Отец Алексиј Умински: За сопружничките односи, системот на забрани, целомудрието и блудот

Отец Алексиј Умински: За сопружничките односи, системот на забрани, целомудрието и блудот

Отец Алексиј Умински: За сопружничките односи, системот на забрани, целомудрието и блудот

rsz_1алексиј_умински

Ние многу сме се навикнале на зборовите дека Црквата е тело Христово и тие зборови понекогаш ги разбираме некако апстрактно, некако богословски оддалечено: небаре тоа не е вистинското тело Христово, ами некој образ, символ што треба да си го одгатнеме. Притоа, во апостолските посланија апостолот Павле совршено ја истакнува конкретната телесност: Црквата е плотта Христова.

Свети Јован Златоуст во едно од своите огласителни слова го вели следново: „Црквата исходи од реброто на Христа, како што од реброто на Адама произлегла неговата сопруга Ева.“ За истото сведочи и апостол Павле кога вели: ние сме членови на Неговото тело, од плотта Негова и коските Негови (Ефес 5,30). И сам по себе, библискиот расказ исто така ни говори нам не за апстрактно „создавање“, туку за раѓање на Црквата.

Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив – вели Христос (Матеј 18,20). И од ова можеме да разбереме дека целото човештво било замислено од Бога како црква. Целото човештво се разбира во рамките на некое сеопшто единство во Бога – и во таа смисла, првата Црква се создава во лицето на првиот човек Адам и неговата жена Ева.

Според мислењето на некои свети отци, Бог, создавајќи ја Ева од реброто на Адам, го одделува машкото од женското. Но, јас овде би сакал да искажам една сосема друга мисла: имено обратно – не се разделува машкото од женското, туку се создава машко и се создава женско, и тоа како нешто сосема посебно.

Целиот животински свет веќе живее во полова разделеност: во него има единки, припадници на едниот пол и припадници на другиот пол. Адам и Ева не се во тој ред: тие не се единки, тие не се „припадници“ – тие се луѓе, човештво. И во човекот не се создава пол, туку се создава машко и женско – се создава онаа различност која дава можност на двајца луѓе да се дополнуваат еден друг во љубов.Тоа истовремено е и разоткривање на Адам до некоја полнота, и некоја поделба на човекот, во која едниот без другиот не е целосен, едниот без другиот не е сосема човек. Кај животните нема машко и женско – кај нив нема потреба за единство, нивната полова функција постои само за да се продолжува родот.

А кај човекот е сè поинаку: тоа е основано на некоја голема потреба за другиот, и без таа потреба во човекот не се раѓа она најглавното. Црквата, пак, е оној организам на љубовта, каде секој има потреба од другиот. Ако на човекот никој не му е потребен, тогаш тој во некоја смисла, како што велел преподобниот Јустин Поповиќ, е „вончовек“ или „покрајчовек“.

Да се умножи не бројноста, туку љубовта

Адам вака вели за Ева: еве, коска од моите коски и плот од мојата плот (1Мојс 2,23). Како што спомнавме, истото го вели и апостол Павле за односот на Христа и Црквата. За истото се говори и во чинот на венчавање: „Боже Свет, Кој си го создал човекот од земја и од реброто си ја образувал жената, давајќи му помошник сличен нему, зашто така било угодно на Твоето Величие, човекот да не биде сам на земјата.“

Тука се наоѓа одговор на тоа што е целта на бракот и зошто бракот постои. Многу често може да се слушне дека христјанскиот брак за своја цел го има детераѓањето – но не. Детераѓањето е природа на бракот и таа е таква кај сите народи, во сите вери – ама целта на христијанскиот брак е исполнувањето на љубовта.

Тука може да се приведе аналогија со тајната на Света Троица: секоја Нејзина ипостас е исполнета со љубовна смисла – љубовта отечка, љубовта синовска и љубовта утешителна, т.е. фактичката мајчинска љубов на Светиот Дух.

И затоа соединувањето во бракот не е само соединување во природата. Тоа е соединување во образот Божји, даден на човекот. Имено, тоа е токму дејствието на љубовта. И во врска со ова би сакал да кажам нешто за интимноста во семејството. Оваа тема која обично се подложува, така да кажеме, на многу строг поглед. Помеѓу верниците честопати има мислење дека интимните односи во семејството, дека сопружничкото соединување постои исклучиво заради функцијата на детераѓањето: плодете се и множете се (1Мојс 1,22) и наполнете ја земјата.

Да, и таа заповед му е дадена на човекот, без сомнеж. Но таа не е даде на начин, како што била дадена на животинскиот свет. Станува збор за сосема друга категорија на одговорност, зашто оваа заповед не е за умножување на бројноста, туку заповед за умножување на љубовта.

