ПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НИКОЛАЈ ЧУДОТВОРЕЦ АРХИЕПИСКОП НА ЛИКИСКИОТ ГРАД МИР

Pokajanie

Pokajanie / Pokajanie 29 Views

УТРЕНА

Тропар, глас 4:

Правило на верата, и пример за кроткоста, и учител на воздржанието, те покажа пред твоето стадо вистината на твоите дела. Поради тоа, со смирение си ја придобил возвишеноста, со сиромаштвото – богатството, отче, свештеноначалниче Николае. Моли Го Христа Бога, да ги спаси душите наши.

Канон на светиот. Глас 1.

Песна 1.

Ирмос: Христос се раѓа, славета Го; Христос доаѓа од небото, пресретне Го; Христос е на земјата, возносете Го. Пеј Му на Господа, цела земјо, и весело пофалете Го, луѓе, зашто се прослави.

Мојот јазик и усни не се кадарни ни за една мала похвала и молитва, што дојдов да му ја принесам на твоето извонредно подражавање на Бога, Николае, но, како дарител на богатства, подај ми ја милоста на нашиот Бог и Спасител.

Отче Николае, како човек небесен, на земјата се покажа како рамноангелен, брз заштитник на вдовиците, бранител на онеправданите, и помошник на сите кои се во беди и неволи.

Сѐ што се наоѓа под сонцето ги раскажува твоите чудеса и бездната на добродетелите, Николае трижблажени: на бедните – застапник; на сираците и вдовиците – хранител, на слепите – патеводител, а за сите – бранител.

Троичен: Ја почитувам Троица несоздадена – Отецот и Синот со Духот, суштество просто, божество, природа по суштина неразделна, Три Ипостаси, делејќи ги личносно и по ипостаси.

Богородичен: Сенепорочна, бессемено си Го зачнала Словото – едниот од Троица, и Него си Го родила по тело, и по раѓањето си останала Дева како и порано. Него, како твој Син и Бог, за нас секогаш моли Го.

Катавасија: Христос се раѓа, славета Го; Христос доаѓа од небото, пресретне Го; Христос е на земјата, возносете Го. Пеј Му на Господа, цела земјо, и весело пофалете Го, луѓе, зашто се прослави.

Песна 3.

Ирмос: На Синот, роден пред вековите од Отецот нетлено, а во последно време воплотен од Дева бессемено – на Христа, нашиот Бог – да Му запееме: Свет си, Ти, Господи, Кој го издигна нашето достоинство.

Откако во твоето срце, богомудри, ја стекна таблицата со многу добродетели, изгравирана со прстот на бесмртниот и пречист прст на Христа Бога, од твоите усни, Николае, точиш сладост и од мед и од сот поголема.

Благодатта покажа преславни чудеса на тебе, Николае, зашто твојот чист живот, навистина посветол и од злато, со зраците на Божествениот Дух ги осветлува мрачните души.

Ти живееш и по смртта, јасно на сон јавувајќи се, и млади момчиња од смрт си избавил преславно, викајќи му на царот јавно: Немој да им наштетуваш на овие млади луѓе, поради суетна завист наклеветани.

Троичен: Милостива биди кон мене, Сесвета Троице, Боже наш, кој со неизмерни прегрешенија го осквернив мојот живот: Отче, Сине, и Духу Живи, пазејќи ме неповреден од неволи, секогаш и од сите страни.

Богородичен: Богородице Приснодево, ти им даваш надеж за спасение на твоите слуги; чувај ги и помагај им со твоите брзи молитви и во неволи и во опасности, зашто ти си похвалата на нас – верните.

Катавасија: На Синот, роден пред вековите од Отецот нетлено, а во последно време воплотен од Дева бессемено – на Христа, нашиот Бог – да Му запееме: Свет си, Ти, Господи, Кој го издигна нашето достоинство.

Седален, глас 8.

Откако се искачи на висината од добродетелите и оттаму се озари со светлината на божествените чудеса, навистина се покажа како пастир на вселената, и наш непобедлив застапник во опасностите. Затоа преславно го победи непријателот, лагата ја протера, и луѓето ги спаси од смртта. Моли Го Христа Бога, Николае, да им даде прошка на гревовите на оние што со љубов го чествуваат твојот свет спомен.

