Не треба во никој случај да ја отфрламе молитвата “Пресвета Богородице, спаси нас”, бидејќи пеејќи и воспевајќи ја со уста и срце, ние не бараме од Пречистата Владичица да нè спаси по сопствена сила и власт и по природно право, како што погрешно мислат некои, туку исползувајќи ја Својата бескрајна мајчинска доверба кон Бог Слово, Кој зел плот од Нејзината плот, преку Своите топли молитви помага да го спечалиме на крајот спасението во Христа и да се избавиме од вечната смрт.

ПРАВИЛНО ЛИ Е ДА КАЖУВАМЕ „ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦЕ, СПАСИ НАС“?

Автор: архимандрит Епифаниј Теодоропулос

Мој пријател, свештеник, сретнувајќи ме пред неколку дена, ме запраша:

„Не мислиш ли, брате, дека тоа што го кажуваме во нашите богослуженија – „ Пресвета Богородице, спаси нас“, не е правилно и треба да биде премавнато или подобро да биде целосно заменето во „Пресвета Богородице, моли се за нас“?

Тоа, второто е разбирливо, доколку нашата Света Црква го прифаќа призивот на застапништвото на светиите, но првото ? Кој може да спаси, освен Господ? Нели е Самиот Тој, Кој „…ќе го спаси народот Свој од неговите гревови.” ”(Мат. 1:21).

Не е ли несоборлива вистина дека “во никого друг нема спасение; бидејќи под небото нема друго име, на луѓето дадено, преку кое мора да се спасиме “(Дела. 4: 11-12).

Како така повикуваме Богородица да нè спаси, откако спасението е исклучително сопственост и право на Воплотениот Логос?

Бидејќи е можно и други да имаат исти сомнежи, сметав дека е умесно она што му го одговорив на оној благоговеен свештеник, да го споделам и на страниците на весникот. „Парохија”, за просветување на неупатените и, евентуално, соблазнетите браќа. И така:

Глаголот “спасувам” (σῴζω) во општа смисла означува – запазувам, чувам, оддржувам, избавувам, „извлекувам” некого од некакво зло, опасност и слично.

Поконкретно, во христијанскиот домострој [1] означува – ослободувам некого од казната што му припаѓа, се заземам за простување на неговите гревови, го премавнувам растојанието помеѓу него и Небото и му го обновувам неговото древно достоинство, односно вподобувам пак како син Божји и жител на Неговото божествено Царство.

Сето ова ни го обезбедува навистина само Господ Исус. Никој друг, освен Него, не може да ни даде простување на гревовите, помирување, восиновување и наследување на Царството.

Овие работи произлегуваат од крстната жртва на Голгота и се обезбедени на секој од нас од Господа, преку воспоставените од Него божествени тајни на Црквата. Затоа, само Господ спасува, само Тој е извор на нашето спасение, само Тој стана за нас „причина за вечно спасение” (Евр. 5:9).

Но, сите зборови, освен основното значење, имаат или можат да имаат и други, секундарни и преносни.

Глаголот „спасувам”, исто така, не претставува исклучок од ова правило. И тој, освен главното значење, има и друго, второстепено и преносно.

Во првиот случај означува дека тој што спасува го обезбедува сам спасението, дека дејствува ipso jure, односно по своја власт и сила и по сопствено право.

Во таа смисла, глаголот може да се употребува само од и за Господа.

Во вториот случај, меѓутоа, означува дека некој не го обезбедува eo ipso спасението, туку дека просто води кон него, помага за него, станува инструмент на спасението, инструмент на спасението станува, не затоа што спасува, а бидејќи укажува на Спасителот, Кој не е друг, освен распнатиот и воскреснатиот Исус.

Причина и источник на спасението е само Господ Исус, додека инструмент и соработник за него може да стане секој верник.

И така, кога глаголот „спасувам” се употребува од или за некој човек, немаме предвид дека овој човек сам по себе спасува, дека е суштински спасител и Искупител и дека го укинува или го заменува единствениот Спасител и Искупител Исус, а дека само содејствува за спасението во Христа на еден или друг грешник, односно станува причина грешникот да отиде кај вистинскиот Спасител и да го добие од Него спасението.

