Оној што ја примил благодатта, тој се смета поголем од сите грешници! (свети Макариј Велики)

Pokajanie

Pokajanie / Pokajanie 7 Views

193. Замисли извор и како некој жеден човек почнува да пие од него, а потоа, кога почнал да пие, го оттргнуваат од изворот и не му даваат да се напие колку што сака. Тој тогаш, откако вкусил малку од водата, уште повеќе ја чувствува својата пламена жед и сè повеќе му се пие.

Ова исто го доживуваме и во духовна смисла: кога некој почне да јаде и да пие духовна храна и духовно пиење и кога токму тогаш некој почне да го попречува во тоа – кога не му дозволува да се нахрани и да се напои.

194. Господ ја знае човечката немоќ, знае дека човекот може набргу да се погордее, па затоа го сопира, го држи во непрестајно бранување и страдање. Зашто, ако и тогаш кога примиш малку – на сите им стануваш здодевен и се гордееш, а колку ли поздодевен ќе им бидеш, ако одеднаш се наситиш co сите благодатни сладости!

Но Бог, знаејќи ја нашата немоќ, по Својата промисла, ни испраќа маки и страдања, за да бидеме смирени и поревносно да Го бараме.

– Копнеејќи сè повеќе и повеќе по Господа, таквите луѓе чувствуваат дека се сиромашни и дека се лишени од сè. Затоа е смирението кај нив длабоко вкоренето чувство, а тоа е и услов за секое натамошно напредување.

195. Како е можно некој да се чувствува духовно сиромашен, особено тогаш кога и самиот знае дека е изменет, дека напреднал, дека дошол до знаење и разбирања, какви што пред тоа немал?

Додека човек не ги придобие овие работи, тој не се смета сиромав духовно, туку има многу високо мислење за себе си. А кога дојде до ова разбирање и до ваков успех, тогаш самата благодат го учи да биде смирен – духовно сиромашен, иако е тогаш праведник и Божји избраник.

Тој тогаш смета дека е никој и ништо; мисли дека неговата душа е грешна и уништена; мисли дека ништо не знае и дека нема ништо, иако многу знае и многу има. Ваквата мисла станува како вродена и длабоко вкоренета во неговиот ум.

He слушаш ли како праотецот Авраам, кој бил Божји избраник, се нарекувал земја и пепел (1. Мој.18, 27)? И Давид, кој бил помазан за цар, Го имал Бога пред себеси и велел: “Јас сум црв, а не човек, потсмев за луѓето и презир во народот” (Псал. 21, 6).

Затоа, оние што сакаат да бидат нивни сонаследници, сожители во небесниот град и да се прослават заедно co нив, и тие треба да имаат такво смирение и да немаат високо мислење за себе си, туку треба да имаат скрушено и смирено срце.

196. Оној што ја примил благодатта, тој се смета поголем од сите грешници. Оваа мисла е всадена во него како да му е природна.

И колку повеќе и подлабоко навлегува во познавањето на Бога, толку повеќе мисли дека ништо не знае.

И колку повеќе учи, сè повеќе е уверен дека ништо не знае. Оваа мисла ја потпомага и крепи Божјата благодат во душата како да е нешто природно.

197. Оние што се опитни пред Бога се сметаат за сосем мали и неопитни. Оваа мисла е всадена во нив како да им е природна. За нив е сосема природно и неопходно да се сметаат сосема ништожни и незнатни.

Зар тие не знаат што им е дадено? Зар не знаат дека немале ништо и дека добиле нешто што е необично за нивната природа?

Ви велам, тие не се свесни за тоа дека се опитни и дека напреднале духовно; не знаат што немале и што добиле.

Благодатта Божја, која им се дава на таквите луѓе, ги учи да мислат дека не напреднале, да не мислат високо за себеси, па затоа и сметале дека се ништожни.

Иако се скапоцени пред Бога, тие не мислат така за себеси; иако напреднале духовно, иако имаат совршено Богопознание, тие сметаат дека ништо не знаат; оние што се навистина богати пред Бога тие самите себеси се сметаат за сиромаси.

Пренесено од книгата “Добротољубие” том I, Поуки од свети Макариј Велики за вистинскиот христијански живот (Избор од неговите беседи) 6. Состојбата на оние што ја почувствувале примената благодат, стр. 226-227

Подготви: Мина Даниловска