rsz_crkva_vnatresnost

Барате да го изложам моето кредо. Иако кредото на секој христијанин и, се разбира, свештеник, веќе е изразено во Символот на верата. Вашето прашање е сосема во ред. Христијанството е неисцрпливо. Уште во апостолско време, среќаваме цел ред на видови христијанство, кои се дополнуваат еден со друг. И така, ако се изразиме накратко, за мене верата што ја исповедам, е христијанството како динамичка сила, која ги опфаќа сите аспекти на животот, отворена кон сè што Бог создал во природата и човекот. Јас не го восприемам него само како религија што постоела во текот на минатите дваесет векови, туку како Пат кон иднината.

  • Фокусот на својата вера, тоа го има во Христа, преку Него измерува и вреднува сè (Откр 1,8).
  • Тоа знае дека доаѓањето на Богочовекот на земјата не бил едностран божествен акт, туку и повик кон човекот да одговори на Божјата љубов (Откр 3,20).
  • Тоа го препознава присуството и дејствието на Христа во Црквата, а исто така и во животот воопшто, дури и во неговите наједноставни, секојдневни пројави (види ги Господовите параболи, поконкретно Мат 6,28-29).
  • Знае дека достоинството на личноста, вредноста на животот и творештвото се оправдуваат со фактот дека човекот е создание Божјо (Пс 8).
  • Во верата не гледа теоретско убедување, туку доверба кон Бога (Рим 4,3).
  • Не бара сетилни знаци (Мк 8,11-12), имајќи предвид дека созданието е чудо (Пс 18,2).
  • Тоа го слуша Словото Божјо, кое е запечатено во Светото писмо, но се пази буквално да го толкува секој стих во Библијата, особено Стариот завет (Рим 7,6).
  • Верува дека едниот и ист Бог се откривал во двата Завета, но се откривал постепено, во соодветност со нивото на човечкото сознание (Евр 1,1).
  • Ја разликува границата што го одделува Преданието (духот на верата и учењето) од „преданијата“, меѓу кои има многу фолклорни и минливи слоеви на религиозен живот (Мк 7,8; Кол 2,8).
  • Верува дека Црквата живее и возрастува преку силата Христова (Мт 16,18; 18,20).
  • Верува дека Христос Се открива Себеси во Светите Тајни на Црквата, во нејзиното осветување на светот, во нејзиното учителство и во делата на служењето (1Кор 11,26; Мт 18,20, 19-20; Рим 6,11; Мт 18,18; Лк 10,16), но знае дека ниту една од овие страни на црковниот живот не е самодоволна, зашто Христос дојде и како Спасител, и како Исцелител, и како Наставник.
  • Ги почитува обредните форми на побожноста, ниту за миг не заборавајќи дека тие се вторични во споредба со љубовта кон Бога и луѓето (Мт 23,23-24; Мк 12,28-31).
  • Верува во значењето на ерархискиот и канонскиот принцип во Црквата, гледајќи во нив својство на структура на активен организам, кој има практичен призив на земјата (1Кор 11,27-30).
  • Знае дека богослужбените и канонски устави се менувале во текот на вековите и во иднина не би можеле (и не смеат) да станат апсолутно неизменливи (Јн 3,8; 2Кор 3,6,17). Ова се однесува и на богословското толкување на вистините на верата, кое имало долга историја, фази на разоткривање и задлабочување (така Отците на Црквата и Соборите воведувале во употреба нови поими што ги нема во Писмото).
  • Тоа не се плаши критички да гледа на минатото на Црквата, следејќи го примерот на учителите на Стариот завет и Светите Отци.
  • Ги оценува сите нечовечни екцеси на христијанското минато (и сегашност): казните на еретиците и сл., како предавство на евангелскиот дух и фактичко отпадништво од Црквата (Лк 9,51-55).
  • Знае дека противниците на Христа (беззакониот управител, властољубивиот архиереј, фанатичниот приврзаник на минатото) не припаѓаат само на евангелската епоха, туку се појавуваат во секое време, под разни облици (Мт 16,6).
  • Се пази од авторитаризмот и патернализмот, кои не се коренат во духот на верата, туку во цртите својствени на човечката падната природа (Мт 20,25-27; 23,8-12).
  • Ја исповеда слободата како една од најважните закони на духот, притоа гледајќи на гревот како на форма на ропство (2Кор 3,17; Јн 8,32; Рим 6,17).
  • Тоа верува во возможноста човекот да Го стекне Духот Божји, но за да го разликува тоа стекнување од болната егзалтација („прелест“), суди според „плодовите на духот“ (Гал 5,22).
  • Како и апостолот Павле, на човечкото тело гледа како на Храм Божји (1Кор 6,19), иако е несовршен по силата на паднатата состојба на природата: ја признава неопходноста за грижа за него (1Тим 5,23), ако тоа не преминува во „култ на плотта“.
  • Во соодветност со соборските решенија, на бракот и монаштвото гледа како на „рамночесни“, освен ако монаштвото не се прима под влијание на честољубие и други гревовни мотиви.