Слава, друг седален, истиот глас:

Бездната на милоста од тебе направи река која изобилно излева исцеленија и неисцрпен извор на чудеса, свети Николае, бидејќи оние што страдаат од тешки болести и во животот се мачени од лути несреќи, навистина наоѓаат лек за секоја невола – твојата топла заштита. Поради тоа ти викаме: Моли се на Христа Бога, да им даде прошка на гревовите на оние што со љубов го празнуваат твојот свет спомен.

И сега, богородичен:

Како Дева и единствена меѓу жените која Го роди Бога по тело, сите човечки родови блажена те именуваме, зашто огнот на божеството се всели во тебе, и како дете Го доиш Создателот и Господа. Затоа ангелскиот и човечкиот род достојно го славиме твоето пресвето раѓање, и сложно викаме: Моли Го Христа Бога, да им дарува прошка на гревовите на оние што со вера се поклонуваат на твоето пресвето раѓање.

Песна 4.

Ирмос: Како жезол и цвет од коренот на Јесеја, од нас фален Христе, Ти си процветал од Дева – засенетата Гора; си дошол воплотен од немажена девојка, невештествени Боже! Слава на Твојата сила, Господи.

И самото вистинско повикување на твоето име, свети Николае, веднаш ги избавува од сите ѓаволски совети оние што топло ти се обраќаат; како што порано ги ослободи војводите, спаси нѐ и нас од секаква опасна невола.

Стоејќи пред престолот Божји, не престанувај да се молиш постојано за сите нас – твоите верни слуги, чудесен Николае, да се избавиме од вечниот оган, од непријателите, од лукав јазик и несреќа.

На сите што прибегнуваат кон тебе со вера им точиш исцеленија, и сите ги избавуваш од окови. Затоа нашата жалост во радост претвори ја, со твоите на Бога пријатни молитви, Николае пресветли, уривајќи ја горделивоста на нашите непријатели.

Троичен: Го почитувам беспочетното божество – Отецот и Синот и Сесветиот Дух, сетворечкото начело на сѐ: единствено, неразделно, секогаш делено во три лица или својства, единствено и неразделно царство.

Богородичен: Ти си навистина единствената почесна од земните и од небесните, Богородице, зашто во твојата утроба Го зачна Творецот и Го роди бессемено, облечен во материјално тело.

Катавасија: Како жезол и цвет од коренот на Јесеја, од нас фален Христе, Ти си процветал од Дева – засенетата Гора; си дошол воплотен од немажена девојка, невештествени Боже! Слава на Твојата сила, Господи.

Песна 5.

Ирмос: Како Бог на мирот и Отец на штедроти, Ти ни Го испрати Твојот Ангел на Великиот Совет, Кој мир ни дарува. Затоа, водени кон Светлината на богопознанието, од ноќта подранувајќи Те славиме, Човекољупче.

Градот Мир, најголемата митрополија, и ликиската епархија сега ги проповеда, отче, твоите чуда, и сите народи – твоите чудодејства, со кои, богоблажени Николае, сите ги избавуваш од болести и несреќи.

Николае, ти си хранител на вдовиците и татко на сираците, помошник на оние што се во маки, утеха на расплаканите, пастир и патеводител на сите заблудени. И сите нас, со твоите молитви, избави нѐ.

Од земјата си заминал кон небесните живеалишта, каде што ја гледаш неискажливата убавинаХристова, и на ангелите соговорник се покажа. Затоа, отче Николае, ликувајќи со апостолите и со мачениците, за сите нас непрестајно моли се на Господа.

Троичен: Јасно ги славам Трите собеспочетни, еднопрестолни, самовласни Лица на едното неразделно Божество, преку Кое, од непостоење бев приведен во постоење, јас кој со ангелите викам: Свет, Свет, Свет си, Господи.

Богородичен: Спасение на луѓето и надеж на сите, Пречиста, која на сите им помагаш и ги спасуваш, помогни ни и нам, кои сега ти викаме, и во тешки неволи секогаш те повикуваме, зашто, после Бога, немаме друга застапница, освен тебе.

Катавасија: Како Бог на мирот и Отец на штедроти, Ти ни Го испрати Твојот Ангел на Великиот Совет, Кој мир ни дарува. Затоа, водени кон Светлината на богопознанието, од ноќта подранувајќи Те славиме, Човекољупче.