И човекот да се плоди, не секогаш значи едноставно буквално да го умножува бројот на човечките суштества; да се плоди и да се множи на земјата со човештвото, со љубов да ја исполнува.

Интимните односи меѓу мажот и жената пред бракот и надвор од бракот од Црквата се гледаат како грев на блуд и тоа е сосема правилно: христијанинот е повикан да ја запазува чистотата и целомудрието не само во делата, туку и во помислите, зашто похотта откако ќе се зачне, раѓа грев, а гревот направен раѓа смрт, како што вели апостолот Јаков (сп. Јаков 1,15). Апостолот Павле уверува дека блудниците нема да го наследат Царството Божјо (сп. 1Кор 6,9).

Канонската норма определува одлачување од Причест за гревот на блуд седум години, за прељуба – петнаесет. И треба да се разбере, дека ова се вовело не само затоа што гревот на блудот има многу сериозни разрушувачки дејствија врз човекот, но и заради тоа што односите меѓу мажот и жената, дадени од Бога, се толку возвишени, толку свети и толку таинствени.

Но, понекогаш може да се слушне и ова: дека самото соединување на мажот и жената е гревовно, дека тоа е само покорување на телото и дека тоа е нешто што може да се ползува само по назначување – заради раѓање деца. Од ова се извлекуваат два заклучоци: дека односите меѓу сопружниците не можат да бидат „чисти“ по дефиниција и дека секое соединување, кое не е со цел за зачнување, претставува грев.

Поаѓајќи од ваквите погледи на интимната блискост, сопружниците верници почнуваат да ги избегнуваат тие односи, пазејќи се да пројавуваат нежност еден кон друг, имаат чувство на вина. Тоа доведува до оладување помеѓу нив, а понекогаш и до растурање на бракот. Претераното и неоправдано сопружничко воздржување може да стане причина за психички сломови; а се случува и нешто друго, а тоа е уште полошо – принудена и наметната многудетност, која семејството не може да ја понесе, заради што најмногу страдаат самите деца.

Целомудрието не е систем на забрани

Кога ние зборуваме дека гревопадот го изопачил образот Божји во човекот, треба да помниме дека тоа не ја допрело само сексуалната сфера – изопачени се и умот, и волјата, и сите човечки чувства, така што да се укажува особено на интимната страна, во најмала рака е некоректно.

Но, освен тоа сите Божји дарови може и треба да бидат во функција на спасението, дури и ако тие се изопачени од првородниот грев. Безусловно, и интимната блискоста како исполнување на љубовта исто така треба. А прашањето, како тоа ќе биде, се определува од личната внатрешна слобода на секое семејство и зависи само од самите сопружници – од никој друг и ништо друго.

И тука, особено прашање е вмешувањето на свештеникот во интимната сфера од животот на сопружниците: треба да се укаже дека тоа може да нанесе многу сериозна штета на семејната благосостојба. Знаете, кај нас во некои места сè уште постои една дива практика: свештениците да не им дозволуваат Причест на младоженците за време на венчавањето од причина што ним им претстои првата брачна ноќ.

„Како може да се причестите, а потоа ќе го правите „она’? Таквото причестување ќе ви биде само за осуда!“ Тука се појавува потполно неразбирање на фактот дека и едното и другото, во суштина, се свети тајни: таинството на причестувањето со Телото Христово, Неговата плот и таинството на сопружничкото соединување во едно тело.

Во ова отприлика се причините зошто целомудрието кај нас се разбира како систем на забрани. Така понекогаш ги учат децата и тинејџерите на целомудрие: постојано им говорат што не треба да прават, каде не треба да гледаат, што не треба да слушаат, за што да не зборуваат, што да не чувствуваат и што да не си дозволуваат.

Но очигледно, во нашето општество тој систем на забрани веќе одамна не функционира. Некогаш функционирал: во 19. и можеби во првата половина на 20. век, бидејќи социјалните односи биле построени на тој начин што целото надворешно поведение на човекот било под контрола на општественото сознание. Но сега, дури и за други нешта, овој систем во принцип е безживотен.

Правилното разбирање на целомудрието произлегува од правилното разбирање на сопружничкото соединување: тоа е една голема тајна, во која двајца стануваат едно битие; тоа не е предавање на грешната природа, туку величествен дар, како и сè што е дадено за создавање на нешто величествено.

Целомудрието не може да се сфаќа како некоја техничка работа, како некој противотров на скверната, под која се подразбира во овој случај секоја физичка блискост, дури и по венчавањето.

