Он да е праведен, Он би нѐ претворил во пепел…!

Example Admin User · 3 years ago

    4 minutes, 10 seconds


„Најпрво би рекол дека Светителот постои и може да постои исклучиво во Православната Црква. Надвор од Православната Црква, навистина, може да има многу добри луѓе, но не и Светители, онака како што ние ги сфаќаме.

Бидејќи Светител не е човек кој просто поседува добродетели или кој, низ аскетско восовршување, научил да се контролира себеси и својата психосоматска моќ.

Светител е, како што веќе рековме, оној кој има органска врска со Христос, кој е крстен во името на Отецот и Синот и Светиот Дух;
кој живее подвижнички живот со истрајно долготрпение;
кој напредува од покајанието кон чистотата, и од чистотата кон совршеното смирение.

Овој низ – покајание, чистота, совршенство, го преземавме од свети Исаак Сирин.

Како што вели тој, покајанието е:
да се престане со својот претходен грешен начин на живеење и, притоа, да не се жали за тоа.

Чистотата е: срце исполнето со сострадална љубов према сето создание. Постои нешто што овде би требало да се нагласи:
чистотата не е само свест за тоа дека сме се ослободиле од оваа или онаа страст, чистотата е плод на покајанието.

Ако после покајанието ја стекнеме чистотата, таа чистота е вистинска во Исус Христос единствено ако имаме срце кое има љубов за сите луѓе.

И, на крајот, доаѓа совршенството кое е – смирението, а тоа значи – одрекување од сите видливи работи, но и од сите мислени работи, и пребивање (во Бога) над сите тие работи, без никаково помислување на нив.

Светителите се, според тоа, оние кои ги поминале сите овие три фази и стекнале обожение по благодат или, како што се вели на грчки „Θεωσις“.

Но, што е точно тоа обожение?

Рековме дека во западната традиција нема место за Божествената благодат. Да бидеме искрени, на извесен начин, опитот на Божествената благодат денес готово веќе и да го нема ниту меѓу нас православните.

Подобро кажано, тој опит како да е некако заборавен во нашата факултетска теологија, во нашите проповеди и нашите школи за вероучение.

Но, иако тој опит сме го заборавиле, тој, сепак, некаде длабоко во нас сѐуште дејствува. Ние сме, на извесен начин, и „новопросветлени“, но сепак и оние кои грешат.

И, знаете ли, што заради тоа тогаш се случува?

Се збунуваме, некогаш, заради некои силни изрази со кои се служеле некои од Светителите; и ние тогаш ги „преземаме“ тие изрази и почнуваме да се користиме со нив за да правиме некои свои („теолошки“) конструкции, кои се, во помала или поголема мера, незрели или неурамнотежени.

Дали тоа значи дека не би требало воопшто да зборуваме за обожението?

Мислам дека секако треба да зборуваме за обожението, бидејќи зборуваме за Светителите.

Но, некој би можел да каже:

„Каква корист од тоа на едно вакво бедно создание како што сум јас да му се зборува за една таква возвишена работа?

Но, сите ние сме бедни: суштината на сѐ и чудото се состои во тоа што Светителот е заправо „богочовек“ по благодатта Божја.

Да видиме што се случува. Светителите често изгледаат многу погрешни од нас. Тие самите себеси се изобличија во својата беспоштедна искреност и смирение.

Тие не претендираа да бидат големи луѓе, но навистина беа големи.

Од друга страна, ние кои не сме свети претендираме тоа да бидеме и заради тоа ги понижуваме другите.

Вистинскиот Светител е навистина голем и знакот на неговата големина е во тоа што во негово друштво ние, кои сме безначајни, се чувствуваме значајни.

Според тоа, тоа што светоста и обожението ги нема денес меѓу нас не е заради тоа што не постојат вистински Светители, туку затоа што ние се однесуваме како лажни светители, лажни теолози, лажни монаси и лажни проповедници.

Што е тогаш обожение?