  • Одбива да го објасни злото во човекот единствено со неговото несовршенство или со „остатоци од животинската природа“, туку верува во реалноста на метафизичкото зло (Јн 8,44).
  • Поделбата на христијаните ја доживува како општ грев и нарушување на волјата Христова (Јн 10,16), верувајќи дека во иднина тој грев ќе се надмине, но не по патот на превознесувањата, гордоста, самодоволството и омразата, туку во духот на братската љубов, без која призивот на христијаните не може да биде остварен (Мт 5,23-24).
  • Отворено е кон сè што има вредност, што се содржи во христијанските исповедања и нехристијанските верувања (Јн 3,8; 4,23-24).
  • Не го отфрла доброто, макар тоа да произлегува од нерелигиозни луѓе, но ги отфрла насилството, диктатурата, омразата, макар и да се прикриени со името Христово (Мт 7,21; Мк 9,40; Мт 21,28-31).
  • Сето она што е прекрасно, креативно и добро го гледа како Божја своина, како таинствено дејствие на благодатта Христова.
  • Смета дека заразеноста на некоја сфера со грев, не може да служи како повод за нејзино отфрлање. Напротив, борбата за утврдување на Царството Божјо треба да се води во средоточието на животот.
  • Тоа е „аскетично“ не толку со тенденцијата да се избега од светот, колку со духот на самоодрекувањето, со борбата со „ропството на плотта“, со признавањето на господарењето на вечните вредности (Мт 16,24).
  • Гледа можност за реализирање на христијанскиот призив на човекот во сè: во молитвата, трудот, изградувањето, активното служење и моралната дисциплина.
  • Верува во светоста на човечката љубов, ако таа е соединета со одговорност. Верува во светоста на семејството и бракот (1Мојс 2,18,23-24; Мт 19,5).
  • За природна и оправдана ја смета љубовта кон татковината и националната култура, имајќи на ум дека духовното е повозвишено од националното (Евр 13,14; Гал 3,28; Кол 3,11).
  • Ги вреднува националните облици на црквите како конкретни индивидуални воплотувања на човечкиот дух и богочовечката тајна. Сепак, тоа не го засенува вселенскиот карактер на Црквата.
  • Многувековното културно творештво на Црквата не го гледа како грешка, туку како реализација на Божјите дарови.
  • Разумот и науката не ги смета за непријатели на верата. Знаењето просветено со духот на верата ја задлобочува нашата претстава за величието на Творецот (Пс 103,3; Цар 4,33; Пс 88,6).
  • Го отфрла обидот во Светото писмо и кај Светите Отци да се најдат природно-научни сведоштва, пригодни за сите времиња.
  • Научното истражување на Библијата и црковната историја го гледа како важно средство за разјаснување на смислата на Откровението и реалните околности на светата историја.
  • Отворено е кон сите проблеми на светот, сметајќи дека секој од нив може да биде оценет и осмислен во светлината на верата.
  • Заедно со апостолите тврди дека сведоштвото на верата во светот, пред сè, е сведоштво на служење и дејствена љубов (1Кор 13).
  • На општествениот живот гледа како на една од сферите за применување на евангелските принципи.
  • Го признава граѓанскиот долг на човекот (Рим 13,1), бидејќи тој не противречи на барањата на верата (Дела 4,19).
  • Ниеден систем на владеење не го објавува како специфично христијански. Вредноста на системот се мери со она што тој му дава на човекот: целисходност и хуманост.
  • Одделеноста на Црквата од државата ја смета за оптимална ситуација за верата и во самата идеја на „државна религија“ воочува опасност.
  • Во историјата верува како во воведен процес, кој преку искушенија, катастрофи и борби восходи кон идното надисториско Царство Божјо.
  • Воздржано се однесува кон концептот на „неуспешна историја“, т.е. кон убедувањето дека правдата Божја на земјата претрпела целосен пораз (против тоа говори Откр 20,1-6).
  • Верува дека, кога и да настапи последниот Суд на светот, човекот е повикан да се труди за доброто на другите, создавајќи царство на добро, Град Божји.
  • Верува дека Судот веќе започнал од моментот кога Христос излегол на проповед (Јн 3,19; 12,31).
  • На задгробната состојба на човечката душа гледа како на нешто привремено и несовршено, кое во иднина ќе се исполни со сеопштото воскресение и преображение (Дан 7,13; Јн 5,28; Рим 8,11; Откр 20,11-15).
  • Знае дека Царството Божјо, коешто доаѓа, уште денес може да се зацари „внатре во нас“ (Мк 17,21; 9,27).

Мислам дека во ова нема да најдете ништо ново, туку едно од прекршувањата (рефракциите) на првичното христијанство, коешто е древно а, според зборовите на Златоуст, „секогаш младо“.

Отец Александар Мењ

Извор: krotov.info

Подготвил: презвитер Георгиј Глигоров

Повеќе ...