Ние не примаме некаква магија, туку Самиот Господ  (Беседа за Божествената литургија и Светата Причест)

Ние не примаме некаква магија, туку Самиот Господ (Беседа за Божествената литургија и Светата Причест)

Беседа за Божествената литургија и Светата Причест

Архимандрит Андреј (Конанос)

Кога пристапуваме кон Светата Причест, мислам дека тоа е термометарот на нашата вера. Како што говоревме декатермометар на нашата вера е молитвата, сега пак говорам: Термометарот е, дали заигра нашето срце при причестувањето.

Молитвата – тоа е љубов кон Бога, и Светата Причест – исто така е љубов кон Господа, но таа е нешто многу повисоко, несразмерно повисоко, затоа што преку Светата Причест ја примаме во себе Божествената сила.

Ние не примаме некаква магија, туку Самиот Господ пребива во нас Велат:

„Да ти биде Светата Причест на здравје!“

Вистина, ноние не примаме во себе некаква магија, туку Самиот Господ пребива во нас. Нашето тело станува едно цело со Неговото тело, во нашите вени тече Христовата крв, нашето дихание станува Негово дихание, и Неговото Дихание станува наше дихание. Христовиот живот станува наш живот, и се случува нешто совршено поразително.

Во таа минута жеднееме за причестување со Христос, и тоа е целта на Светата Литургија. Литургијата постои за да се причестиме.

А тие кои од нас не се причестуваат, дајте да гледаме на тие што се причестуваат, да се радуваме за нив, и да им љубомориме.

А кој не  чувствува љубомора кон другите кои се причестуваат, тогаш тој не ја чувствува Светата Причест.

Треба да љубомориме во добрата смисла на зборот, и да говориме:

„Ох, и јас исто така сакам да се подвизувам и да се причестувам! Јас исто така сакам да го направам она што ми го кажа духовникот – да го справам тој недостаток кој не ми дозволува да пристапам кон Светата Причест, и следниот пат да се причестам“.

А ако гледаш другите како се причестуваат, и тебе ти е сеедно, па си погледнеш на часовникот:

„Колку е часот сега? Ох уште колку ќе трае? Кога сето ова ќе заврши?“ Тоа означува дека Светата Причест не ја трогнува твојата душа.

Кога бев малечок ми се допаѓаше да гледам како другите се причестуваат. Јас гледав на таа сцена, и ми се чинеше дека луѓето доаѓаат и во себе примаат сонце.

Да, сонцето е едно, и сите него го примаат. Таков е случајот и со Светата Причест – Господ во целост влегува во сите нас и секој прима не некој дел од Него, туку целиот Христос, сеедно дали е голема или мала честицата која ни ја дава свештеникот.

И ако би можеле да го прашаме Господ:

„Господи, а која е Твојата најголема желба поврзана со нас? Што ти  најмногу сакаш од нас?“ Ако би можеле да го подотвориме срцето на  Господа, за да видиме која е најголемата желба која ја крие во себе, мислам дека ќе слушнеме дека Господ сака да стане едно цело со нас.

Мислам дека Он би ни рекол така:

„Дете мое јас повеќе од сѐ сакам да се соединам со тебе. Јас и затоа станав човек, за да станам она, што си и ти. И затоа ви оставив дар на Света Причест, за и ти да станеш она што сум и Јас. За да станеме едно цело.

Еве што говори Откровението:

Ете, стојам пред вратата и чукам.

Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене (Откр. 3, 20). А Светата Причест т.е. Вечера, е соединување со Господ. Ние во целост се соединуваме со Него, се идентификуваме во Него.

На Евбеја една жена отишла да се исповеда кај старецот Јаков. Таа му исповедала за сѐ, освен за еден тежок грев кој го скрила.

Старецот знаел за тоа но ништо не ѝ кажал. Се помолил за Господ да ја просветли, и Бог навистина ја просветлил преку чудо, за да разбере дека направила грешка криејќи го гревот.

По некое време по исповедта жената била во храмот каде што служел старецот. Храмот во тој момент бил целосно празен, и жената видела дека олтарот е отворен, а на светиот престол седи еден убав млад човек со прекрасно лице. Му пристапила со негодување и му рекла:

„Ти што правиш? Седиш на светиот престол!? Веднаш да се спуштиш! Нели ти е срам? Млад човек – и уште седиш на светиот престол“ – огорчено продолжувала.

