христос во раскажувањето на оваа парабола застанал тука. Понатаму не продолжил да говори. Едноставно, немал потреба. Смислата на параболата била јасна и без други додавања. Толкувачите можат да мозгаат и да додаваат колку што им е мило. Но, Христос не поставувал гатанки. Самиот рекол дека на небото е многу голема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за сите праведници, кои се китат со својата лажна праведност. И што е една овца или едно теле, во споредба со синот, кој оживеал, со човекот, кој е спасен? И што вредат милиони денари, во споредба со човекот, кој заталкал, а потоа се вратил на патот на спасението?

Трагедијата на блудниот син не е само негова лична трагедија. Неговата судбина е и наша лична судбина. Тешко би можело меѓу нас да се најде човек, кој на ваков или онаков начин, не згрешил пред Бога, или не го напуштил татковиот дом, па ги расфрлал дадените таланти и дарови, заради задоволување на грешните желби. Примерот со блудниот син и нашето лично искуство нè уверуваат дека без Бога сме надвор од татковиот дом, далеку од Бога, дека сме несреќни и дека среќата можеме повторно да ја вратиме само по пат на покајание, по пат на целосна промена на начинот на живеење. Вратата на Божјата милосрдност и Божјото простување секогаш се широко отворени за сите оние, кои слично на блудниот син, длабоко и искрено се кајат за своите гревови. Бог од нас бара да Му пристапиме онакви, какви што сме, но не сака такви да останеме, зашто вистинското покајание, всушност, е жед и глад за Бога и тежнеење кон обновениот живот во светост и правда.

Source: https://blagovesti.wordpress.com/2016/02/28/%d0%bd%d0%b5%d0%b4%d0%b5%d0%bb%d0%b0-%d0%bd%d0%b0-%d0%b1%d0%bb%d1%83%d0%b4%d0%bd%d0%b8%d0%be%d1%82-%d1%81%d0%b8%d0%bd/

Related Posts

Image Description
3 years ago

Викарен Епископ Стобиски Јаков: Оличноснување или различноснување

Божествена Литургија во Струмица (08.03.2021 15:21)Во Неделата на Страшниот Суд, викарниот Епископ г. Јаков Стобиски отслужи Божествена Литургија во манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, Струмица. Верниот народ на Литургијата с епричести со Светите Христови Тајни. Оличносну...

Image Description
2 years ago

БEСEДА за двoјната сила на тајната брак

БEСEДАза двoјната сила на тајната брак     Oваа тајна e гoлeма. Нo јас ви збoрувам за Христа и за Црквата (Eф. 5:32).Гoлeма e тајната вo тoа штo чoвeкoта гo oстава свoјoт таткo и свoјата мајка и сe прилeпува кoн свoјата жeна. Самиoт апoстoл, кoј сe вoзвишил дo трeтoтo нeбo и видeл мнo...

Image Description
3 years ago

Митрополит Струмички Наум: За лепрозниот Самарјанин (20.12.2020)

Митрополит Струмички Наум:За лепрозниот Самарјанин (20.12.2020 )Десетмината лепрозни Го молат Господ Исус Христос и бараат исцеление, а Он им вели: „Отидете и покажете им се на свештениците!“ (Лука 17, 14). Христос на сите им го покажува најпрво патот на смирението и на послушанието.Деветмината Ју...