Начини преку кои човек може да содејствува за спасението на некој друг, се:

топла молитва за него, христијански совет или поука, обезбедување на верска литература и особено на Светото Писмо, дури и едноставниот поттик за слушањето на една проповед, обезбедување на морална или материјална помош, воопшто – прикажувањето на длабоко христијанско однесување – сите овие, а и други работи може да бидат (и многу пати биле) начини и средства преку кои грешникот бива доведен до барање на спасението во Христа.

За да не каже некој дека погрешно правиме разлика во значењата на глаголот „спасувам” и самоволно тврдиме дека тој не значи само „го обезбедувам сам по себе спасението”, но и дека „едноставно води до обезбедување спасение од друг”, ќе дадеме докази од самото Светото Писмо, каде глаголот се користи и на тој начин (т.е. во второ значење).

Еве некои од нив:

1. Кога Божествениот Павле зборува во Посланието до Римјаните за Јудејците:

„ …та некако да возбудам ревност во својот род по плот и некого од нив да спасам. (Рим. 11:14)“, што има предвид?

Дека ќе ги спаси сонародниците сам по себе дека е навистина нивен спасител и избавител или дека едноставно се обидува да ги побуди и да ги одведе до окрвавениот Крст на Голгота, од кадешто само произлегува спасението?

2. Кога вели пак: „За сите станав сè, та по каков и да било начин да спасам некого. (1 Кор. 9:22)“, што има предвид?

Дека ќе спаси по сопствена сила и привилегија или дека едноставно ќе ги приведе верниците до Христа, Кој може да спасува?

За причина на спасението се смета ли тој себеси или за прост инструмент и соработник?

3. Кога пак се обраќа на Тимотеј:

„Пази на себе и на учењето; биди постојано во тоа, оти, ако постапуваш така, ќе се спасиш и сам и оние што те слушаат.“ (1 Тим. 4:16), се смета ли Тимотеј себе за вистински спасител на себеси и на своите слушатели или посочува начин преку кој тој едноставно ќе содејствува за добивање на подаденото од Христа спасение?

4. Исто така, кога го советува сопругот, кој има неверна жена и сопругата, која има неверник маж, да не ја избрка неверната своја половина (ако „е согласен да живее со неа”) и прашува:

„Оти, од каде знаеш, жено, не ќе ли го спасиш ти мажот? Или од каде знаеш, о мажу, нема ли да ја спасиш ти жената? (1 Кор. 7: 12-16), дали ги смета за вистински спасители или едноставно за соработници на единственото спасение во Христа, за обични инструменти, способни да доведат до Него?

5. Исто и кога св. Јаков, брат Божји, вели дека „кој обратил грешник од лажниот пат ќе спаси една душа од смрт”, дали има предвид спасение, што произлегува и се обезбедува од самиот човек или дека тој само ќе содејствува, ќе помогне грешникот да го задобие спасението во Христа и следствено, да ја избегне очекуваната вечна смрт?

6. И кога Божествениот Јуда укажува на верниците:

„И така разликувајќи ги, едни милувајте, а други со страв спасувајте, истргнувајќи ги од оган и изобличувајќи ги со страв и гнасејќи се од облеката, испоганета од телото.” (Јуда: 22-23), дали ги смета верниците за причина и извор на спасението или за едноставни инструменти и соработници на спасението на грешниците во Христа и само во Христа?…

Не треба во никој случај да ја отфрламе молитвата „Пресвета Богородице, спаси нас”, бидејќи пеејќи и воспевајќи ја со уста и срце, ние не бараме од Пречистата Владичица да нè спаси по сопствена сила и власт и по природно право, како што погрешно мислат некои, туку исползувајќи ја Својата бескрајна мајчинска доверба кон Бог Слово, Кој зел плот од Нејзината плот, преку Своите топли молитви помага да го спечалиме на крајот спасението во Христа и да се избавиме од вечната смрт.

Оттука, молитвите „Пресвета Богородице, моли се / застапувај се за нас” и „Пресвета Богородице, спаси нас” во суштина воопшто не се разликуваат. Бидејќи при првата, молитвите на Богородица, кои ги повикуваме, не се однесуваат на друго, освен за постигнување на спасението во Христа; а во вториот, кога велиме „спаси нас”, ова не се однесува на друго, освен до усрдни молитви, преку кои Таа може да содејствува и помогне одново за постигнување на нашето спасение во Христа.

Во „Енорија”, бр. 253 од 01.05.1958 г.

Преведе: Мина Даниловска