Фотиј Кондоглу

Човекот во сѐ е ненаситен. Сака да ужива во сѐ, без да може да постигне сѐ. И поради тоа се мачи. Но, оној кој ќе стигне до една состојба, кога ќе се задоволува со малку, и да не сака многу, дури и ако може сето тоа да го стекне, ете тој е среќен. Луѓето никаде не наоѓаат среќа, бидејќи се обидуваат да живеат без себеси. Но, кој ќе се изгуби себеси (ќе го изгуби своето јас, својата личност), тој ја изгубил среќата. Среќата не е занесеност, која ти ја даваат многузаморните сладострастија и уживања, туку тоа е мирот на душата и молчаливото радување на срцето. Затоа и Христос рече: „Царството Божјо нема да дојде забележливо, ниту ќе кажат: ,Еве,овде е‘ или: ,Ене, онде е‘. Зашто царството Божјо е во вас внатре“ (Лука 17,20-21). 

Добро знам каков е животот што го живеат оние таканаречени световни луѓе. Значи, луѓето кои се забавуваат, кои патуваат, кои се смеат со било која глетка, со безначајни нешта, со скандали, со разни суетни (празни) работи. Сите овие оддалеку изгледаат како нешта за кои треба да ги посакуваш и да завидуваш. Но, одблизу, се чудиш на бедотијата што ја имаат, и колку глуви се луѓето што се смеат со оние бабини деветини за среќата. Гледаш несреќни луѓе, кои се преправаат среќни! Заробеници, кои глумат дека се слободни! Празни без никаква суштина! Тројно несреќни! Со мртва душа! Затоа и непостоечка е нивната „среќа“! Потполно отуѓени од Царството Божјо! Но, како да бидне леб, ако нема квасец? И како да не биде сето тоа бесвкусно, штом нема сол?

Не плаши се, брате мој, да останеш сам со себеси! Не се занимавај со илјада работи, за да не се изгубиш себеси! Зашто, оној кој ќе се загуби себеси, седи со сенки и сеништа во пустината на смртта. Засакај Го Христа и Евангелието, повеќе од мртвите мудрувања на луѓето. Повеќе од секоја чест и слава на овој свет. И само тогаш ќе се радуваш на секој миг од својот живот. Ниту еден пат не те изведува на патот на мирот во срцето, освен Христос, Кој те повикува со болка и ти вели: „Јас сум Патот!“

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев