Недела пред Богојавление

Example User · 3 years ago

    5 minutes, 32 seconds


krewenie6-18012012НЕДЕЛА ПРЕД БОГОЈАВЛЕНИЕ

„Покајте се!“

(Матеј 3: 2)

ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!

Денешниот евангелски настан нè води во Јорданската пустината, онаму, каде што непосредно пред доаѓањето на Божјиот Син на земјата живеел и проповедал Неговиот Претеча, светиот Јован Крстител. Оние луѓе, кои навикнале да живеат еден удобен и раскошен живот, со своите мисли не сакаат да се задржат во пустинските предели, каде што живеел Христовиот Претеча, додека, пак, оние другите, кои со својот ум и со својот дух проникнуваат во најголемите тајни и мистични длабочини, за разлика од првите, не сакаат да живеат по господарските палати, туку многу поудобно им е со своите мисли да бидат заедно со светиот Јован во пустината. А токму од пустината, од студената и непрегледна област, одекнувал еден повик, кој бил наменет за сите без исклучок; повик, кој го наговестувал доаѓањето на Спасителот во светот; повик, кој најавувал дека се исполнило времето; повик, кој кратко и јасно гласел: „Покајте се!“.

Денес, кога се наоѓаме во предвечерието на големиот и торжествен празник Богојавление, да размислиме во што се состои успешноста и силата на нашето покајание. Заклучокот би бил едноставен: во Божјата милосрдност, која ние ја просиме во своите молитви од Господа Бога. Зашто, ако Бог ги затвори пред нас дверите на Своето милосрдие, кој ќе ни ги отвори? Ако Господ нè осуди, кој ќе нè заштити? Ако Господ нè порази со Својот праведен гнев, кој ќе нè поштеди и избави?

Што доживува секој од нас во миговите на покајание? Едноставно, во нашите мисли се враќа целиот наш животен век, па ние се потсетуваме колку долго го имаме разгневувано Божјото милосрдие; колку долго го имаме злоупотребувано Божјото долготрпение; колку пати сме останали глуви за судот на својата совест; колку пати сме дале ветување дека ќе отстапиме од своите гревови и дека ќе застанеме на животниот пат според Божјите заповеди, но и колку пати не сме го исполниле тоа ветување! Ете зошто во Неделата пред Богојавление светата Црква повторно нè потсетува на повикот: „Покајте се!“. Доаѓа прекрасниот празник кога Света Троица се јавува, па зарем можеме да бидеме подготвени да го пречекаме овој величенствен настан, а нашите срца да бидат закоравени и да не бидат допрени од громогласниот пустински повик: „Покајте се!“.

Вистинското покајание се состои во откажувањето од гревовите. Оној, кој вистински се кае, треба повеќе никогаш да не се враќа на старите гревови. Вистинското покајание од нас бара промена на самиот наш гревовен живот, бара духовно обновување и преродба. Но, да бидеме свесни дека сето тоа претставува подвиг и напорен труд. Да се соблече од себе стариот човек претставува огромно жртвување. А невидливиот непријател, непријателот на нашето спасение не ги пушта своите жртви без борба. Затоа, нашето сопствено тело секогаш ќе ни биде најтешкиот непријател против желбата за покајание, а да не зборуваме за нашите ближни, кои честопати умеат да бидат и непремостива пречка кон покајанието.

Да се каеме – тоа значи да ги презреме своите гревови, односно, самата помисла на грев треба во нас да поттикнува трепет, ужас и страв од она, кое би го направиле, а кое е во спротивност со Божјите заповеди. Затоа е потребно со сите духовни сили постојано да се бориме со своите гревовни навики. Ако еднаш сме го почувствувале горчливиот вкус од чашата на гревовниот отров, зарем имаме потреба повторно да се доближиме до неа, за повторно да го почувствуваме истиот вкус? Ако еднаш сме ја виделе длабоката гревовна бездна во која паѓа секој грешник, зарем имаме потреба повторно да се доближуваме до нејзиниот раб, каде што можеме само несигурно да чекориме? Зарем имаме потреба од товарање на тешкото гревовно бреме врз своите немоќни плеќи, ако еднаш веќе сме се растеретиле од претешката мачнина?

Вистинското покајание претставува плачење за своите гревови. Пустинскиот повик „Покајте се!“ не би имал никаква смисла, ако нашиот одговор не би бил проткаен со покајнички солзи. Многумина би рекле дека да се плаче и не е толку многу тешко. Би рекле и тоа дека не е тешко да се оттргне од своите очи гревовниот сон и да признаеме дека сме грешници. Но, токму тука се јавува затапувањето на нашата совест, се појавува заспаноста, која не дозволува да се сетиме на мноштвото свои гревови. Токму тогаш лукавиот дух на самооправдување ќе почне да царува во нашето срце, па ние ќе почнеме да бараме начини на себеоправдување и ќе почнеме да си ја олеснуваме својата состојба со лажната надеж дека сите луѓе се грешни. Впрочем, тоа претставува манифестација на нашето осушено срце, кое не е способно ниту солзи да пророни, ниту да заплаче, ниту да се смири. Во тие моменти нашето срце не може да се спореди ниту со срцето на грешниот митник, кој со крајно смирение, плачејќи најпоследен во храмот, низ солзи проговорил: „Боже, биди милостив спрема мене грешниот!“.