Песна 6.

Ирмос: Морскиот ѕвер го исфрли Јона од својата утроба, каков што го прими; и Словото, Кое се всели во Дева и од неа прими тело, низ неа мина и, онаа што Го родила без да претрпи распаѓање, ја сочува нетлена и неповредена.

Се јави како нов Авраам, Николае, зашто Единородниот Син Му Го приведе на твојот Господ, принесувајќи постојано бескрвни жртви. Затоа си благословен како странољубец, отче, зашто си бил божествено и непорочно живеалиште на Света Троица.

Николае, ти правиш извонредни чудеса по целата земја, и на оние што се во неволи далеку по морињата им помагаш со твоите брзи молитви, јавувајќи се како лекар на болните, хранител на бедните, на верните луѓе што го носат твоето име – победа над непријателите.

Проникнувајќи во иднината со духовното око, со правилни учења ги исполни сите краишта на земјата; објавувајќи ни Го едносушниот Син со Отецот, си го уништил безумието Ариево, откако ги даде твоите образложенија, како столб на верата православна.

Троичен: Ја чествувам и почитувам Троица неразделена, секогаш во Три Лица делена, една по суштина и природа, како едно начело – Отецот и Синот и Светиот Дух, Која моќно владее со сите и одржува сѐ, преку Својата волја.

Богородичен: Откако целиот Христос Бог се воплоти во твојата утроба, Пречиста, се роди бессемено; оти, не можејќи да го гледа делото на своите раце, измачувано од лукавиот, дојде во облик на слуга, за да го избави родот човечки.

Катавасија: Морскиот ѕвер го исфрли Јона од својата утроба, каков што го прими; и Словото, Кое се всели во Дева и од неа прими тело, низ неа мина и, онаа што Го родила без да претрпи распаѓање, ја сочува нетлена и неповредена.

Кондак, глас 3.

Светителу, во градот Мир се покажа како вистински свештенодејствител: откако го исполни Христовото Евангелие, преподобни, ја положи душата своја за луѓето твои, и од смрт ги спаси невините; поради тоа се освети, како голем тајник на Божјата благодат.

Икос: Со песни да го прославиме сега пастирот и учител на луѓето од градот Мир, и со неговите молитви да се просветлиме, зашто целиот се покажа чист и духовно нетлен, принесувајќи Му на Христа жртва непорочна, чиста и на Бога благопријатна, како светител очистен и со душа и со тело. Поради тоа, тој е вистински застапник и бранитл на Црквата, како голем тајник на Божјата блгодат.

Песна 7.

Ирмос: Момчињата, воспитани во набожноста, заповедта на злочестивиот ја отфрлија и од огнената закана не се исплашија, туку среде пламенот стоејќи пееја: Боже на татковците, благословен си.

Отче Николае, ти се покажа како извонреден лекар на секакви тешки болести; исцели ја болеста и на душата моја, и дај ми добро здравје, за да пеам: Боже на татковците, благословен си.

Кога во она време ги избави од смрт војводите, ги поттикна со топла вера да Му пеат и да Го слават Спасителот Христа, и да пеат: Боже на татковците, благословен си.

Кога со твоите усни, отче Николае, таинствено се доближи до чашата на премудроста, и од неа нацрпа дождовни капки, од мед и од сот послатки, заповедајќи им на луѓето да пеат: Боже на татковците, благословен си.

Троичен: Те воспеваме Троице, едносушна трижсветла единице: Отче и Сине и Духу Свети. Крстени во нивно име, ние пееме: Боже на татковците, благословен си.

Богородичен: Богородице, бидејќи си повозвишена од сите твари, моли се на твојот Син и Бог, да се избавиме од маки ние што навистина те чествуваме и славиме: Боже на татковците, благословен си.

Катавасија: Момчињата, воспитани во набожноста, заповедта на злочестивиот ја отфрлија и од огнената закана не се исплашија, туку среде пламенот стоејќи пееја: Боже на татковците, благословен си.

Песна 8.

Ирмос: Оросената печка го изобрази натприродното чудо: зашто таа не ги изгоре младите момчиња што ги прими, како што ни огнот на божеството не ја изгоре Дева, во чијашто утроба влезе. Затоа весело да запееме: Сета твар да Го благослови Господа и да Го превознесува во сите векови.

