Прекрши го лебот свој, и дај на сиромасите.

Не даваш свое; Бог затоа ти дал во изобилство, за да дадеш и на другите.

Доволен ти е насушниот леб, како што си научен во молитвата; затоа не собирај си слама за огнот и маките.

Гледај, Господ ти ветил дека ако даваш на сиромасите, уште во овој век ќе ти возврати триесет, и шеесет пати повеќе, а во идниот век ќе те награди со живот вечен.

Блажен е оној кој го прекршува лебот свој, и го дава на сиромасите, – за него се радува Христос и ќе го награди со Царство Небесно.

Блажен е оној, кој ги облекува голите, – тој ќе биде облечен во риза на Царството и ќе се возвесели некогаш во светла одаја.

Блажен е оној што се грижи за сиромасите, вели Давид, затоа што во кобен ден ќе го избави Господ (Пс. 40, 1), то ест, во последниот ден ќе го спаси и ќе го избави од геената, маките, и од црвот кој подјадува и не умира.

Само обрни внимание на тоа, што Спасителот наш ни вели во Своето Божествено Евангелие:

дојдете, благословени од Мојот Отец, примете го своето блаженство, живот и утеха;

зашто гладен бев, и Ми дадовте да јадам;

жеден бев, и Ме напоивте…

странец бев, и Ме примивте…

во затвор бев, и Ме посетивте (Мт. 25, 34-34).

Свети Ефрем Сирин