Тогаш младиот човек се свртел кон неа и многу спокојно ѝ кажал:

„А ти зашто не го кажа тој грев којшто го направи?“ – и ѝ го открил нејзиниот грев.

Таа зачудено му се обратила Нему:

„А ти од каде знаеш дека јас не го исповедав тој грев? Ти од каде ме знаеш? Кој си ти?

А тој ѝ одговорил:

„Јас сум тој Кого ти утре ќе го примиш во себе“. Ѝ кажал и исчезнал.

Самиот Господ ѝ се јавил за да ѝ каже: „Јас сум Тој Кој ќе те суди тебе. Јас сум Тој Кој ти помага“, а всушност Тој ништо не ѝ кажал, туку само за Светата Причест.

Затоа што мислата за Христа е упатена и усмерена кон него, Он сака кога ние ќе пристапуваме кон Причеста –да станеме вистински и готови да го примиме Него во себеси.

„Јас сум тој Кого ти утре ќе го примиш во себе“.

Таа жена, како што насетувате, веднаш потоа паднала пред старецот Јаков и во солзи му раскажала за тоа што се случило. За таа случка почна да се раскажува низ манастирот, и така овој случај влезе во книгата за старец Јаков.

Еден свештеник ми раскажа нешто за себе. Работел како болничар во болница, и дури замолил да го преместат на спратот, каде што се болните кои лежат приковани за постела, сѐ со цел за да се грижи да им помага.

Тој сакал да го прави тоа додека е млад,затоа што прочитал некаде дека ако човек се грижи за оние кои се приковани за кревет од болест, ако чисти зад нив, или ако пак дома кај себе има стар човек за кого исто така е потребна нега, ако за сите тие се грижи, бидувајќи покрај нив, ги пресоблекува итн., односно ако се допре до нивните рани, тогаш се допира до Самиот Бог.

Ако некој може да се приближи до болниот без притоа да се згрози од него инеговата болест, тој се приближува и допира до Бог.

И така тој барал да му се даде оваа милост за да помогне, и неговата молба беше исполнета, затоа што за младите болничари не е воопшто лесно да го работат ова. Лесно е да се говори за сето ова, но тешко е да се исполни.

И еднаш отишол на богослужба, се причестил, а потоа се вратил во болницата, за да ги измие своите болни неподвижни старци, да им ја смени постелнината и да отиде дома.

Влегол во собата кај еден дедо кој имал отворени рани на грбот. (Јас не знаев што се отворени рани. А во оваа година на Пасха на Света Гора видов на еден болен старец. Страшна глетка)

Болничарите секогаш работат со ракавици, но овој човек, затоа што се причестил, ништо не говорејќи ги измил раните со голи раце.

Тoгаш дедото му кажал:

„А може ли да те прашам дете мое? Беше во црква?“

„Да дедо, бев и се вратив за да те измијам и за да станеш чист и добар“.

„Ти завидувам, си бил и си се причестил. Ти навистина се причести, така?“

„Да“.

„Ти завидувам, јас исто така сакам да можам да отидам да се причестам…“

„Деде, не вознемирувај се. Следен пат ќе викнам свештеник за да те причести и тебе“.

„Добро ти благодарам!“

Младиот човек го измил, како и другите старци кои имале потреба од тоа. Но само кога го миел првиот си ја исекол раката, кога му ја чистел устата, затоа што во забите имал некаква протеза.

Ја исчистил својата рака со памук, а затоа што само што се причестил, го ставил памукот во џеб, за потоа да го изгори. Се вратил кај првиот дедо за да види дали е сѐ во ред со него и видел дека потребно е повторно да го измие.

Дедото му кажал:

„Ништо страшно дете мое, не ме чисти! Дојди утре, остави ме така“.

„Но што зборуваш дедо?? Јас тебе ќе те измијам“.

Го исчистил, го измил, и кога го превртувал, го фатил за раката и видел дека му тече крв. И му дошла една мисла:

„А што ќе се случи доколку го ставам мојот раскрварен прст до неговата рана – денес јас се причестив! Ќе се случи ли нешто? Во мене е Господ!“

И ништо не говорејќи ја ставил својата рака кон неговата рана, и  продолжил да го мие.