Хоровите од патријарси и апостоли, и соборот на свештомаченици, и дружината од пророци, сиот собор на испосници, го слават твоето божествено житие, а со нив и ние пееме: Сета твар да Го благослови Господа и да Го превознесува во сите векови.

Највисок и најмоќен Цару на сите, по молитвите на преподобниот пастир, смири го, Слове, животот на сите христијани, помагај му на благоверниот народ наш во борбата против сите непријатели, та со нив, Христе, и ние да Ти пееме: Сета твар да Го благослови Господа и да Го превознесува во сите векови.

Откако се просветли со непристапната светлина, отче, ги озаруваш душите на оние што се во неволи, растурајќи ја сета мрачна темнина на искушенијата и со радост осветлувајќи ги срцата наши. И ние, просветлени со далечната светлина, пееме: Сета твар да Го благослови Господа и да Го превознесува во сите векови.

Троичен: Живот и Животи, и Една и Три Светлини, верно ја воспеваме Троица (Света), вистински следејќи ги учењата на божествените отци: за Отецот и Синот и Светиот Дух.

Богородичен: Чудо необично! Капината што некогаш на Синајската Гора гореше, а не согоруваше, беше праобраз на тебе, Чиста Отроковице, зашто Огнот на божеството, Кој се всели во тебе, те сочува неповредена. Него ние Го воспеваме во сите векови.

Катавасија: Оросената печка го изобрази натприродното чудо: зашто таа не ги изгоре младите момчиња што ги прими, како што ни огнот на божеството не ја изгоре Дева, во чијашто утроба влезе. Затоа весело да запееме: Сета твар да Го благослови Господа и да Го превознесува во сите векови.

Песна 9.

Ирмос: Гледам необична и преславна тајна: небото (станува) пештера; Дева (го заменува) херувимскиот престол; јаслите се сместувалиште, во кои легна несместливиот Христос Бог, Кого, пеејќи Го величаме.

Сите празникољупци, духовно да ликуваме; небеса – веселете се; гори и височинки, цркви и собори од девици, светли испосници, собрани во спомен на себлажениот (Николај), да Го величаме Спасителот.

Сите краишта на земјата нека пеат песни непрестајно, со пофални венци украсувајќи ја главата Николаева, угодникот на Христа Бога. Преку неговите молитви и ние да се избавиме од нашите страсти и од опасности.

Прими ја оваа песна, Николае, како достојна за тебе; прифати го овој мој беден говор, како што Христос ги прими двете лепти на вдовицата; не презирај ме мене несреќниот поради моите страсти, оти ова што се обидувам да го правам не е од горделивост, туку од љубов кон тебе, трижблажени.

Троичен: Света Троица се соединува преку едносушната волја, а неразделно се дели по Лица, запазувајќи ја секогаш моќта: Отецот, Синот и Живиот Дух, еден триипостасен Бог, Кого што ние Го величаме.

Богородичен: Богородице чиста и безбрачна, со твоето раѓање се уништи секоја тага, зашто Господ отстрани секое редење и плач, и секоја солза од секое лице на луѓето: ние својот долг кон тебе го исполнуваме.

Катавасија: Гледам необична и преславна тајна: небото (станува) пештера; Дева (го заменува) херувимскиот престол; јаслите се сместувалиште, во кои легна несместливиот Христос Бог, Кого, пеејќи Го величаме.

Светилен.

Сите ние да го прославиме големиот архипастир и јерарх, архиепископот мирликиски Николај, зашто спаси многу луѓе кои требаше неправедно да умрат: тој му се јави на сон на царот, како и на Авлавија, да ја поништи неправедно донесената пресуда.

Слава: Господ многу те прослави со чудеса, и за животот и по смртта, јерарху Николае; оти, има ли некој што со вера го призвал твоето свето име, а веднаш да не бил услишан, наоѓајќи го твоето топло застапништво?

Исега, богородичен:

Пресвета Дево, откако ја роди ипостасната Мудрост и вечно Слово, и лекарот на сите – Христа, исцели ги тешките, долготрајни и гнојни рани на душата моја, и страсните помисли на срцето мое умртви ги.

Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, Септември – јануари (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).

– Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.

Подготви: Светланка Трајчева