За жал денес многу жени не знаат што значи тоа, да принесеш една просфора. Повеќето трчаат во соседните пекари, купуваат просфора и ставајќи ја во едно ќесе, ја носат во црква. Не знаат дека просфората ја символизира Пресвета Богородица и онаа што ќе ја подготвува, како друга света Ана ја носи во црква. Таму ја прима свештеникот, како друг Јосиф, како да ја прима Богородица и ја поставува на проскомидијата, на новиοт Витлеем. Потоа свештеникот ја принесува, значи вади од просфората едно квадратно парче на кое пишува ИС ХС НИ КА (ΙΣ ΧΣ ΝΙ ΚΑ – Исус Христос победува) коешто Го символизира Христа и се нарекува „Агнец“ (Јагне). Потоа свештеникот ја вади честичката на Богородица, во чест и спомен на Богомајката на кое пишува ΜΘ (Μήτηρ Θεού – Мајка Божја) и се наоѓа точно лево од печатот. Ја поставува десно од телото Христово врз дискосот, од почит. Потоа ја вади честичката на небесните сили, ангелите и архангелите, која се наоѓа лево од агнецот и има девет мали триаголници, деветте чинови на ангелите. Потоа и другите честички во чест на Претечата, пророците, апостолите, на светите маченици и исповедници, на светителот што се празнува во тој ден и на светиот Златоуст или Василиј Велики, според тоа чија литургија се служи. Сите овие честички се поставуваат лево од агнецот.

Останатиот дел од просфората е символ на „девственото тело“ на Пресвета Богородица, и откако ќе биде благословено од свештеникот се употребува како нафора.

Просфората е сочинета од три состојки: брашно со квасец што ја претставува душата, вода што го претставува крштението и сол што го претставува учењето на Господ кон Неговите ученици: „Вие сте солта на земјата“.

На крајот свештенослужителот вади честичка за архиерејот или игуменот (игуменијата) на монашката обител, доколку литургијата се служи во манастир, и честичка за оние кои ги принеле тие дарови, за христољубивиот народ, за парохјаните, за ктиторите, и на крајот за нашите упокоени ближни. Овие честички ги положува пред Телото Христово, бидејќи се принесуваат за нас смирените, кои се надеваме во милоста и човекољубието Божјо.

Просфората е округла, зашто ја претставува беспочетноста и бескрајноста на Бога.

Подготовка на просфората

Просфората ќе треба да се закваси со квасец којшто обично благочестивите жени го „зафаќаат“ со босилек од денот на Воздвижението на Чесниот Крст (Крстовден). Замесувањето ќе треба да се прави на чисто место и во садови (вангла, тепсии, крпи и др.) кои ќе се употребуваат само за таа цел. Тие садови треба да бидат потполно чисти, но чиста треба да биде со телото и со душата и жената која ќе ја меси просфората.

Пред да почнеме со замесување, ја прекрстуваме три пати ванглата, но и во текот на месењето треба да се молиме кажувајќи ја спасителната Исусова молитва: „Господи Исусе Христе, помилуј ме мене грешната“ или други молитви за да се задржи умот прикован за ова свештено дело на подготовка на просфората.

Почнувајќи, го раствораме квасецот, откако сме го извадиле одвечер од фрижидерот каде што го чуваме, во една чаша со студена вода додека да стане една мека каша. Во зависност од тоа, колку просфори сакаме да замесиме, го раствораме квасецот во ист број чаши со студена вода (една просфора соодветствува на една чаша студена вода, две просфори на две чаши итн.).

Потоа, откако ќе ставиме малку сол, го истураме полека полека во кашата (смесата од квасец и вода) брашното (остро жолто пченично) колку што треба, додека да стане тестото тврдо.

За секоја просфора подготвуваме една округла топка од тесто (можеме да направиме две помали топчиња и да ги залепиме една врз друга). Го притиснуваме печатот насреде, откако претходно ќе го ставиме во брашно и ќе го истресеме добро. Внимателно го вадиме печатот и правиме дупчиња на просфората околу печатот и на четирите агли од ИС ХС НИ КА. Откако ќе нарасне на топло место додека да се удвои големината на тестото, ја печеме на температура од околу 200 степени околу еден час.

Штом ќе завршиме, ги миеме садовите што ги користевме со сунѓер само за таа намена.

На што треба да внимаваме?

Квасецот да биде топол во сите етапи од подготовката на просфората;

Пред да ги ставиме просфорите во печка повторно правиме дупчиња на истите места кои ги направивме пред да ги ставиме да нараснат;

На дното од тепсијата ставаме малку брашно за да не се залепи просфората;

Пред да ја носиме во црква ја обвиткуваме во посебна чиста крпа;

Не забораваме да зачуваме малку квас за наредниот пат, во посебен сад;

Внимавајте на печатот, зашто распространети се многу несоодветни. Да биде со јасни букви, како што е покажано на фотографијата и да бидат длабоко издлабени.

Превод од грчки јазик:

Ѓакон Јани Мулев

Наслов на изворникот:

ΠΡΟΣΦΟΡΟ,

Η σημασία καί ο τρόπος παρασκευής του,

Μοναχική Εκφραση,

Μαϊος-Ιούνιος 2004