Многупати, за време на светите богослужби, црковните псалти заедно со верниот народ, како одговор на свештеничките молитвени прозби, ги изговараат зборовите: „Господи помилуј!“. Оваа куса молитва во нас ги обединува сите воздишки на грешниот човечки дух. Со овие зборови просиме од Господа помош за себе, просиме благодат од Светиот Дух, која нè препородува, зацврстува и нè учи на вистинско покајание. Преку оваа молитва ние ја изразуваме сета надеж на верното срце на помилување, надеж дека Господ ќе ги прими нашите солзи, како што ги примил солзите на блудницата. Во зборовите на оваа куса молитва ние ја вклопуваме сета наша вера во Спасителот Христос, Кој е Извор на љубовта, вера, дека Небесниот Отец со Својата љубов ќе ги покрие нашите согрешенија, па како што во параболата таткото го пресретнал својот блуден син, да веруваме дека и нашиот Небесен Отец ќе н# пресретне во Своите прегратки, кои се преисполнети со љубов.

Да се покаеме, за да не биде одземена од нас силата на Светиот Дух. Да се покаеме, за Бог да нè обнови, очисти и да ги прероди нашите грешни срца, зашто сите ние имаме потреба од Божјата милосрдност и помош. Познато ни е дека силата на Светиот Дух има такво огромно дејство, така што грешниците ги претвора во праведници, гордите во смирени, разбојниците и блудниците ги издигнува до врвот на чистотата и светоста, зашто единствено Светиот Дух има сила да ги прероди и обнови човечките души.

Покајанието е свештен подвиг, кој нè води кон вечното спасение. Затоа светата Црква сака во овие предбогојавленски дни никој да не се отстранува од тој подвиг, никоја да не ја отфрла оваа потреба, која претставува највеличенствено дело во нашиот земен живот – дело на спасение на својата бесмртна душа. Покајните солзи и благодатта од самото покајание ќе нè направат да бидеме чисти и достојни за повторно да се наречеме чеда на својот Небесен Отец. Покајните солзи ќе ѝ дадат мир на нашата душа, па преку достојното причестување со светата Причест, за векови да се соединиме со нашиот Пресладок Господ.

„Покајте се!“ е нашиот животен повик. Нема друг повик, кој може толку блиску да нè доближи до Спасителот. Да се покаеме, зашто не е достојно за христијанинот да живее, а никогаш критички да не погледне во себе и во својата душа. Да се повлечеме во духовна самотија и да не се плашиме од таквата осаменост. Да се повлекуваме што почесто во себе, зашто ништо не е толку величенствено, како умешноста да ги покориме своите слабости. Да се повлекуваме почесто во себе, зашто да се говори сам со себе е почеток на секоја мудрост. Да се повлекуваме во себе, онака, не само како што тоа го правел светиот Јован Крстител, туку и Самиот Господ Исус Христос, Кој честопати одел во самотија. Да го послушаме мудриот повик „Покајте се!“, зашто кој умее вистински да се покае, постанува духовно свеж и препороден, подготвен да принесе достојни плодови од покајанието. Амин!

Source: https://blagovesti.wordpress.com/2015/01/18/%d0%bd%d0%b5%d0%b4%d0%b5%d0%bb%d0%b0-%d0%bf%d1%80%d0%b5%d0%b4-%d0%b1%d0%be%d0%b3%d0%be%d1%98%d0%b0%d0%b2%d0%bb%d0%b5%d0%bd%d0%b8%d0%b5/

Related Posts

Image Description
3 years ago

Секташко однесување во Црквата! Митрополит Наум

Секташко однесување во Црквата (17.10.2020 09:41) (Да застанеме смирено, да стоиме со страв) Браќа, ве молам, во името на нашиот Господ Исус Христос, сите вие да зборувате едно и исто, и помеѓу вас да нема делење, туку да бидете соединети во еден дух и во една мисла. Оти од домашните на Хлој чув за...

Image Description
3 years ago

Како да ја препознаеме Божјата волја…(Митрополит Наум)

ГНОМИ, т.е. МИСЛЕЊЕ Синот Божји, при воплотувањето – од Светиот Дух и Дева Марија, во Себе ја земал целата човечка природа; земал тело, разумна и умна душа, како и нивните својства… Сè земал освен гревот, поточно, подложноста на грев. Во Богочовекот Христос нема гноми, т.е. мислење. Божествената И...

Image Description
3 years ago

Митрополит Струмички Наум: Светилникот на нашето време (11.01.2021)

  Отец Гаврил, од Лесновскиот манастир, беше голема утеха за малкуте вистински христијански заедници (христијани со свој духовен отец, со правило за духовен подвиг, кои редовно постеа, се исповедаа и се причестуваа), кои во тоа време, од 1983 до 1987 година (годините што ги поминавме заедно), в...