Обожението е цел и смисла на човековиот живот. Човекот нема друга причина за постоење освен светоста. Денеска има многу дискусии за различни филозофии и за она што луѓето сакаат да станат: економски човек, модерен човек, пост-модерен човек, пре-модерен човек…

Но, која е целта на тоа што е човекот модерен или пост-модерен ако сите нас нѐ чека смртта која ќе нѐ проголта?

Работата е во тоа смртта да биде совладана, а поточно тоа е она што е обожението. Токму заради тоа Бог го создаде човекот според Својот образ и подобие.

Токму заради тоа Бог, после човековиот пад во грев, се грижеше за човекот и го чекаше неговото враќање.

И ние треба да Ѝ бидеме благодарни на Мајката Божја која ја воздигна човечката природа на тој степен на кој таа природа можеше не само да Го прими Бога и да Го понесе во Себе, туку и да Го зачне Бога и да Го роди на овој свет. Синот Божји дојде во светот и стана Син Човечки.

Он нѐ смета за достојни да ни ги врати сите потенцијали кои сме ги изгубиле, но само под услов ние да сакаме да Му се вратиме на Бога.

Ние живееме и ги работиме своите секојдневни работи, ние се каеме. Како што вели Светото Писмо, никој не е без грев, дури и кога би поживееле само еден единствен ден.

Да го погледнеме примерот на цариникот: цариникот имаше многу гревови, но само кога би го имале цариниковото покајание!

Ние, значи, го живееме нашиот духовен живот:
се бориме, се каеме, ја бараме Божјата милост, се вежбаме во долготрпението.

И додека така се вежбаме во долготпение во подвижничкиот живот, смирение и љубов, во еден момент нешто почнува да се случува.

Како што би кажал свети Исаак Сирин, нешто почнува да се случува во нас одненадеж, без наше знаење, без надворешна причина, неочекувано…

Почнуваме да зрачиме со радост, ликување и веселие.
Збунети, ние изговараме:

„Но, тоа не е нешто што дојде од нас!“.
Меѓутоа, тоа ни е, сепак, дадено! Зошто?
Затоа што Бог е бескрајно добар.

Но, некој ќе рече: „Но, ние тоа не го заслуживме!
Ние заслуживме казна!“

И тогаш ќе разбереме зошто свети Исаак Сирин кажал дека Бог не е праведен, туку неправеден.

Како?

Еве како: Он да е праведен, Он би нѐ претворил во пепел.

И да се потсетиме дека Аваа Исаак уште кажа дека Бог е страшен не заради Својата моќ, туку заради Својата љубов.

Архимандрит Василиј Гондикакис

Source: https://pokajanie.mk/2020/12/17/30184/

Share:

Example Admin User

All author posts

Related Posts

Image Description
3 years ago

Митрополит Атанасиј Лимасолски:Бракот е љубов, а не диктатура – (V дел)

 Нема да заборавам никогаш – трагичен е примерот што ќе ви го кажам, тажно е, не сакам да го кажувам, но еден човек се самоуби затоа што девојката којашто ја љубеше го измами. Тој ѝ остави писмо, кое девојката не го покажа на никого. Ми го донесе мене и јас го прочитав. Толку многу се нажалив,...

Image Description
3 years ago

За Божјиот печат и знакот на ѕверот

Монах Пимен Влад, од романскиот скит Лаку Кога ќе дојде антихристот и ќе посака да ти стави печат, тој нема да посака просто да ти стави еден печат, за да можеш да продаваш и да купуваш, туку ќе посака да го заземе местото на Христос во твојот живот, за да биде тој на мест...

Image Description
3 years ago

Дали постои молитва за тие што имаат потешкотии да стапат во брак?

  Пoчитувани, прашањата што ги поставувате на нашата страница, секогаш имаат духовна основа во одговорот, бидејќи сите состојби на човекот почнуваат од нивните духовни состојби. Кога зборуваме за брак, ние, никогаш не смееме да го гледаме тоа како што го гледа светот односно бракот како институ...