ПЕДЕСЕТНИЦА!  (Кој е жеден, нека дојде при Мене да пие!…)

ПЕДЕСЕТНИЦА! (Кој е жеден, нека дојде при Мене да пие!…)

ПЕДЕСЕТНИЦА (26.05.2018 10:16)

При толкувањето на евангелието за жената Самарјанка велам:

„Водата што Богочовекот Христос ни ја дава, и која имајќи ја никогаш нема да ожедниме, е благодатта на Светиот Дух во нашето срце. Оваа благодат во нас може да стане и извор на благодат која нè води во живот вечен доколку го очистиме и го отвориме нашето срце“.

Денес, кога повторно учествуваме во светата Педесетница, истата потврда ја добивме од Самиот Богочовек Исус Христос и од Неговото Евангелие:

„’Кој е жеден, нека дојде при Мене да пие! Кој верува во Мене, од неговата утроба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода‘.

А ова го рече за Духот, Кого ќе Го примат оние кои веруваат во Него; оти Светиот Дух уште не им беше даден, бидејќи Исус уште не беше прославен“ (види: Јован 7, 37–52; 8, 12).

Ако Синот Божји не се симнеше на земјата меѓу нас, ниту ние ќе можевме во Малиот Вход на Светата Литургија на Црквата да се вознесеме и да застанеме пред престолот Божји.

Ако Он не се крстеше, ниту ние ќе можевме да умреме за гревот и да бидеме живи за Бог во Него.

Ако Он не ја проповедаше Својата Блага Вест за Царството Божјо, ниту ние ќе можевме на Светата Литургија на Црквата да го читаме и проповедаме Неговиот Нов Завет.

Ако Он не се жртвуваше на Крстот за нас и наше спасение, ниту ние ќе можевме во Големиот Вход од Светата Литургија да се принесеме самите себе и целиот наш живот на светиот Престол Божји преку даровите што ги принесуваме на него.

Ако Он не се вознесеше и не седнеше оддесно на Отецот, ниту Светиот Дух Господ ќе се симнеше на Апостолите, а преку нив и преку Светите Отци и на нас до денес, во Црквата, ниту пак, Второто Христово пришествие и Страшниот суд ќе беа веќе, и уште не.

А ако, пак, Светиот Дух не се симнеше на нас, никакво значење немаше да има за нас сето она што Богочовекот Христос го направи за нашето спасение.

И навистина, Светиот Дух Господ се симна на светите Апостоли и во собранието на Црквата, и во Светата Литургија на Црквата ни овозможи, и секојпат повторно ни овозможува, да станеме учесници во севкупниот Светотроичен Домострој на нашето спасение.

Но, симнувањето на Светиот Дух, покрај своето светотаинско и соборно-лично значење за нас, има и длабоко лично-соборно, односно внатрешно значење за нас.

Без лично да Го примиме во Црквата Светиот Дух, ниту срцето наше ќе станеше наш духовен центар, ниту ќе знаевме за местото на срцето, ниту исцелениот наш ум – односно енергијата на нашиот ум соединета со својата суштина во срцето – ќе можеше молитвено да се просветлува престојувајќи во благодатта на Светиот Дух, ниту ќе можевме да Му служиме на Бог на олтарот од нашето срце, ниту ќе можевме целата Црква да ја видиме собрана во нашето срце, ниту ќе можевме да ја видиме несоздадената светлина Божја, ниту од нашата утроба (срце) ќе потечеа реки од вода жива, та да можат и нашите ближни да ја угасат својата жед.

Пресвета Богородице, спаси нè!

Митрополит Струмички Наум