Јорданската пустина е сурова. Таа не е покриена со песок како Сахара, а е посеана со голи карпи. Тие под топлото сонце се загреваат и станува
неподносливо жешко. Тука и таму можете да видите грмушка што раѓа диви
плодови. Има многу диви пчели кои даваат сладок мед. Нема друга храна.

Таму се населил Јован Крстител, познат како пророк на покајанието. Тој
избрал една длабока пештера и минувал во неа, дење и ноќе во пост и молитва.

Еден ден слушнал детски плач. Многу се изненадил. Како е можно дете
да дојде во тоа пусто место! Го побарал. Пред него застанал растреперен малиот Симон. Тој бил многу палаво дете. Се одалечил во игрите од селото и се збунил, бидејќи наскоро се стемнувало. Ја изгубил вистинската насока. Залутал сé повнатре во пустината.  Пророкот го смирил и успокоил, го нахранил со див мед и го примил да преноќева во неговата пештера. Му послал кожена облека. Премален од замор и страв, откако се опуштил Симон слатко заспал.

Следниот ден Јован го испратил на брегот на реката Јордан. Симон се вратил во домот. Толку добар човек никојпат не сретнал. Од него чул топли зборови, коишто го направиле послушен и милостив. Заправо, Симон станал поинаков. Сите се чуделе на неговата промена кон добро. А Јован продолжил да живее во пост и молитва. Тоа го правел за да си ја исчисти душата. Чистиот човек ги сака сите луѓе и сака да им помага. А Јован сакал да им помага на луѓето да ги изостават гревовите и да се подготват да го пресретнат Спасителот Христос.

Така поминал долговреме. Доаѓале пред пештерата диви ѕверови, но не му наштетувале, зашто тој беше чист како ангел. Но, требаше веќе да започне
отворено да проповеда. И тој слегол до брегот на реката Јордан. Таков човек дотогаш никој не видел. Јован бил слаб, исцрпен од долгиот пост, но молитвата го направила толку чист што неговото лице сјаело во чудесна привлечна светлина а неговите зборови ги загревале и ги преобразувале душите. Тој ги поучувал луѓето на покајание. Неговите зборови паднале како дождовни капки во срцата исушени од гревовите. Толку силно продејствувале што богатите станувале милосрдни. Тие ги одврзувале своите кесички и раздавале на сиромашните. Од со години скарани соседи се опростувале и заживувале во разбирање. Во големи групи започнале да доаѓаат на бреговите на Јордан.

Симон дознал дека добриот пустиник е во близина. Тој ги собрал другарчињата и го побарал. Го нашол во погодно време. Требаа да бидат сами. Работата била сериозна. Симон прв прозборувал.

– Ние дојдовме да се покаеме, но не знаеме како тоа се случува.

Јован ги погалил со топол поглед и со радост им рекол:

– Вие веќе сте добри деца, штом сте решиле да се покаете за своите лоши постапки.
Првиот чекор е направен, а тој е најважниот.

Разговорот бил многу пријатен. Се охрабрил и малиот Лука.

– Јас еднаш, кога бев кај соседите, ми се допадна една стомна и ја зедов. А откако ме запрашаа од каде сум ја зел, реков дека ја најдов на улицата.

– Овој грев е двоен, крадење и лажење. Но, штом се каеш и ветуваш, дека никогаш нема да го повтораш, душата ти е очистена – кажал Јован.

– Јас еднаш го излагав татко ми дека не сум бил заедно со децата кои направија голема пакост, за да не ме искара –  си призна Јаков.

На крајот, Симон, како најблиску до пророкот и повеќе просветлен од другите, рекол:

– Сите велат, дека откако се вратив од пустината, сум станал многу добар. Не правам ништо лошо, но чувствувам дека имам потреба од покајанието. Кога го гледам другарчето дека има сè, бидејќи татко му е богат, нешто темно се собира во мојата душа. Што е тоа, не знам, но сакам да го исфрлам, ме боли и ме измачува.

– Тоа се нарекува завист – рече пророкот. Бегај од неа! Внимавај на мислите. Коренчињата на сите гревови започнуваат од лошите мисли…

Децата се вратиле радосни и започнале да прават добро. Многу се вознемириле кога слушнале дека пророкот е затворен во страшниот махеронски затвор, кој бил вдлабен во една голема карпа. Но Симон ги успокоил:

– Не се вознемирувајте. Пророкот е храбар и е навикнат да живее во камени
пештери. Неговата пештера е многу длабока. Јас сум спиел во неа…

Децата го слушнаа раскажувањето на Симон кое им се чинеше како бајка. Но тој сето тоа го доживеал и го видел со очите.

Овие добри деца беа првите најмали ученици на Пророкот на покајанието.

Монахиња Валентина (Друмева)

Извор: sveta-gora-zograph.com

Повеќе ...