Охрид го чествува илјадагодишниот јубилеј на Охридската архиепископија

Охрид го чествува илјадагодишниот јубилеј на Охридската архиепископија

Св. Софија, Охрид

Вчера и денес (27. и 28. мај 2018 г.) Охрид го чествуваше илјадалетниот јубилеј на Охридската архиепископија.

Синоќа во катедралната црква „Света Софија“ се одржа Свечена академија на која присуствуваа поглаварот на МПЦ-ОА, Блаженејшиот архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан, членовите на Светиот синод на МПЦ-ОА, како и највисокото државно раководство предводено од претседателот Ѓорѓе Иванов и премиерот Зоран Заев.

Во своето обраќање, Неговото Блаженство истакна дека илјадолетниот јубилеј е настан со кој би се гордеел секој народ и секоја помесна Црква, настан што ја потврдува нашата вековна вистина, настан на кој се потпираат и нашето минато и нашата сегашност и нашата иднина.

Тој уште рече дека историјата на Охридската архиепископија одела заедно со историјата на македонскиот народ, дека слободата на Архиепископијата била и слобода за народот.

– [Нашиот народ] знаел дека нема вечни владари и трајни империи, туку дека има само народи кои вечно бдеат и ја чуваат својата историја. Ние денес, загледувајќи се во нашето минато, прилика е да се потсетиме и да се помолиме за личностите од минатото и за нивните заслуги и дела, трудејќи се достојно да се вложиме себеси и да ги насочиме своите обврски и задачи кон сегашниве и идните потреби на нашиот народ и Црква. Душеполезно и спасоносно би било да живееме евангелски, негувајќи ја љубовта кон Бога и љубовта кон луѓето. Само така ќе им се оддолжиме и ќе покажеме достојна почит кон духовниците и паството, кон сите коишто низ вековите наназад ѝ служеле и нејзе ѝ припаѓале, кон оние коишто некогаш дочекаа славни времиња, кон оние коишто трпеле искушенија, коишто ја доживеале забраната на нејзината дејност, како и кон оние коишто ја бранеле од неправдите и се бореле за нејзино возобновување и, конечно, кон оние коишто во лицето на Македонската православна црква го доживеаја и помогнаа во нејзиното воскресение – рече Архиепископот.

Претседателот на Република Македонија и покровител на манифестацијата за одбележување на илјадагодишнината од формирањето на Охридската архипепископија, г. Ѓорѓе Иванов, од своја страна истакна дека низ вековите Црквата во Македонија се соочувала и со прогони и со просперитет, носела различни имиња, нејзиниот статус бил унапредуван и смалуван, епархиите ѝ биле придодавани и одземани, нејзината диецеза била проширувана и стеснувана, разни владетели ја потврдувале и ја забранувале, опстојувала и во време на императори-пагани, цареви-христијани и султани-муслимани.

– Но, без разлика на сето тоа, таа била и останала плодоносна гранка на вистинската лоза, на Исус Христос. Гранка која низ вековите ја пренесувала надежта за вечност со Бог. И токму поради таа надеж, луѓето, независно од нивната етничка, социјална, јазична припадност биле толку многу приврзани кон својата Црква. Толку приврзани што ниту најмоќниот човек на најмоќната империја на 11. век, византискиот император Василиј II, не се осмелил да ја укине. Туку ја потврдил, ја проширил и ја заштитил. И тоа е чинот што ние денес го празнуваме. Денес ја празнуваме потврдата на постоењето на Црквата во Македонија во ликот на народната Охридска архиепископија – рече Претседателот.

Свое обраќање пред присутните гости на академијата имаше и претседателот на Владата, г. Зоран Заев, кој посочи дека востоличувањето на Охридската архиепископија не значеше создавање нова црква, туку светла точка во историјата на континуитетот на христијанството на овие простори што има корени уште од апостолско време. Според премиерот, годинава чествуваме десет векови поврзаност на македонскиот народ со колевката од која произлезе духовната сувереност на народот собран околу идејата за своја држава за која и се избори. Тој забележа дека никој денеска не може да го порекне, ниту да го отфрли тој посебен однос меѓу Охридската архиепископија и народот на овие простори. Однос изграден на длабоки врски и почит со наследството што православните христијански верници го негуваат со Охридската архипеископија, со МПЦ која иако се соочува со бројни искушенија никогаш не посегнала по туѓо, а на својата автокефалност се повикува како што на неа се повикуваат сите помесни православни цркви денеска.

– МПЦ – ОА е жива црква со полн духовен раст. Искрено се надеваме дека многу скоро ќе преовлада христијанската љубов и добрата волја и дека МПЦ ќе стане дел од единството на православната заедница. Повторно ќе се повикаме на вредностите на древната Охридската архиепископија која била духовната обединителка на православните народи и уверени сме дека нејзиниот дух возобновен во МПЦ ќе прерасне во алка на помирување и обединување околу изворните принцпипи на заедништвото на православната црква – истакна Премиерот.

Одбележувањето беше збогатено со пригоден концерт на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, заедно со монашките песнопенија од монахињите од манастирот „Рајчица“ и монасите од Бигорскиот манастир. Беше отворена и изложба на уметнички портети на македонските архиепископи.

Денес, пак, на Понеделникот на Светиот Дух (28. мај 2018 г.), Неговото Блаженство архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во сослужение на Високопреосветените митрополити преспанско-пелагониски г. Петар, дебарско-кичевски г. Тимотеј, повардарски г. Агатангел, европски г. Пимен, брегалнички г. Иларион, тетовско-гостиварски г. Јосиф и кумановско-осоговски г. Јосиф и Преосветениот епископ хераклејски г. Климент, отслужи Архиерејска Литургија во катедралната црква на Премудроста Божја во Охрид.

Во татковското празнично слово со кое архиепископот Стефан се обрати пред присутните, тој говореше за тајната на Црквата и нејзиното единство. Посветувајќи внимание и на милениумскиот јубилеј, тој забележа:

– Нејзиното постоење [на Охридската архиепископија, н.з.] не само што не претставува закана за постоењето на другите помесни Цркви, туку служи за усовршување на светиите и за изградување на Христовото тело. Таа тоа го покажала со своето пастирско дејствување помеѓу поверениот ѝ народ, но и преку активното учество во борбите за зачувување на чистотата на православната вера. Не се сведувало постоењето на Охридската архиепископија, како што ни денес не постои во лицето на Македонската православна црква, едноставно за да биде нечија, да припаѓа, а со припаѓањето на едни – да им биде одземена на други. Постои за да биде дел од едната, света, соборна и апостолска Црква, за верниот народ да го приведе кон тивкото пристаниште – кон Христа

Милиениумското опстојување на Охридската архиепископија, како еден од најзначајните јубилеи на нашиот род, ќе биде одбележано со бројни културни, научни, академски, образовни и спортски настани, организирани на локално, но и на највисоко државно ниво.

Извор: МИА, Нова Македонија