Дедото во тој момент почувствувал сила и кажал:

„Дете мое ме изми по втор пат?“

„Зошто?“

„Јас почувствував сила и имам таква бодрост во душата!“

„Ах дедо, доколку би знаел што направив јас со тебе! Но следниот пат ќе ти раскажам што сторив и зошто така се чувствуваш, друга е работата“.

Тој се допрел до болниот со својата рака, од која течеше крв, во која била и крвта Христова. И се случи чудо, допуштено од Господ.

Светата Причест очистува, таа не пренесува инфекција. Како што и Светиот Дух нѐ очистува нас. Сакате да ставите нешто валкано на сонце, и тоа не се влошува од сонцето. Напротив, тоа е очистено од секаква скверност и нечистотија.

Затоа статистиката сведочи дека свештениците се најдолговечните луѓе на земјата. Ретко може да се забележи свештеник што умира млад. Само доколку Бог допушти, но тие по правило умираат во поодминати години.

Постојано се причестуваат, постојано ја употребуваат Светата Причест и живеат многу години, а логично и научно тоа не може да се објасни.

Ние свештениците не можеме да прашаме, дали некој е болен од сида, дали некој има во устата рана, а ги причестуваме сите ипотоа ја употребуваме Светата Причест и тоа докажува дека Светата Причест – навистина е Таинство над таинствата и голема тајна, која ние не можеме вистински да ја разбереме.

Старец Јаков говореше, дека видел капки човечка крв во Светата Причест кога се причестувал. А друг пат, пак, видел зрак светлина како излегува од Светата Причест, и тогаш разбрал дека тие што се причестиле се подготвувале вистински.

Свети Андреј Критски, авторот на Великиот покаен канон, кога бил дете, долго време не говорел, и се исцелил и јазикот му се отворилна Светата Литургија после причестувањето.

Свети Јован Кронштадски бил голем човек, кој направи многу чуда преку Светата Причест. Тој исцелувал болни, и со таква вера ги причестувал, што кога болните го примале Христос, оздравувале.

Но во него самиот имало огромна вера, а и во верниот народ.

А ние, за жал, знаете на кого сме слични? Ние сме слични на мали деца кои си играат со бесценети брилијанти и несвесно не знаат што држат во своите раце. Ако ние подготвено пристапуваме кон Светата Литургија и Светата Причест тогаш би го измениле својот живот и животот на нашето семејство.

Еден старец ги поучуваше своите духовни чеда:

„Кога пристапувате кон причеста, молете го Бога за Он да ви подари дар во тој момент. Кога Светата Причест влегува во вашите усти помолете го Бога“ – тој мислел на духовниот дар.

Некого го советувал да испроси од Бога дар за молитва, за да нѐ научи Бог да се молиме. А на друг муговорел:

„Моли го Бога да те спаси од тврдоглавост, чревоугодие, и да ти дарува смирение“. Ете такви се молитвите, духовните молби.

Негов познаник кој не можеше да се моли како што треба, во моментот кога се допре до Телото Господово за да се причести, почна да се моли за тоа и умот во тој момент му се отвори.

Во тој миг тој разбра што е молитва и почувствува што е духовно воскресение.

И досега секој пат кога ќе ја видеше Светата Причест се сеќаваше на тој дар и плачеше од трепет.

Такви се чудата од Светата Причест коишто јас посакувам и ние да ги   живееме во својот живот и да ги почувствуваме. Има луѓе коишто живеат само со едно причестување.

Еден човек после причестувањето со вера и благоговение не чувствуваше  глад по неколку денови. Тој се чуствувал себеси така како да е  резаситен од јадење, како тројцата апостоли на Тавор, кога тие рекле:

„Господи, даостанеме тука“ (Мат. 17,4). Ти се чувствуваше себеси толку добро што не чувствуваш глад.

Тоа е чувството од Светата Причест.

Ќе продолжи…

Беседа за Божествената литургија и Светата Причест Архимандрит Андреј (Конанос)

Превод од руски јазик:
м-р Момчило Куфојанакис

извор:

ПРАВОСЛАВНА СВЕТЛИНА

списание за православна вера, култура и образование