Во врска со ова, го помнам прашањето што ми го постави една жена христијанка, која имаше компликации во бракот; ова не е тајна на исповед, туку стануваше збор за едноставен разговор. „Отец, кога ми се случува да бидам блиска со сопругот, цело време ја кажувам Исусовата молитва. Дали правилно постапувам?“…

Опитот на познание

Човечката љубов се остварува преку познание. Зашто можеш да го љубиш само оној кого ти го знаеш, и тоа не едноставно да го знаеш, туку и вистински длабоко си го познал – и можеш да му веруваш само на оној кого го знаеш. Нам ни е дадена заповед да Го возљубиме Господа Бога со сето срце свое, со сета мисла своја, со сета душа своја, со сиот разум свој и сета сила своја (сп. Лука 12,30). „Сета сила“ значи со целото тело, т.е. и тоа претставува љубов – разбирате? Вклучувајќи го и нашето тело.

И познанието, во таа смисла, телесно. Затоа Адам и Ева се познале еден со друг и се соединиле во таа љубов. Може дури да кажеме дека преку тоа човештвото добило можност да се движи понатаму, т.е. да Го познава Бога, веќе имајќи опит на познание – опит на взаемно проникнување, соединување во едно.

Богопознанието е пат на желбата за тоа проникнување: Бог, Кој докрај нè знае нас, да нè пронижи со Својата љубов и тоа знаење да предизвика во нас таква силна пронижувачка желба да Го познаеме. Најпрвин – во тајната на Евхаристијата. Црквата е исто така форма на соединување, само сосема поинаква: соединување во кое ние стануваме едно тело со Христа, во кое ние и Тој буквално еден во друг проникнуваме.

Љубовта е она што прави едно битие. И сопружниците во таа љубов можат да станат толку единствени, што ним веќе нема да им биде потребно телесно соединување. Затоа е и напишано дека во Царството Небесно веќе нема да се женат и доближуваат еден кон друг (види Матеј 22,30), затоа што таму веќе сите се едно, веќе сите се пронижани со таа љубов и соединети еден со друг во единствената заедница на Светиот Дух.

Родените од тело

Христот на земјата се раѓа реално, во тело. И Црквата исто така се раѓа, на почетокот за тоа кажавме: имено дека се раѓа, а не создава. Тоа е раѓање на земјата на истата плот Христова, на истото тело Христово. Често мислиме за раѓањето од Дух во некаква завршена категорија: ние ја примивме Светата Тајна Крштение – и тоа раѓање од Дух се извршило.

Но не, тоа не се извршило, туку се извршува. Човекот се раѓа во Црквата, се раѓа во плотта Христова. И кога читаме во Евангелието: Роденото од тело е тело, а роденото од Дух е дух (Јован 3,6), не треба тоа да го разбираме како спротивставување: од Духот е добро да се роди, а од телото – лошо. Кога говориме дека родениот од тело е тело, станува збор за нас и за Христа: ние сме родени од Неговото тело и затоа Црквата е Света Тајна на раѓањето. Како што велел св. Атанасиј Велики, Бог стана човек, за човекот да стане Бог.

И токму ова раѓање од телото Христово и е најглавното во Црквата – тоа ги прави бестелесниот, вечниот, семоќен Бог и телесниот, ограничен, смртен човек едно – и не едноставно едно, туку едно во тело. Зашто и вознесението Христово се случило во тело – Тој во тело седнал оддесно на Отецот, и ние исто така телесно ќе воскреснеме. И нашите тела ќе бидат соприродни на Самиот Христос: коска од Неговите коски, плот од Неговата плот – тоа сме ние.

Се сеќавам, раскажував за смислата на Евхаристијата, за тоа зошто се причестуваме. Треба да се спомне дека многумина од нас се навикнале дека Причеста е наше лично дело, наше лично осветување, дека се причестуваме кога нам ни е потребно – за да добиеме сили, за да се излечиме од болест, да се избавиме од гревови, т.е. да добиеме некаква духовна помош.

И јас се обидов да објаснам дека Причеста е нешто сосема друго. Тоа е истото она кога, на пример, жена седи и во нејзините раце има бебе. И за неа нема некој помил – тоа е нејзино тело и крв. Така и ние сме во рацете Господови и тоа што преку причестувањето, преку тоа взаемно проникнување, Му стануваме Нему веќе совршено родни, ни се дава можност во буквална смисла да бидеме Негови деца и да Го нарекуваме Него свој Отец.

Превод од руски: презвитер Георгиј Глигоров

Извор: www.pravmir.ru